Владимир Костов (Битола, 22 септември 1932 – Битола, 3 јануари 2023) е еден од најмаркантните писатели во македонската книжевност со битолско потекло. На книжевната сцена во Македонија дебитираше со романот „Лица со маски“ во 1966 година. Подоцна ги објавува романите „Свадбата на Мара“, „Учителот“, „Нов ум“, „Црквичето Четириесет маченици“, „Игра“ (раскази), „Грешниот Захарија“ (новели), „Тестамент“ (новели) кои го свртеа вниманието кон книжевната критика и есеистика, а истовремено е окупиран и читателскиот аудиториум.

Издвојуваме дел од највпечатливите цитати од неколку негови дела.

308014068 10160358832523679 3008387177287986743 n

НОВ УМ

Среќата од добиеното не може да се рамни со среќата од даденото и нема со неа ништо заедничко. Првата е силна, егоистична среќа, втората е голема и возвишена.

Зар силните умираат?! Да, тоа е така во овој свет. Овој свет е свет на слабите. Во него тие се силни, а силните слаби.

Филозофот треба да го пронајде коренот на тоа зло, а народната власт да го пресече. Значи правилно да се постави проблемот и да се реши. Да се каже, како математиката што кажува: А плус БЕ рамно е на РОБ. БЕ плус ЦЕ рамно е на СЛОБОДЕН ЧОВЕК. Тоа се според мене вистинските проблеми на филозофијата. Да ги изнајде формулите на богатиот и на сиромавиот, на ситиот и на гладниот, на бироктатот и чесниот работник, на егоистот и херојот.

Не знам зошто, но верувам дека е важно! Не може сѐ да се знае. И колку еден човек може да знае! Важно е да се верува. Тоа е важно! Сѐ знаат оние што најмалку или ништо не знаат…

Не е зло што не верувате во Бога – му одговори. – Туку што не верувате во луѓето, што не ги почитувате и не ги сакате. Ако ги сакате нив, и Бог ќе го сакате. Зошто да стоите на сонце! Впрочем, нема да ве задржувам многу. Таман колку што е потребно да ви докажам дека не сум луд. А тоа е толку јасно колку што е јасно постоењето на Бог. Дека тој, пак, постои, ќе се уверите ако фрлите една семка во земјата. Тогаш пред вашите очи ќе се случи чудо: семката ќе се претвори во дрво што раѓа плодови. Тоа чудо е Бог.

Инаку е ужасно да се живее со мислата за смртта, а без смисла за Бог! – додаде потоа. – Бесмислен, празен и ужасен е животот со неа, а без Него! Слатко е и лесно е со Него да се живее, слатко и лесно е со Него да се умере. Со Него всушност и не се умира. Тој што верува не умира! Умира тој што не верува! Ние сме семе кое сејачот го фрла во безброј семки. Сите тие ќе згнијат, но само оние што ќе најдат плодна почва ќе се преобразат во живот и ќе донесат стократен плод.

Од минутата кога се откинува од срцето мајчино, човекот сам е.

Ние отсекојпат во фамилијата сме биле гробари. Мојот дедо, и тој гробар, ми кажуваше дека дедо му нему му кажувал за неговиот дедо дека бил гробар. Значи седум-осум колена наназад. А сигурно и пред тоа. Сигурно отсекојпат… Та ви велам преблагодарен му сум на најмалиот внук што ме почу и го продолжи занаетот. Сега скоро, како што ви кажав, го закопа овде и последниот грнчар. Закопувајќи го него, со него го закопа и грнчарскиот занает во нашиот град. И така, умираат не само луѓето, туку и занаетите. Вечен е само гробарскиот занает. Додека ќе има луѓе, ќе има и такви што ќе им го бришат ликот од лицето на земјата…

Така, значи едно зборував, а друго гледав дека се случува пред моите очи, гледав дека работите по тие прашања одат во друга, спротивна насока. Гледав како човекот, агресивно животно, наместо да се спитомува и да се облагородува, тој се усовршува во својата агресивност, дека не толку сиромаштијата а материјалното богатство од кое сѐ повеќе доаѓа, го прави полош и полош. Тоа го гледав, – техниката оди напред, а моралот назад – но се преправав дека не го гледам за да можам во кариерата  јас  да одам напред.

Неговата необична идеја ја сфаќаше како израз на неговата желба сосема да раскине со еден живот и да почне нов. Тој ги зеде неговите граѓански алишта и, додек М. ги облекуваше работничките, го направи од нив плашилото. Изнајде два прата, ги прекрсти, ги врза со тел и го навре на нив граѓанскиот костум на Методија со шапката згора. Плашилото го постави насреде бавчата.

Свадбата на Мара

На чело на поворката важно чекори Петелко. Со своите жолти нозе тој гази цврсто, отсечно, како по такт на барабан, како капелник на банда. Многу често ја врти главата де налево, де надесно, салутирајќи им на собраните луѓе по улицата; ама не помалку и за да си створи можност да ја мафта кикиритката, цела педа и повеќе голема, црвена – крв. Лево и десно од него, малку поназад потскокнуваат по два зајаци. Тука во близина е и малиот Ушко. Тој ја нарушува симетријата. Но нему никој не смее да му забележи зашто е љубимчето на Мара. Токму над младоженците, многу ниско над нив, да можеш со рака да го дофатиш е штркот Силјан. Тој бавно и достоинствено мафта со крилјата и штрака со клунот. Над него кружат десеттина ластовици; под него, точно околу шапката на Мара, како околу кошара, зуи рој пчели. Кога уште од далечина ќе се чуе звук – како звук од млазни авиони – пчелите се поделуваат на две групи и се тргнуваат настрана; тогаш формацијата од дванаесет бумбари – оние што си ги отправаа крилјата – брмчејќи, со сета сила прелетуваат сосем над главите на младоженците. Својот стрмоглавечки лет тие го повторуваат многупати.

Учителот

Човекот не е оној што јаде, пие и раѓа, туку оној кој, освен тоа, мисли, се бори и создава.

Ако книгата не е необична, не е книга.

Денес, навистина, многу се зборува, – и се пее – но нема што да се чуе.

Црквичето

Колку човек повеќе знае, толку и верата ќе му биде посилна. Ако, пак, човекот знае, а нема вера, подобро е да не знае, зашто неговото знаење ќе се сврти против него.

Љубовта не е за слаби луѓе – љубовта е револуционерно чувство.

Да се биде беше нивниот идеал. А сега идеалот им е да се има.

И како тој што читаше не заради напишаното во весниците, туку заради премолченото…

За да се напише добра книга, потребно е да се има не само дарба, туку и чувство за правда и љубов за вистина.

Книгата може да се напише и со помалку дарба, но не и со помалку љубов за вистината.

Подготви: Биљана Т. Димко

meblo trejd alati
Едни од најубавите места на светот кои треба да се видат
Нека вашиот ум талка до најубавите места во светот. Во продолжение ви …
Внимателно со зборовите, секој збор има своја вибрација
Текстов  прочитајте го насамо и во себе, размислете, па потоа како вам …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Чај од ловоров лист за кашлица и воспалено грло

Ловорот се користи во третман на дигестивни и кардиоваскуларни нарушувања, гихт и…

„Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, актуелна реалност на Македонците, 84 години од првата изведба

Во 1938 година првпат беше изведена драмата „Парите се отепувачка“ од Ристо…

Ново детско катче во Битола – Игротека Jungle fun

Битола доби уште едно катче наменето за најмилите – Игротека Jungle fun…

За лицемерното смирение…

Покрај вистинското смирение постои уште и лажливо смирение. Тоа е суетното “смирение”,…