Сакам разочарувања. Зошто? Затоа што тоа е моментот на отрезнување. Моментот кога реалноста ви го задава последниот удар. И откако таа шлаканица добро ќе ве отрезне, станувате свесни дека не сте сакале да ги препознаете знаците кои цело време алудираа на она што ќе се случи. Ама не. Ние сакаме да си фантазираме и да се надеваме.
А цел живот се надеваме. Се надеваме на подобро. Се надеваме дека некој ќе се промени. Се надеваме дека условите за живот ќе бидат подобри. Се надеваме дека некој преку ноќ ќе стане добар. Или пак преку ноќ ќе престане со пороците. Се надеваме дека кога тогаш ќе почнат да го ценат она што го правиме. Се надеваме на пристоен живот без сплетки, ситни души, лоши луѓе, подмитувања, зделки, условувања, закани, живот без немир и постојан трепет…(секако ова не важи за егоцентричните, себевозљубени нарциси, драмата за нив е како најсладок нектар, а зборот пристоен не постои во нивниот величествен речник).
И…што добиваме? Епа, тука е грешката. Ова не е вистинското прашање. Треба да се запрашаме – што даваме? Затоа што, секој дава она што го има. И, нели, согласно тоа, секој себеси во другиот се гледа. Ако јас некого не почитувам, следствено ќе мислам дека и тој не ме почитува. Иако сите негови постапки укажуваат токму на спротивното, сопствената злоба го помрачува умот трезвено да размислува и да ја согледа реалноста. И тогаш целта е постигната. Доволно е да постои само едно зрно зло во вас. Сé после тоа е полесно. Ама не за вас.
Колку повеќе бараме, толку повеќе ништо не ни е доволно…
А замислете што ќе се случи сите ние наместо да бараме, прво да се запрашаме што можеме да дадеме? За почеток да почнеме да даваме смирение, па трпение, можеби и одмереност…некогаш може да дадеме многу само со воздржание… Којзнае, можеби овие утописки размисли би се оствариле некогаш и негде…
За да повредиме некој треба многу малку, но за да поправиме нешто и да пробаме да го вратиме назад, треба многу повеќе. Тешко е да ги измериме зборовите ако никогаш претходно не сме ги мереле. Тешко е да ги препознаеме нашите неправедни постапки, ако себеси само како праведници се гледаме. Ако не сакаме да ставиме кочница, суетата секогаш пред нас ќе трча, заедно со незауздливата горделивост по слатките никогаш-незасладувачки гревовни плодови…
Ете затоа разочарувањето не е лошо. Тоа значи дека сте се освестиле. Тоа значи дека конечно сте прогледале. Треба само да се проголта мачнината која ја носи вистината. Како да сте голтнале жилети. И тогаш бурата од емоции ќе се смири. Сé ќе стане јасно како ден. Како прво утринско вдишување на воздухот после целовечерен дожд. Тоа беше само уште една црта плус на вашето срце.