Оваа 2025 година, Гимназијата „Јосип Броз –Тито“- Битола одбележува 80 години од првиот час одржан на македонски јазик. Ова училиште претставува вистински феномен и кога се разгледува како објект – градба и секако како место каде дел од своето образование го поминале слободно може да се каже најпризнатите интелектуалци во Македонија. Има интересен факт дека ниедна влада на Македонија не е формирана, а без притоа во неа да нема ученик од прочуената Битолска Гимназија, која во зависност од исторски прилики и состојби била именувана со различни имиња, а од 6 февруари, 1945 година, кога се одржал првиот час на македонски јазик, а воедно и започнала наставата на македонски современ јазик, оттогаш непрекинато, веќе 80 години Гимназијата е едно од напризнатите средни училишта на Балканот.
Во Гимназијата учеле народни херои кои подоцна го положиле животот на олтарот за слобода за Македонија, но и значајни македонски културно – научни дејци кои се значајни за цела Македонија.
Битолчани народски Гимназијата си ја викаат „Горната“ – со оглед на тоа дека во Битола има уште една Гимназија, во склоп на СОУ „Таки Даскало“ кое е лоцирано во центарот на градот.
Од самиот почеток од кога е издадена образовна дозвола, во далечната 1892 година, кога Гимназијата почнала да работи како нижо училиште (тогаш зградата била во сопственост на битолскиот бег Сали паша) – до денес е позната ширум Балканот како една од најквалитетните образовно – воспитно установи која ги следи непрекинато европските и светските трендови на формално образование.
Не може да се занемари ни фактот дека е едно од најубавите и најзначајните архитектонски зданија – кои ги има Битола, училишната зграда е вистинска убавица лоцирана во строгото градско јадро на Булеварот 1 Мај покрај реката Драгор.
Во моментот, на чело на СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“ е м-р Лидија Споа, која доаѓа од редот на наставно – стручен кадар. Гимназијата во полн ек се подготвува за големата прослава за Јубилејот 80 години настава на современ македонски јазик 1945 -2025.
Јубилејот ќе се одбележи со цело неделна проограма, почнувајќи со настанот на:
3 февруари во 18.30 ч. во Галерија „Ранко Струмениковски“ – „Создавам – значи постојам“ (изложба илустрации од македонски книжевни дела од средношколците и читање на наградените творби од распишаниот литературниот конкурс) во од менторство на професорите: Биљана Т. Димко, Александар Поповски, Димче Солаковски и Сара Груеска.
4 февруари во 12 ч. ќе биде поставена изложбата „Портрет – изложба“ на ученичката Андреа Ресановиќ, а во 20 часот во Магазата ќе биде поставена изложба „Историски осверт на автори и уметници кои предвале или биле ученици во Гимназијата во организација на професорите и ликовни уметници Александар Поповски и Димче Солаковски.
5 февруари премиерно ќе биде прикажан уметничко – документарниот филм „Неговиот глас“ во насловни улоги доајенот на битолското драмско глумиште Борис Чоревски и ученикот Борис Граматковски, под менторство на проф. Никола Трајковски, а во 20 ч ќе биде прикажан уште еден филм „Прекршени времиња“ под менторство на проф. по класични јазици Софија Бејковска.
Јубилејната програма ќе биде заокружена на 6 февруари од 19 ч. со Свечена академија и театарската претстава „Експериментум Македоникум“ под менторство на професорите Даниела Петревска и Симона Петровска.