Репортажа на Маја Богоевска
Кога се доближувате до него, ви се јавува некој немир. Иако во раните утрински часови, дури и пред изгрејсонце, тој е полн со живот. Врвулици автомобили, високи згради, светлата чекаат да се угаснат пред сонцето да го осветли царот над сите градови – Истанбул.
Сите милионски градови имаат свој посебен шмек. Но, Истанбул е навистина нешто посебно. Уште на прв поглед. А кога веќе ќе почнете да ја впивате цела енергија која ја има, тој спој на историјата, религиите, традицијата и модерниот свет, откако ќе тргнете не може да застанете. Не може да не чекорите низ неговите тесни улички, да се качувате по нагорнините, да уживате во џагорот на Мисир (во превод кочан) чаршија, да и се воодушевувате на Капали чаршија, да го почувствувате на своја кожа уникатниот трговски карактер на турските продавачи, кои многу вешто ќе можат да ви го продадат дури и она што не ви е потребно. Да ја доживувате историјата одблиску шетајќи низ султанските палати во кои се чуваат сите автентични мебели, теписи, прибори, орнаменти, да го почувствувате духот на двете религии, христијанството и исламот.
Грандиозната градба на Света Софија, некогаш црква, денеска џамија. При влезот ве пречекува мозаикот на кој е Пресвета Богородица со Исус, а од двете страни се царевите Константин Велики и Јустинијан I. Од минатата година Света Софија не е повеќе музеј, сега е џамија, каде се вршат исламски обреди, а во неа се уште има христијански елементи.
Наспроти Света Софија се наоѓа идентичната во големина Сина Џамија, единствената џамија со 6 минариња.
Импресивна градба која се наоѓа во повисокиот дел на Истанбул е Сулејмановата џамија, каде се наоѓа и гробот на Сулејман Величествениот. Таа е градена по теркот на Света Софија од страна на главниот отомански архитект, Синан. Тој е архитект и на Сината Џамија, но негови дела се повеќе џамии не само во Турција, туку и во Македонија, а тој е архитект и на познатиот мост на Дрина во Вишеград, Босна. Интересен факт: Хајдар кади џамијата во Битола е градена токму од учениците на школата на Синан.
Од ова место, глетката на Истанбул и Босфорот едноставно остава без здив.
Во реонот Фенер се наоѓа и Цариградската патријаршија во која се наоѓа црквата посветена на Свети Ѓорѓи, а седиштето на патријаршијата основана од апостол Андреј тука е од 1600 година. Црквата била неколку пати реконструирана, зафатена од пожари, а сегашниот изглед датоира од 18 век. Во оваа црква се наоѓаат голем број на мошти.
Храната тука е посебна приказна. Овој период од сите страни ве опива мирисот на совршено испечени костени, но и на печени кочани кои во устата ви прават гурманска рапсодија. Отспротива, во количката внимателно нареден е симитот, ви нудат да го намачкаат со млечен или чоколаден намаз, но ако го јадете без ништо или „саде“, нема да згрешите. Дефинитивно, гладен не се шета низ Истанбул, затоа што сите опојни мириси на разноразни јадења само ќе ви го отежнат изборот. Што и да изберете нема да згрешите. Чорба, риба, донер, ќофтиња, кебапи, морски плодови, разни специјалитет со пилешко или телешко месо…А ако сте љубител на слатки работи, тогаш Истанбул е сладок рај за вас. На секој чекор специјализирани продавничиња за слатките по кои Турците се насекаде познати: баклава, алва, локум, ашуре, раванија, шеќерпаре…важно да е потурено со шербет.
Кога сме веќе кај храната, едноставно мора да јадете сендвич со свежо уловена и испечена скуша на пристаништето. Си купувате лимонада, седнувате во близина на скалите и уживате во едноставните вкусови на свежо бело и крцкаво лепче, зелена салата, кромид и риба.
И…стигнавме до Босфорот. Морскиот проток меѓу Црното и Мраморното море кој ги дели двата континента, Европа и Азија, а градот го дели на европски и азиски дел. Доколку не сте го посетиле Истанбул, сигурно сметате дека крстарењето по Босфорот е клише. Не. Тоа е едно неповторливо искуство, па дури и ако немате водич кој ви кажува што се наоѓа од двете страни од Босфорот. Час и половика уживате во глетката на неверојатни градби на европскиот и азискиот Истанбул. Од една страна стари градби стари стотици векови, од друга страна луксузни куќи на самиот брег.
Галебите непрекинато кружат над вас, испуштајќи звуци кои веќе сите ги научија. Да им фрлиме по некое парче лепче.
Долу пак, во темната длабочина на морскиот проток, како рефлексија се гледаат брановидни топки. Јато медузи, од најмали до најголеми. Ветрот не дозволува да си направиш сам селфи. Едноставно ти го турка телефонот в рака. Затоа, само се потпираш на оградата од бродот и едноставно уживаш во остриот воздух и совршениот поглед.
Чај! Време е за чај. Порачуваш и слегуваш во долниот, затворениот дел од палубата, сместувајќи се во удобните седишта. Силниот чај со една коцка шеќер ти ја стоплува душичката. И тогаш се губиш во убавините наредени на Босфорот и дозволуваш да одлеташ со паметот на едно мирно и спокојно место.
Секој дел од Истанбул е посебен. Што и да се посети остава голема трага, неизбришливи сеќавања. Да се раскажува за него, не е едноставно. Секој го доживува на свој начин, но едно е исто за сите, кој еднаш бил во Истанбул, посакал што побрзо да се врати. Наречен цар над сите градови, некогашна втора престолнина на источното римско царство – Византија, основан од царот Константин долго време го носеше името Константинопол, преземен од Османлиите во 1453 година, го привлекува како магнет секој што повеќе да се задлабочи во неговото битисување низ вековите. И не е само историјата онаа која привлекува. Истанбул има и една модернистичка страна која се носи рамо до рамо со сите светски метрополи.
Ова е само зрно песок од пустината на богатството и историјата кои ги крие Истанбул. Може да се зборува до бескрај и пак нема се да се каже. Град кој секој мора да го доживее, да се соживее со него, секој на свој начин, да го види со свои очи, да го раскаже со свои зборови. Истовремено, да се врати во минатото, додека чекори низ сегашноста, ѕиркајќи кон иднината.