На 25 октомври 1936 година, од битолската Саат-кула за првпат се слушнала мелодијата на македонската народна песна „Билјана платно белеше“. Овој историски момент е поврзан со поставувањето на новиот саатен механизам, подарок од Германија во знак на благодарност за земјиштето што Битола го отстапила за изградба на германските воени гробишта, каде што почиваат посмртните останки на повеќе од 3.000 војници загинати на Македонскиот фронт во Првата светска војна.

За овој дел од историјата на еден од најпрепознатливите симболи на Битола истражувал и битолскиот хроничар и публицист Ѓорги Лазаревски (1939-2023), професор и долгогодишен просветен работник, кој осум години, од 1987 до 1995 година, работел како наставник по македонски јазик и култура во германскиот град Зинделфинген, испратен од тогашното Министерство за образование. Токму престојот во Германија му овозможил да дојде до документи, фотографии и написи од тогашниот германски печат, кои сведочат за настаните поврзани со Саат-кулата и германските воени гробишта.
Според истражувањата на Лазаревски, поставувањето на македонската песна „Билјана платно белеше“ во музичкиот репертоар на Саат-кулата претставува знак на почит кон посебноста на локалното население. Покрај неа, механизмот ги изведувал и „Химната на Свети Сава“ и германската песна „Имав еден другар“, посветена на војник загинат на фронтот.
На свеченоста на 25 октомври 1936 година присуствувале бројни гости и официјални претставници, а настанот бил забележан и во тогашниот германски печат. Документите и фотографиите до кои дошол Лазаревски овозможуваат да се расветли еден помалку познат дел од историјата на градот и неговите врски со Германија.

Пред овој историски споменик денес има поставено табла на која е забележано дека реставрацијата во 2009 година била извршена со помош на фирми поврзани со Германија.
Уште еден добар познавач на историјата на градот, Петар Ставрев, открива нешто што ретко кој го знае, а е поврзано со Саат-кулата во Битола.

На еден камен, на единаесеттиот ред од горниот дел на кулата, има изгравиран орел што јаде змија, како симбол дека доброто ќе го победи лошото.

Пред да биде поставен новиот механизам, времето се отчукувало рачно, а часовникот се навивал со рака.
Денес од Саат-кулата се слуша само една мелодија – „Битола мој роден крај“. Во чест на авторот на песната, Ајри Демировски, во нејзина близина е засадено дрво.

Саат-кулата, висока околу 32 метри, е еден од најзначајните историски симболи на Битола. За времето на нејзината изградба постојат различни податоци, а се поврзува со османлискиот период и со црквата „Свети Великомаченик Димитриј“. Изградена е во централното градско подрачје, на просторот каде што некогаш се наоѓало познатото Пекмез-маало, на место од кое часовникот можел да биде видлив за граѓаните од различни делови на градот.

Една од најпознатите легенди што се пренесува со генерации е дека за изградбата на Саат-кулата биле употребени 60.000 јајца, собрани од локалното население по наредба на османлиските власти.
До 1912 година, според историските преданија, во Битола се користело мерењето на времето познато како „а ла турка“, по што било воведено западноевропското мерење на времето, нарекувано „а ла франга“.







