Пишува: Сара Танаскоска
Деветнаесет фотографии, една објавена со краток текст како опис, другите вечен „драфт“.
Сите имаме многу фотографии кои не знаеме зошто ги чуваме. Можеби затоа што секоја од нив нé потсетува на нешто што во тој момент ни било важно. Некои се од места на кои одамна не сме биле, некои од луѓе со кои денес поретко се гледаме, некои од оние кои одамна заминале, некои од сосема обични денови кои тогаш не изгледале доволно важни за да ги споделиме со некого. И сепак, некако сме ги зачувале.
Стојат во телефонот, меѓу стотици други фотографии, понекогаш заборавени со месеци и години. Не ги гледаме секој ден, но не ги бришеме. Како тивки мали потсетници на некој период, некоја личност, некое чувство или на верзија од себе која денес можеби веќе не ја препознаваме целосно.
Чудно е како фотографијата понекогаш може да зачува нешто што самите не сме знаеле дека сакаме да го запомниме. Кога и да ги гледам, секогаш имам различна слика и сосема нови чувства. Како некоја друга Сара да стои пред мене. Една што некогаш нешто сонувала, од нешто се плашела, некого сакала или едноставно не знаела дека еден ден ќе се навраќа на тој момент.
Денес, додека скролав и патем барав фотографија од една конференција во Солун од пред три години, наидов на фотографија од една личност која одамна не е помеѓу нас.
Мојата баба. Жената која ја научила мајка ми како да нè сака и чува, мене и брат ми.
Застанав на фотографијата. Не затоа што не ја паметам. Туку затоа што понекогаш фотографиите знаат да ни вратат нешто за кое мислевме дека веќе сме го запомниле доволно.
Ја гледав и неколку секунди не знаев што точно чувствувам. Таа е таму, насмеана, во еден обичен момент кој тогаш веројатно никој не го доживувал како нешто посебно. А денес, години подоцна, истиот тој момент има сосема друга тежина, една кнедла со многу сол.
И можеби токму тука е чудото со фотографиите. Не ја менуваат сликата. Го менуваат човекот што ја гледа. Истата фотографија можеме да ја погледнеме на дваесет години и да видиме едно нешто, а неколку години подоцна да видиме нешто сосема друго. Луѓето на неа остануваат исти. Местото останува исто. Насмевките се исти. Но ние веќе не сме истите луѓе.
Малку сме пораснале. Многу болки нè скршиле, но и многу нешта нè составиле повторно. Сме научиле дека некои луѓе доаѓаат за да останат, а некои за да нè научат како изгледа заминувањето. Сме научиле дека животот не секогаш ни ги објаснува работите кога ни се случуваат. Понекогаш ни требаат години за да разбереме зошто нешто морало да се случи токму така.
Можеби затоа фотографиите стареат поинаку од нас. Тие остануваат исти, а ние во нив со текот на времето гледаме нови значења.
И додека ги гледаме, сфаќаме дека не сме фотографирале само луѓе и места. Сме фотографирале периоди од животот. Верзии од себе кои веќе не постојат. Луѓе кои денес се далеку. Луѓе кои веќе не можеме да ги повикаме. Денови за кои тогаш не знаевме дека еден ден ќе ни недостигаат.
А можеби токму затоа имаме толку многу фотографии. Не само затоа што сакаме да ги покажеме на другите, туку затоа што длабоко во себе сакаме да си оставиме доказ дека некогаш сме биле таму.
Во време кога речиси секој момент може да стане објава, story или reel, некако сме навикнале животот да го гледаме и низ очите на некој друг. Убавото патување треба да има фотографија. Добриот ден треба да има story. Новата работа треба да има објава. Роденденот, вечерата, концертот, кафето, зајдисонцето – сè може да стане содржина.
И повторно, нема ништо лошо во тоа. И јас споделувам. И јас фотографирам. И јас сакам да зачувам некој убав момент и да им го покажам на луѓето кои се дел од мојот живот. Но понекогаш се прашувам дали незабележливо сме почнале да живееме и за самото објавување.
Дали навистина сме биле присутни во моментот или сме размислувале како ќе изгледа на фотографија? Дали сме го слушале човекот спроти нас или сме проверувале дали некој ни оставил реакција? Дали сме отпатувале за да видиме нешто ново или за да им покажеме на другите каде сме биле?
И можеби најважното прашање е: кога последен пат направивме нешто што никој не го видел?
Не нешто тајно. Не нешто големо. Само нешто убаво што не почувствувавме потреба да го споделиме.
Да седнеме со некого и телефонот да остане во чантата. Да прошетаме без да фотографираме. Да отпатуваме некаде и да не се грижиме дали имаме доволно фотографии за објава. Да прочитаме книга која нема да ја ставиме на „story“. Да направиме нешто на кое сме горди, а единствената личност која ќе знае за тоа да бидеме самите ние.
Можеби токму тие моменти најмногу ни припаѓаат.
Затоа што не мора секоја убава работа да биде видена за да биде вистинска. Не мора секој спомен да има лајкови. Не мора секоја среќа да биде објавена.
Некои работи можат едноставно да останат наши.
Како деветнаесетте фотографии во мојот телефон.
Една објавена.
Осумнаесет сè уште во „драфт“.
И можеби некои од нив никогаш нема да излезат од таму.
Не затоа што не се доволно убави.
Туку затоа што некои моменти, како и некои луѓе, не ни биле дадени за да ги покажеме на светот.
Туку за да ги носиме со себе.







