Од 21 до 25 август Струга повторно ќе биде центар на светската поетска сцена. Ќе се одржи 64. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП), на кое ќе учествуваат околу 70 поети од Македонија и светот, заедно со критичари, преведувачи и литературни работници.
Годинашниот лауреат е словачкиот поет Иван Штрпка, а добитник на наградата „Мостови на Струга“ е полскиот автор Матеуш Шимчик. На фестивалот ќе настапат и еминентни поети од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и од соседните земји.
Директорот на СВП, Никола Кукунеш, најави дека темата на 64. издание е Глаголицата, како симболична врска меѓу Македонија и Словачка уште од времето на светите Кирил и Методиј. „Фестивалот одамна ги надмина локалните рамки и претставува значајна меѓународна промоција на македонскиот јазик и култура“, нагласи тој.
Годинава, покрај вообичаената и луксузна монографија на лауреатот Иван Штрпка, која се објавува тројазично, ќе бидат објавени уште неколку значајни публикации кои ќе бидат презентиран во рамките на Фестивалот. Меѓу нив е и книгата на добитникот на награта „Мостови на Струга“, Матеуш Шимчик, книгата на минатогодишниот добитник на нашата најзначајна книжевна награда, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот, на академик Катица Ќулафкова „Небото ми е дома“, која излегува во превод на англиски јазик. Покрај овие изданија СВП годинава објавува една ретка антологија „Дионис и свети Трифун“, панорама на македонската винска поезија, чиј приредувач е познатиот поет и антологичар Славе Ѓорѓо Димоски, која ќе биде презентирана во рамките на фестивалот.
Како дел од платформата „Версополис“, во партнерство со повеќе европски фестивали, ќе бидат претставени и двајца значајни автори.
Програмата ја враќа долгогодишната традиција на поетски читања – кај споменикот на Св. Климент во Охрид, на брод до „Свети Наум“ и на поетско матине во дворот на црквата „Св. Богородица Перивлепта“.
„Нашата задача е фестивалот повторно да го добие својот сјај, бидејќи интересот за поезијата и интересот за СВП се нераздвојни. Овој фестивал е најзначајниот културен бренд на Македонија во светот“, изјави Стефоски, потсетувајќи дека во изминатите 64 изданија учествувале над 5.500 поети од целиот свет.








