Sad Santa in a snowy evening

Празничен расказ за трпението и љубовта, расказ за надежта од која не треба никогаш да се откажеме

Пишува: Маја Богоевска

Крајот на декември. Сијалички и празнична музика на сите страни, градот полн со џагор. Тезги со разно-разни „џиџиња“, украси, балони на сите страни, мирис на печени костења, понуди за предновогодишни забави.

„Ајде, ајде, петарди во боја, останаа уште многу малку! Повелете луѓе!!!“, викаше еден Дедо Мраз во една тесна улична низ пазарот, внимателно гледајќи од сите страни да не наидат инспекторите.

Никола се поднасмевна додека поминуваше покрај него. Паметно, се преправил во Дедо Мраз, си помисли.

Го намести тешкиот ранец подобро на рамото и забрза. Стигна пред една голема елка, пред која имаше голема санка со импровизиран снег.

„Конечно дојде! Ајде ме прашуваат зошто доцни Дедо Мраз,“ насмеана го пречека Соња, сопственичка на бутикот пред кој беше наместена елката.

„Ирвасите тешко се пробиваат низ маглата, како да не доцнам!“, се пошегува Никола и влезе во соблекувалната во бутикот да се пресоблече.

Облекувањето веќе му беше рутина, иако костимот не беше баш лесен за облекување, за разлика од оној евтиниот на Дедо Мраз со петардите. Неговиот беше специјално изработен. Со каква љубов го кроеше и шиеше неговата жена. Навистина се измачи, но крајниот резултат беше воодушевувачки.

За цела среќа, сите разбраа за Надица дека е многу добра шнајдерка, па последните неколку години глава не може да крене од работа.

„Ако, ако, фала му на Бога што има работа, работата ми е одмор мене“, му велеше Надица на Никола.

————————————————————————————-

Откако се венчаа после кратко време останаа без работа. Фирмата каде што работеа двата одлучи дека не им се потребни. Бараа постојано работа, но сите огласи и работни места каде што се обратија беа до 35 години.

Се чудеа од кога 36-годишниците станаа стари…

Никола почна да работи сезонска работа во градежништво, а Надица одлучи да се врати на нејзината љубов од младоста, шиењето. Какви само костими и фустани си шиеше уште од средношколските денови, сите ѝ завидуваа. Кога од подрумот ја извади старата „Сингерица“, наследство од баба ѝ, срцето повторно ѝ затрепери. По цели денови се слушаше звукот на педалото на машината.

Не заработуваа којзнае колку, но доволно за да ги платат сметките и да имаат доволно за јадење. Благодарни беа што имаа покрив над главата и што не се гладни и боси.

Сé до еден ден кога Никола се сретна во чаршијата со својата школска, Соња, која беше со својот мал и немирен син.

„Не сакам, не сакаааам“, викаше нервозно нејзиниот син, а таа едвај го држеше за раката да не избега. „Треба да одиме на забар, не знам што ќе се прави. Сите заби му се црни од јадење бонбони скришно!“, му се жалеше Соња на Никола.

Тогаш Никола, клекна и милно го погледна в очи малиот немирко.

„Ти ли си Иво што јаде само карамели?“

Иво наеднаш застана и ги ококори очите.

„Дедо Мраз ми кажа дека многу му е жал за Иво затоа што ќе мора да ги извади сите расипани заби ако не оди на забар. А ако оди на забар, тогаш го чека едно специјално изненадување под елката“, зборуваше Никола со смирувачки тон.

Иво го погледна Никола, а потоа се погледна во мајка си.

„Мамо, ме болат запчињата. Може ли да ги направиме пак да ми се бели?“, ја праша Иво мајка си едвај сопирајќи ги солзите.

Соња едвај проговори. „Гледаш како знае Дедо Мраз за твојата желба? Сигурно ќе те чека изненадувањето под елката“. Го зеде Иво за рака, ја стави раката на градите и го погледна Никола со огромна благодарност.

На лицето на Никола се развлече една огромна насмевка. Штом се насмееше, како сонце да изгреваше од неговите сини очи.

Наредниот ден, Соња му ја даде понудата која ќе ги промени животите на Никола и Надица. Понудата ја прифати без трошка колебање.

Никола и Надица зрачеа со толкава топлина, што се чинеше дека ништо не може да ги натера да покажат лутина или нервоза. Живееја скромно, во светот полн со лажни насмевки. Секој ден го примаа со благодарност, и покрај сите животни искушенија и предизвици. Имаа само една желба. Да се израдуваат на рожба. Но, годините врвеа, а нивната желба беше сé понедостижна. Обожаваа деца. Никола беше толку трпелив, па дури и со најнемирните. Секое дете знаеше да го смири со својот смирувачки глас и мудри зборови. Секогаш знаеше што да каже, а често знаеше и да се пошегува. Токму затоа децата едвај чекаа Дедо Мраз да стигне во чаршијата не само да му ги кажат своите желби, туку да зборуваат за секакви работи, од покемони, па се до интересни научни факти.

Надица пак беше пресреќна кога на гости им доаѓаа 8-годишните близначките од нејзината сестра. Им шиеше разни фустани, здолништа, палта. Шиеше облека дури и за нивните барбики, за да бидат сите дотерани и во тон. А да се каже дека тие ја обожаваа својата тетка е малку. Имаа посебна љубов, која никој не можеше да ја засени. Можеа да седат во скутот на Надица со часови, ништо да не зборуваат, само да ја гушкаат и да се полнат со љубовта од својата тетка.

Кога беа помали, постојано прашуваа кога ќе имаат братучед. Никола и Надица иако со болка во душата, со насмевка им одговараа дека тоа е Божја волја.

„Јас сум пресреќна што ве имам вас, ѕвездички мои, вие ми го осветлувате животот“, им велеше Надица на своите внуки, а тие со сета сила ќе ја гушнеа околу вратот бакнувајќи ја без престан.

Болката во душата беше немерлива. Тешко им беше што медицинска причина немаше за неплодноста, барем така испитувањата покажаа. Веќе почнаа да се помируваат. И да размислуваат за друг начин да станат родители. Имаа премногу љубов во себе, која силно сакаа да му ја предадат на мала невина душичка.  

————————————————————————————-

Откако го облече костимот на Дедо Мраз, Никола излезе и се намести на санката. Децата веќе беа собрани и нетрпеливо го чекаа. „Ах, ќе ми недостигаат овие палавковци штом ќе завршат празниците“, си помисли Никола гледајќи со љубов децата кои чекаа да се сликаат и да поразговараат со него.

Тој ден разговараше за работи кои навистина го расположија, до каде може да отиде детската фантазија. Едно детенце бараше вистински робот кој ќе личи на него и ќе му ги пишува домашните задачи, за да може тој да си игра, додека родителите мислат дека тој си ги извршува обврските.

„Но дали е фер кон твоите родители?“, го запраша Никола.

Детенцето се замисли и му одговори: „Но јас навистина не сакам да пишувам домашна работа.“

„Домашната работа замисли ја како игра, кога ќе ја завршиш, исто како да си го завршил нивото на играта. Тие се работи кои се полезни за нас, додека игрите на телефон не се добри за нас ако му посветуваме цел ден внимание. Има време за учење, а има време и за игра,“ го советуваше Никола. „Ако доволно учиш, ќе научиш ти да правиш игри“.

Детенцето се замисли, а очите силно му светнаа замислувајќи си ја својата иднина. „Ти благодарам Дедо Мраз!“, си го зеде пакетчето и замина кај родителите.

Наредното девојче малку колебливо пристапи кон него.

„Ајде мила, кажи ми која е твојата желба?“

„Пааа…“, почна срамежливо. „Сакам….сакам да ја сменам мојата сестра за куче!“

Никола слатко се насмеа од она што го слушна и праша: „А зошто?“

„Па само плаче, мама мора да ѝ менува пелени постојано и некако сите се околу неа…“, натажено одговори девојчето. „А, ако имам куче, тоа ќе ме сака само мене!“

Никола ја погали нежно за главата: „Можеби сега сакаш да ја промениш, но твојата сестра кога малку ќе порасне, за неа ќе постоиш само ти. Знаеш ли колку голема функција во животот е да си голема сестра? Огромна! Твојата сестра тебе ќе те сака повеќе дури и од мама и тато“, искрено зборуваше Никола.

„Навистина?“, се замисли девојчето. „Мене најмногу ќе ме сака?“

„Ти гарантирам!“, се насмеа Никола.

„Искрено да ти кажам Дедо Мраз и јас ја сакам најмногу на светот, само не им кажувам дома. Само, аман веќе нека порасне!“

„Ќе порасне и таа и ти, двете ќе си бидете најголема поддршка“.

Девојчето го гушна и истрча кај сестра си која беше во рацете на нејзината мајка.

Тогаш од нигде никаде се појави едно русокосо момче со небесно сини очи, исти како оние на Никола.

„Здраво“, го поздрави Никола, кој како да се гледаше во огледало.

Момчето само го гледаше в очи и не зборуваше.

„Те слушам, може да ми ја кажеш твојата најголема желба“, му се обрати Никола.

Момчето се наведна и му шепна: „Мојата желба е твојата желба, а твојата желба сум јас“. Потоа одеднаш се изгуби во метежот од деца.

Никола остана запрепастен. Како да не беше свесен дали беше вистина тоа што се случи или не.

После напорниот ден, преморен Никола си дојде дома. Се двоумеше дали да ѝ каже за момчето на Надица. Не беше свесен дали беше вистина или не. Во секој случај, не можеше да го извади од памет цел ден. Реши да не ѝ кажува.

Наредното утро, Надица видно вознемирена го разбуди Никола. „Сонував еден сон, ама како да не беше сон. Реално беше, реално…момче со светла коса и сини очи, како твоите, дојде и ми рече јас сум вашиот Ангел…што значи овој сон Никола?“

„Не знам Надице…но вчера и мене ми се случи нешто необично“. Никола ѝ раскажа за момчето.

Двајцата седеа во тишина. Дали огромната желба им предизвика халуцинации? Дали реалноста и нестварното им се измешаа…Или е некое искушение од кое треба да се избават…Надица го запали кандилото и прошепоти: „Господи Боже, помилуј мене грешната“…

————————————————————————————-

Празниците завршија, фати многу студена и снежна зима. Никола немаше работа со градежништвото, а и Надица имаше многу малку нарачки за шиење.

„Само да ја издржиме зимата, па што сака нека биде“, се грееше стуткана во една ќебе Надица.

„Што не сме издржале, па и ова ќе го поминеме. Било и полошо, немој да се грижиш. Она што го заработив, доволно ни е да ја поминеме зимата. Да затопли и ќе има работа“, рече смирувачки Никола.

Седеа во темница, нивните лица беа осветлени од светлината на каминот. Се слушаше само крцкањето на дрвата од огнот.

Во тој момент, заѕвони мобилниот на Никола.

„Шефот ми ѕвони,“ рече зачудено. „Што може да биде?“

„Ало…да….во ред…да…сигурно, да, да…“, зборуваше како во шифри, додека Надица го гледаше цела прашалници во очите.

Откако дозборува, Никола го спушти телефонот на масата и се гледаше во него уште некое време.

„Што е работата?“, праша Надица.

„Шефот ми понуди работа како одговорен на смена. Биле презадоволни од мене, ќе имам и моја канцеларија…“, Никола сé уште се гледаше во телефонот. Како да не веруваше што слушнал.

„Вистина?? Па тоа е одлично, браво, браво, горда сум на тебе!!!“, извика Надица и почна да го гушка. Тогаш и Никола како да се свести, почнаа да скокаат двајцата од радост.   

„Ти реков, ти реков да не се грижиш! Па не сум Дедо Мраз јас за џабе!“, рече Никола и двајцата почнаа да се смеат на цел глас.

————————————————————————————-

Никола беше одличен на новото работно место. Имаше искуство, но и знаење, конечно можеше да го употреи и своето факултетско знаење. Надица продолжи со шиењето, отвори и дуќан во чаршијата кој цело време беше полн со клиенти.

Едно мајско утро, телефонот на Никола заѕвони. Непознат број. Беше сигирен дека е некој од клиентите.

„Ало, Никола, Надица се онесвести, ја однесовме на болница. Дојди брзо“.

Нозете му се секоа. Набрзина се облече, му кажа на шефот и излета.

Кога стигна на болница, избезумен не знаеше каде да ја бара. Се јави на телефонскиот број од кој што му ѕвонеа претходно, па му кажаа на кој кат да дојде. Кога влезе во собата, Надица веќе беше свесна, а околу неа беа нејзините сосетки од дуќаните. До неа седеше докторот со парче хартија во рацете.

„Ах, стигна и сопругот“, рече докторот насмеано.

Никола преплашен истрча до Надица.

„Како си, дали си во ред?“

„Не се грижи момче, во ред се и двајцата“, му рече докторот.

Никола го погледна него, а потоа Надица.

„Кои двајца?“

„Бремена сум“, му шепна Надица.

Никола седна на креветот. Очите му се насолзија. Наднаш лицето го прекри со рацете и почна да плаче на цел глас. „Фала ти Господе, фала ти!“, се погледна нагоре, а потоа ја гушна Надица. Сите кои беа во болничката соба почнаа да плачат, па дури и очите на докторот се насолзија.

Никола наеднаш се сврти кон докторот.

„Дали е сé во ред? Направивте испитувања?“

„Не грижи се, сé е како што треба. Железото е малку паднато, па затоа се онесвести. Во извештајот пишува сé што треба да се земе. Честитки. И со лесно“, рече докторот и излезе.

Никола и Надица не можеа да поверуваат дека нивниот сон ќе стане реалност. Сите бессони и исплакани ноќи, срушена надеж, станаа минато…

————————————————————————————-

Бременоста помина многу брзо и без никакви проблеми. После години на надеж, разочарувања, помирување, очекување, се роди нивниот Ангел. Малото русо и синооко момче кое само им даде дополнителна светлина на Никола и Надица.

„Дојде кога сакаше ти, а не ние, ангелу мој“, му зборуваше Надица додека го држеше во прегратка.

Никола ги гледаше отспротива. За него тоа беше најубавата глетка на светот.

Излезе на прозорецот, се погледна кон небото полно со ѕвезди. Замижа и прошепоти: „Голем си Господе“…

Пчелите се најважните суштества на планетата без кои нема живот
Меѓународниот институт Earthwatch ги прогласи пчелите за најважни суштества на планетата Земја. …
Приказната на Љубљана – градот на мостовите и утринска магла
Пишува: Сара Танаскоска Секое утро во Љубљана е со ист ритам. Сончевата …
meblo trejd

Претплатете се за новости

You May Also Like

Четири книги кои ќе ви помогнат за личен развој

,,The magic of thinking big” – ,,Магијата на големото размислување” од Дejвид…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Биљана Т. Димко: Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – нема име

Пишува: Биљана Т. Димко Двата столба на македонскиот идентитет од искона до…