Проф. д-р Јасмина Буневска Талевска заедно со неколку студенти од Техничкиот факултет во Битола беа дел од 26-тиот по ред меѓународен натпревар ICAMES 2022 – интернационален, културен и академски седумдневен собир и натпревар на студенти по инженерство кој се случуваше во Kennedy Lodge Boğaziçi Üniversitesi. Овој универзитет е голем истражувачки центар и највисоко рангиран Универзитет во Турција. Под менторство на професорката Буневска Талевска, Билјана, Христијан, Лина и Никола како и дел што останаа дома – Симона, Антонио и Верче, добија шанса и станаа дел од ICAMES’22, промовирајќи ја идејата за одржлив развој и енергетска ефикасност и интеграција на енергетиката, сообраќајот и транспортот преку концептот за „ЗЕЛЕНО АВТОБУСКО СТОЈАЛИШТЕ“. На тој начин докажаа дека нашите студенти имаат свое размислување, концепт и идеја за инженерството, но и ја искористија можноста да го презентираат своето истражување и да го искажат својот став. За искуството на овој меѓународен собир, за самиот концепт „ЗЕЛЕНО АВТОБУСКО СТОЈАЛИШТЕ“ поразговаравме со проф. д-р Јасмина Буневска Талевска.

280638471 1224013918339405 8151870543838942203 n

Читај бе: Најнапред кажете ни за Вашето учество на меѓународниот натпревар ICAMES 2022 во Истанбул. Како се случи да бидете дел од него?

Проф. д-р Јасмина Буневска Талевска: Впрочем, на проектот ЗЕЛЕНО АВТОБУСКО СТОЈАЛИШТЕ работиме скоро две години. Го започнавме со студентката Билјана Велјановска во рамките на втората студентска конференција „Техниката и урбаниот развој-ТУР“ која се одржа со физичко присуство на 11 Ноември 2021 година на Техничкиот факултет во Битола (ТФБ). Билјана во меѓувреме го одбрани и својот дипломски труд и денес е дипломиран електроинженер и студент на вториот циклус на студии. Како растеше проблемот на истражувањето така вклучував и други студенти и од електротехничкиот и од отсекот за сообраќај и транспорт на ТФБ, за да во даден момент беа вклучени и студенти од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, и би сакала сите да ги спомнам во оваа прилика, а тоа се Симона, Христијан, Лина, Антонио, Николче, Верче, Наиле, Александар и Константин. Повикот за ICAMES кој всушност е интернационален, културен и академски седумдневен собир и натпревар на студенти по инженерство пристигна во факултетското студентско собрание, студентите ме известија и заеднички се согласивме да аплицираме. Вреднувањето траеше околу 25 дена, а проектот беше позитивно оценет од страна на евалуациониот одбор на натпреварот и со тоа добивме и официјална покана да го презентираме концептот, 3Д моделот и одржливоста на проектот.

281473484 679391633169627 4832725746437619593 n

Читај бе: Кажете ни нешто повеќе за проектот со кој се претставивте. Од кого беше изработен и која е неговата функција?

Инаку, ICAMES традиционално се одржува во Универзитетот Богазичи, кој е голем истражувачки центар и највисоко рангиран Универзитет во Турција. Има шест факултети кои нудат додипломски студии, и шест институти кои нудат постдипломски студии, а годишно успеваат да се запишат само првите 800 најдобро рангирани студенти од вкулно 1,8 милион кандидати кои полагаат приемен испит, што овозможува универзитетот да привлече многу студенти со највисоки оценки, како и да ги има најпосакуваните програми за применети науки, инженерство и социјални науки во Турција. Да заклучам дека и самата квалификација за нас веќе беше достигнување и признание за трудот и двегодишната посветеност на овој проект.

Обновливите извори на енергија имаат доминантна улога во сите нови инвестиции и градби во енергетскиот и транспортниот сектор, што е резултат на политичка одлука и ориентација на енергетската и транспортната политика кон намалување на производството и потрошувачката на енергија поради климатските промени и е директна последица на соодветните закони и регулативи. Јас лично ги следам трендовите и сметам дека ваквата енергетска политика и регулатива ги стимулира инвестициите во обновливите извори на енергија и користењето на оваа произведена енергија од потрошувачите, од една страна и дека фотоволтаичните инсталации станаа многу интересни за малите потрошувачи од сите видови – станбени, комерцијални и мали индустрии. Практично, секој од овие потрошувачи има потенцијал да стане производител што може да троши и произведува електрична енергија. Во нашиот проект е опишано самостојно решение за инсталација на фотоволтаици за зелени автобуски станици за зелен автобуски превоз во градот Битола. Имено, на изработениот 3D модел на зелената автобуска станица, односно, на покривот на автобуската станица се поставени фотоволтаични панели а вкупната симулација на самостојната автобуска станица е развиена во пробна верзија на софтверот PV-SOL за истражување и едукација. Главната цел ни беше да дизајнираме самостоен модел на автобуска станица од енергетски аспект, која ќе може да напојува неколку товари на станицата, како што се: дигитална информативна табла, возен ред, приклучок за струја за полнење лаптоп и WiFi, извор за затоплување на клупите за седење за возима, потоа станица за полнење електрична енергија за електрични велосипеди и тротинети, а во иднина да може да се користи за полнење на електрични автобуси, водени од идејата за одржлив развој и енергетска ефикасност и интеграција на енергетиката, сообраќајот и транспортот.

281967059 742522643770724 2356582902394506020 n

Читај бе: Дали може ова зелено стојалиште да е веднаш применливо кај нас?

Очекувањата на надлежните се дека земјата за десетина години целосно ќе премине кон производство на електрична енергија од обновливи извори, како што е наведено и во Стратегијата за развој на енергетиката од 2019 година. Во Стратегијата во столбот декарбонизација меѓудругото се препорачува промовирање на обновливите извори на енергија на начин кој обезбедува одржлив развој и се предвидува дека фотонапонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија во сите сценарија. Имаше и одредени законски олеснувања, така што доколку ни се обезбеди пилот локација и средства за набавка на потребните елементи, зеленото автобуско стојалиште може да биде реалност, веднаш. Имајќи ги во предвид придобивките за граѓаните, за фаворизација на јавниот превоз и за стимулација на велосипедскиот сообраќај, а пред се заштедата на енергија која што нема да се преземе од дистрибутибниот систем, верувам дека ќе предизвика интерес кај надлежните.

279451763 293034753034973 7721967867921558697 n

Читај бе: Каков беше таму Вашиот прием? Дали разменивте искуства можеби и идна соработка? Колку студентите, но и Вие бевте задооволни од вашето учество на овој натпревар?

Ова искуство на меѓународниот натпревар во Истанбул, како и предизвиците и бенефициите што ги имаат студентите и нивните ментори учествувајќи и разменувајќи ги тимското истражување, културата, традицијата на земјата од која доаѓаат, се неповторливи и незаменливи посебно за нивната возраст. Имено, нивото на кое се учи факултетската материја е доста пониско од она за натпреварот. Треба многу работа за да се надгради таа основа и тоа само за да се постигне задоволително ниво за учество на натпреварот, односно за да проектот биде одобрен од страна на евалуациониот одбор така што и пред самата квалификација за натпреварот бевме соочени со истражување, подготовки и работа. Сметам дека учеството на студентските собири, и натпревари е од исклучително значење и претставува непроценливо искуство за секој студент, но и за академскиот кадар е искуство што се гради со едно поинакво знаење, поинаков тип на организација, беспрекорна гостопримливост, размена на искуства и секако можна идна соработка.

Придобивките не се само од едукативна природа, тука се и новите контакти и пријателства затоа што друштвениот и културен дел од натпреварот е така конципиран, да овозможат зближување и запознавање и секако можност за реализирање на познатите „прозорци на мобилност“ во иднина.

281278147 978388806201552 2001923683542201362 n

Верувам дека секој од студентите, престојот во Турција го доживеа како момент за докажување на сопствената зрелост во поглед на социјалната осетливост, независност, социјална интелигенција, спремност на саработка, способност за воспоставувања и одржување на социјални односи, одговорно извршавање на должностите и обврските, доверливи интерперсонални односи итд.

Исто така, сакам да нагласам дека во други земји, учеството на овој натпревар носи кредити при студирањето или, пак, студентите се ослободени од полагање испити, па дури се ослободени и од пишување на дипломски труд и го нагласувам ова се со цел да илустрирам какво е значењето на натпреварот во некои од другите земји и сигурна сум дека и нашите факултети и универзитети треба да му посветат повеќе внимание на овој натпревар.

И секако, добро би било е да се размисли за во иднина проектните апликации и самото истражување да бидат помогнати од бизнисот и стопанствениците или делумно да се реализираат во нивните погони, кои потоа и би се презентирале на тој начин и би се продлабочувала соработката помеѓу бизнисот и високото образование. И конечно, сметам дека добивката е подеднаква за сите вклучени инволвирани страни – студентите, менторите, за факултетот, универзитетот и секако за државата.

281520278 2888627198105987 2948338043604127911 n

Читај бе: Дали сметате дека ова треба да биде поттик да сите останати студенти да се охрабрат?

Секако. Со секоја следна генерација студенти сум се повеќе сигурна дека секој од нив има свое размислување, концепт и идеја за инженерството, но дека не секој студент има можност да го презентира своето истражување и да го искаже својот став. Сметам дека само со многу работа и со инвестирање во младите идни инженери најнапред нивната мотивација а потоа и успехот се неминовни. Затоа, препорачувам секој студент по инженерство да тргне од премисата дека само со труд, со учење и со самодоверба може да се постигне многу, додека за успеси на меѓународен план е потребна храброст и голема мотивација, а во нашиот слушај беше потребна и желба за заеднички успех и да се биде дел од тимот.

281077841 396200942383909 6141787541695272780 n

Читај бе: Која е според вас добивката за студентите од овој натпревар?

Еден од студентите од мојот тим STORM.MK, кој престојуваше во Истанбул, на свој пост напиша дека сите тие ICAMES го доживеале како момент за докажување на нивната зрелост и социјална осетливост, независност, социјална интелигенција, спремност за саработка и воспоставување на пријателства, за одговорно извршавање на должностите и обврските, што пак за мене е доволен показател за нивните емоции и задоволство и нивната желба за личен развој и инженерска писменост. Затоа, ќе продолжам да ги поттикнувам да инвестираат и да го насочуваат своето време, труд и знаење кон себе, а за општеството.

Искрено се надевам дека овој престој на престижниот и највисоко рангиран универзитет во универзитетскиот град на Бешикташ, натпреварувачкиот дух, заедничкиот труд, заедничкиот успех, дружбата, пријателствата, предизвиците, емоциите и секако убавините на Истанбул ќе ни останат на сите во трајно сеќавање како вредно и позитивно доживување.    

280714740 541266154178296 1841529605683668081 n

         

                            

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…