Пишува: Сара Танаскоска
Во нечии очи сме како пиреј колку и да не корнеш нема да исчезнеме, ама секогаш постои тоа мрачно „ама“, исполнето со малку пелин, во очите на некои личности ние сме само една погрешна слика. Можеби не по наша вина, ние сме пробале да оставиме добар впечаток.
Сигурно ви се случило да ви „паднат“ врз глава зборови што не сте очекувале. Не затоа што се вистина, туку затоа што доаѓаат од луѓе од кои не сте го очекувале тоа. Мене повеќе ме трогна сознанието кој ги изговори, отколку самата содржина на таа кобна реченица.
Ние сме луѓе што ретко застануваат пред сопственото огледало и тивко се прашуваат: „Што стои зад ова што го кажувам?“ Бидејќи многу полесно е да се суди, отколку да се разбере. Полесно е да се етикетира, отколку да се слушне.
Учиме да бидеме безнадежни уште од мали нозе. Да бидеме дел од толпата на „мили“ граѓани кои секогаш мислат добро, барем на површина. Но под таа површина често се крие нешто сосема друго: незадоволство, страв, потреба некој друг да биде „помал“ за ние да се почувствуваме „поголеми“.
Реалноста одамна е скршена на илјада парчиња. Веќе нема една целина, секој држи по едно парче мислејќи дека токму тој е личноста која знае повеќе. Помалку се изгубивме во таа скршена реалност, „трчаме“ без да знаеме каде води тој пат, можеби кон дното кое потајно има подрум.
На моменти се чувствувам како да сум на погрешно место, во погрешно време. Како луѓето околу мене да зборуваат на некој нејасен и груб јазик, кој едвај го разбирам.
Зборувам за безнадежноста која е расеана во етерот на животот, потоа за медиумската (не)писменост, па на крај за говорот на омраза која го „јаде“ егото на еден човек. Полесно е да напишеме коментар под лажно име и да етикетираме некоја личност според нејзина одлука или мислење кое го дала во одреден момент.
Можеби затоа што осудувањето ни дава чувство на надмоќ. Кога судиме, се чувствуваме како да сме во право, како да знаеме повеќе, како да сме подобри. А всушност, само подлабоко тонеме во сопственото (не)знаење. Од оваа гледна точка ние сме само една единка која твори и работи во сопствен свет, несвесни дека може да се сруши во секој момент.
Реалноста не се распадна сама од себе. Ние ја скршивме, парче по парче. И се’ додека одбиваме да го признаеме тоа, ќе продолжиме да се гледаме искривено, убедени дека токму така изгледа вистината.








