slepcenski 1

Во продолжение ја објавуваме рецензијата за оваа стихозбирка:

viber image 2023 07 15 11 26 12 288

ДУХОВНОСТА И СТИХОТ

Александар Прокопиев Творечкиот процес „Манастирски води“ изнедрен од сестринството на слепченскиот манастир „Свети Јован Претеча“ продолжува со својата петта стихозбирка „Течение“. Продолжува поетскиот дијалог што сестрите од манастирот, под името на светиот маченик Кипријан Слепченски, го водат поттикнати од мислите на Духот на Вистината (од деветнаесетата до дваесет и третата во оваа книга) со своите душевни и духовни согледанија.
Како да се искажат преку стихови неизрецивите сушности на човековото срце и душа? Поезијата во „Течение“ открива скалило на поетската умешност, но плени токму искреноста на срцата и душите на нејзините авторки. Нивниот говор е сублимен во својата едноставност. Заминуваш, се оддалечуваш/ но сепак си овде/ до мене, покрај мене/ ништо не те задржува/ Реко, реко,/ налик си на стара изрека/ деновите ќе поминат/ зборови Негови нема да изминат./, се вели во песната „Истекуваш“, со едноставни зборови што се способни да искажат силна поетска слика. Вдахновените поетски изливи во оваа стихозбирка течат без застој, поттикнувајќи го дејството на зборовите нахранети од верата и предаденоста. Патувам, Господи, патувам/ сѐ уште во оваа кожа се наоѓам/ гледам и погледнувам/од патувања нешто да не пропуштам. / Преполни се веќе со спомени/ овие мои сандали,/ добро е што грижата Твоја промисли/низ нивните дупки да протечат терети…(„Патување“). Лирското „јас“ се соочува со себепремавнувањето, за да го отстихува своето искуство во песната, но и над песната, насред патот кога доаѓаат, се пелтечат, се борат против бучавата или се пеат зборовите од Изворот (Трагаа многумина/до него стигнуваа оние кои сонуваа/ далечина за малкумина,/ блискост за многумина…(„Изворот“). Се создаваат овие песни како сведоштво и поткрепа на тој пат, и тоа е она што нас, читателите, нѐ допира – спокојната борба да се излезе на конечната светлина кога човечката несовршеност ќе се превладее во благодетта на Божјата милост: Подигни ме над мојот свет од падови/ заштити ме од моите понори/вера во мене да не ослаби,/надеж во Тебе да не се понижи/ љубов во моите вени засекогаш ќе струи.
Песната-сведоштво е тука, таа, иако често напишана во прво лице, постои без да се знае кој ја напишал, зад името на светецот проникнати се и поврзани сите песни во „Течение“, и ние, читателите, ги доживуваме како заедништво, како круг со заеднички радиус: Светот кон тебе не бил чесен/ и животот твој не бил лесен/ но сега сме тука/ Па нели сме си свои? („Како да допрам до твоето срце?“).
Наспроти минливоста на животот, во она што се прима од видливиот свет се насетуваат, се наоѓаат знаците на вечното, боженското. Од тој допир се инспирира и се храни поезијата во „Течение“: Еј Ти Вишни Велики/ Ти Кој прашина од карпа измива/ не земај за зло човечки недоумици/ туку побрзај очи да очистиш.
Во создавањето и течението на стихозбирките во циклусот „Манастирски води“ треба да се напомене дека местото на нивното раѓање е манастирот „Св. Јован Претеча“, еден од најстарите книжевни центри во Македонија, каде особено во XIV, XV и XVI век се развива плодна и богата книжевна дејност. Токму Св. Кипријан Слепченски бил игуман во манастирот и за неговата маченичка смрт останал запис на народен говор од анонимен автор што е вметнат во „Четвороевангелието“ на Висарион Слепченски од XVI век. Не е на одмет да се каже дека во современата македонска поезија, низа значајни поети се со потекло од демирхисарскиот крај, па и оттаму сум сигурен дека циклусот „Манастирски води“ и натаму ќе тече со истата свежост и чистина.

viber image 2023 07 15 11 51 08 158
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Петти Акатист кон Мајката Божја во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола

На 08.04.2022 г., во петтиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски и…

Џепането како културен, историски и рекреативен центар – Магистерски труд на Искра Јовевска од Битола

Продолжуваме со презентирање на магистерските трудови изработени од 6 млади архитекти од…

ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола го доби признанието за Најдобра установа од областа на заштитата, образованието и рехабилитација на лицата со попреченост

Фондацијата ,,Професор д-р Љупчо Ајдински”, а на предлог на Сојузот на специјални…

Битолчаните Татјана Грегова и Илче Ацески добитници на признанието „Просветен работник на годината“

По повод Светскиот ден на учителот 5 октомври, во просториите на Општинското…