Лицата со попреченост имаат право на пристап до културата, а институциите не треба да бидат само физички пристапни, туку треба и да нудат содржина која ќе им биде достапна на овие лица. А битолскиот музеј е токму тоа, музеј отворен за сите и тоа благодарение на д-р Ирена Ружин, координатор на проектите за пристапност и инклузивност во НУ Завод и Музеј Битола.

Во битолскиот музеј, кој е пример кој го следат и други музеи, сите посетители се исти, без разлика дали имаат попреченост или не. Ирена со години работи на тоа, преку разни проекти, работилници…

Во интервју за Читај бе, Ирена вели дека музеите имаат моќ да променат живот на поединци и на групи.

А за работата со лица со попреченост вели дека е благослов и ја опишува нивната реакција: …од досегашното искуство можам да Ви кажам дека сум среќна и ми се допаѓа кога велат ги „видовме“ експонатите, или „многу се убави и интересни“.

muzel 13

Читај бе: Ирена, веќе неколку години реализираш проекти и активности со цел музејот да се направи попристапно место за сите посетители. Што е она што е направено последните години?

Ирена: Во НУ Завод и музеј Битола континуирано се грижиме за своите посетители и се стремиме да бидеме музеј за сите. Откако ја завршив обуката на Балканска музејска мрежа, како претставник од Македонија во Балканската музејска група за пристапност, започнав со имплементирање на голем број проекти. Дел од нив беа поддржани од Балканската музејска мрежа, а дел од Министерство за култура. Склучивме меморандуми за соработка со повеќе здруженија и установи (Здружението на слепи лица, Мобилност, Заводот Кочо Рацин, Ресурсниот центар…)

14. Clenovite na Balkanska muzejska grupa za pristapnost BMAG

Направивме повеќе тактилни изложби, организиравме голем број обуки, семнари и конференци како и работилници со лица со различна попреченост. Потоа се претставивме и во Словенија, Хрватска, БиХ, Романија и повеќе пати во Србија, со наши проекти, во соработка со тамошни институции. Имаме одлична соработка со голем број институции со кои споделуваме искуства. Постојано сме дел од нови семинари, тренинзи и конференции сакајќи да сме во тек со сите општествено одговорни институции како и со новите технологии кои се применуваат за подобрување на пристапноста.

Во овие проекти е вклучен тим од надворешни соработници како и мои колеги. (Тесалија Жирова и Андријана Шокларовска – Брајово писмо, Катерина Шаркоска, – интерпретација на знаковен јазик, Михаил Марковски- аудио студио и монтажа на материјалите, Александар Котевски- камера, Силвана Петрова Насух- наратор, Кочови- техничка обработка).

0. naslovna

Посебно сакам да го истакнам колегата м-р Јове Парговски, веќе подолго време ги изработува тактилните слики за изложбите, публикациите, од неодамна и 3Д макетите,  поставувањето на NFC тагови за прв пат оваа година, а претходно со изготвените QR кодови и поставување на материјалот на веб и YouTube. Тој е всушност автор на тој концепт, кој не е скап во споредба со многубројните апликации со сличен ефект. Невројатна пријатна и позитивна е атмосферата кога заедно со целиот тим се подготвуваме за секоја нова активност/ проект. Ние тимот не го менуваме, од почетокот до денес, освен кустосите, во зависност од избраните експонати. Сите колеги без исклучок сакаат да придонесат во што поголем квалитет на проектите за пристапност. Особено ни е важно кога имаме одобрување, поддршка или совети од лицата со попреченост, како на пример консултациите со Весна Софрониевска, наша соработнчка од Здружението на слепи лица од Битола.

Читај бе: Што значи отворањето на вратите за лицата со попречености?

Ирена: Со оглед на тоа што лицата со попреченост имаат право на пристапност до културата, институциите мора да бидат и физички пристапни, но и да имаат програми и содржини кои се пристапни, бидејќи нивна законска обврска е да бидат пристапни. Најважно е за посетителите со попреченост да се чувствуваат еднакви со другите. Нивните културни потреби се идентични со сите посетители.  Податокот дека 15% од светстската популација има некоја привремена и или трајна попреченост наведува на размислување и бара сериозен пристап во работата на секоја институција, фирма, поединец…

1. Koco Racin

Музеите како општествено одговорни институции кои не само собираат, истражуваат, чуваат …мора да го презентираат културното наследство за СИТЕ. Ме радува што во новата дефиниција за музеите на ИКОМ ( ICOM- International Council of Museums) , се потенцира и ПРИСТАПНОСТ и ИНКЛУЗИЈА. … во служба на општествотоотворени за јавноста, достапни и инклузивни, музеите поттикнуваат различност. Музеите без публика залудно би постоеле, како книга на полица која никој не ја чита. Сметам дека музеите имаат моќ да променат живот на поединци и на групи.

16. mala sala

Читај бе: Што е она што им нуди битолскиот музеј? Што се можат да видат и да слушнат?

Ирена: Ние се водиме според социјалниот, а не медицинскиот модел. Во однос на физичката пристапност, на влезот поставуваме рампи и користиме гасеничар за совладување на внатрешните скали за лицата со отежнато движење. Низ поставката имаме поставено QR кодови кои со скенирање со мобилен телефон водат до аудио приказни и видеа на знаковен јазик, поседуваме публикации на брајово писмо со тактилни слики, како и стотина панели од наши тактилни изложби. Организираме повеќе видови работилници за деца и ученици со попреченост… На веб страната односно на YouTube се поставени голем број на видеа со што сме достапни 24 часа за сите.

4. Kate Sharkoska

Имаме и „музеј во куфер“, односно десетици тактилни копии од музејски експонати, со описи за нив, на Брајово писмо, аудио нарации и видеа на знаковен јазик кои го користиме во проектите со лицата со попреченост но и во редовните едукативните работилници. Оваа година, во рамките на инклузивните работилници  започнавме со употреба на тактилни играчки кои се едукавни и инспиративни.

13. Muzej vo kufer

Се радувам што наскоро ќе биде објавена е-мапа и публикација за музеите на Балканот кои се пристапни, во која ќе биде претставен и нашиот музеј, а во рамки на меѓународен проект за пристапност на музеите на Балканот, поддржан од Амбасада на САД од Белград (“Making Balkan Museums More Accessible for People with Disabilities”), програма за алумни, каде сме вклучени заедно со Парговски, што се реализира во соработка со Балканска музејска мрежа а по иницијатива на Милена Милошевиќ Мициќ, наш долгогодишен партнер во повеќе проекти и активности.

На лицата со попреченост во НУ Завод и музеј не им се наплаќа влезница.

Читај бе: Каква е реакцијата кај оние лица кои за прв пат ќе ги добијат овие информации? Или пак кај лицата кои за прв пат ќе допрат тактилна слика?

Ирена: Од нивната реакција, од досегашното искуство можам да Ви кажам дека сум среќна и ми се допаѓа кога велат ги „видовме“ експонатите, или „многу се убави и интересни“. За да биде доживувањето комплетно, треба да има опис на експонатот, кратка приказна и тактилен опис. Оние што го знаат Брајовото писмо го читаат тој текст, а за останатите поготвуваме аудио снимка. Уште од првата тактилна изложба, пред повеќе години, снимавме и видеа на знаковен јазик со што овозможуваме мултисензорно искуство.

5. Barbara

Читај бе: Колку кај нас се посветува внимание културните институции да бидат достапни 24 часа за сите лица?

Ирена: Секоја година сé повеќе и повеќе македонските музеи, па и музеите на Балканот се трудат да бидат повеќе пристапни и инклузивни. Во минатите години неколку музеи во Скопје е имплементиран нашиот концепт, дел од нив поддржани од Балканска музејска мрежа со грантови ( НУ Музеј на македонска борба и Археолошки музеј), дел од проектите за пристапност реализирани со сопствени средства и од УСА Амбасада Белград грант (Меморијален центар на холокауст на Евреите од Македонија). По правило, прв чекор кон унапредување на пристапноста треба да биде анализа на пристапноста на секоја институцијата или Студија, која освен што констатира состојба, ги дава насоките, стандардите и предлози за унапредување на пристапноста. Потоа секој според вољата, можностите и знаењето, спроведува активности, подготвува програма и реализира проекти. Многу често важни интервенции не чинат многу пари, а некои проекти, особено оние со имплентација на современи технологии можат да достигнат огромни суми.

8. Rabotilnica

Читај бе: Која е лично твојата заложба и борба за овие лица?

Ирена: Пристапноста и решавањето на истата многумина ја гледаат како проблем, а јас ја гледам како можност…Таа тема за мене е предизвик и постојано учам и сакам секој нареден проект за пристапноста да биде подобар од претходниот. Посакувам со убави примери да ја подигнам свеста на сите за важноста на инклузијата и пристапноста, да ја посочам законската регулатива, меѓународните стандарди, стратегии и нашите закони, па и да ја потенцирам убавината да се работи со лица со попреченост. Тоа е најверојатно благослов. Секогаш сум искрена со колеги од други институции дека, па им кажувам, кога еднаш ќе бидете обучени и отпочнувате со вакви проекти- нема враќање назад. (хахаха)

10. taktilni

Често советувам да се применува универзален дизајн, да се применуваат стандарди ( ISO и сл), а со тоа ќе бидат потребни мали интервенции од после, како во просторот така и во услугите и програмите.

17. Vo Koco Racin

Ме радува дека со меѓународното претставување со проектите за пристапност, со соработката со голем број на институции и колеги правиме и голема промоција на нашето културно наследство. Учеството во повеќе меѓународни проекти се одлична можност за мене, не само за размена на искуства туку и за континуирано учење.

12. rabotilnica

Читај бе: Колку ова значи за децата? Често имате и работилници

Ирена: Децата се многу среќни и задоволни во рамките на нашите едукативни, креативни, интеракивни и инклузивни работилници. Користиме различна стручна и специфична методологија во зависност од видот и степенот на попреченост. Секогаш имаме соработка со нивните асистенти, стручни лица и нивните најблиски, со родителите. Се обидуваме низ игра и забава, да ги поттикнеме на креативност, да ги научиме повеќе за нашето културно наследство а воедно да им го направиме денот поубав. Често правиме комбинирани работилници со деца и ученици кои немаат попреченост со тие кои имаат, при што ги учиме за меѓусебна почит.

18. Rabotilnica

Задоволство е кога забележуваме како убаво соработуваат меѓу себе и не сакат да си заминат од нашите простории/ сали. Секоја работилница завршува со прашањето „Кога повторно ќе се видиме на „нашето место“? А штом тие се чувствуваат дека се во „нивно место“, целта на музејот и на нашиот тим е исполнета.

За крај сакам да се потсетиме на една реченица од Агендата на Обединетите нации 2030 за одржлив развој каде се налага-Никого да не оставиме зад себе!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…