Како дел од програмата за одбележување на 4-ти Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, Младинскиот културен центар – Битола со јавна дискусија на тема „Поддршка на локалниот бизнис за развој на туризмот“ по 11-ти пат ја одбележува Европската недела на претприемништво, која се одбележува ширум Европа во над 300 градови. Модератор на дискусијата беше д-р Сашо Додовски, директор на Младински културен центар – Битола, кој истакна дека годинешната тема е погодена од повеќе аспекти.
„Прво од аспект на спротивставување на негативните демографски трендови и можност за насочување на младите да работат во област која што не била многу застапена, а тоа е туризмот, или претприемништвото во областа на туризмот. Битола е погодна локација за развој на туризмот, отсекогаш била крстопат на многу патишта и сметам дека за разлика од сите информатички претприемачки идеи, туризмот и сето она што туризмот го нуди ќе биде силен поттик да многу луѓе, и млади и повозрасни да инвестираат во оваа област и да понудат нешто што досега не било практика. Примерите со многу земји во регионот ова го покажуваат дека претприемништото во туризмот носи огромни резултати и нови работни места, но и многу развој, успешни и развиени бизниси за кратко време“, рече Додовски.
Додовски потенцираше и дека инвестирањето во смарт туризам зема огромен замав во ЕУ, а токму МКЦ Битола работи на таков проект со паметен туризам како дел од прегуграничната соработка.
Филип Стојчевски од Винаријата Чифлик истакна дека Битола е еден од бисерите на нашата држава и е неопходно да се организираат што повеќе вакви дискусии, со цел да се поттикне развојот и на локалниот бизнис, но и на туризмот.
„Ваквите дискусии се одлична појдовна точка за да може да ги презентираме работите кои недостигаат во градот, кои што се неопходни за да се поддржат сите индивидуалци, кои што се клучни во туристичиот сектор. Дефинитивно ни недостигаат сегрегирани платформи за да се знае точната понуда на градот, различни содржини кои ние како индивидуалци може да ги обезбедиме преку нашите активности, но сепак тука е и општината, затоа што имаме огромен потенцијал во планината, потенцијал за скијање, антички град скоро во центарот на градот кој не е доволно искористен, информации околу самата понуда, самата историја на градот, така што може да се направи убав пакет кои ние како понудувачи на туристичката понуда ќе може да го искористиме за да ги угостиме туристите, истакна Стојчевски.
Поддршката на туризмот во Битола е многу важна, потенцираше Никола Јошевски, еден од основачите на туристичката агенција ЈК Травел.
„Мислам дека организираат вистински настан во вистинско време којшто ќе генерира понатамошни добри резултати. Прво треба да се работи на начинот на размислување на народот и угостителските работници во Битола, треба да ги тргнеме ситните индивидуални интереси и сите заедно да се заложиме да направиме едно заедничко општо добро за градот во областа на туризмот. Инфраструктурата е клучна за развој во регионот. Ние сме на патот Виа Игнација, тука се движат многу туристи, посебно во летниот период. Мислам дека подобрувањето на влезовите во градот, а исто така и рекламирањето на градот на самите влезови, ќе придонесе драстично во зголемиот број на туристи во текот на летната, но и во зимската сезона“, истакна Јошевски.