Прифаќајќи го предизвикот својата кариера како натпреварувач во боречки вештини да ја продолжи во Султанатот Оман со цел да се надоградува професионално, битолчанецот Ристо Димитров Чурино од 2017 година ги реди своите успеси на Блискиот исток.

Тој таму работи како фитнес тренер и вели дека почитта кон него како тренер е огромна од страна на Оманците. Минатата година имаше и голем подвиг. Иако не е маратонец, тој истрча 9 исклучиво тешки трки за 4 месеци.

Ова беше повод да поразговараме со Чурино за неговиот професионален развој во Оман, за неговиот живот таму, за успешната 2022 година, за предизвиците во 2023 и за неговата родна Битола која во 2016 година му ја додели наградата за најдобар спортист…

323583412 387980456878595 575504862203863440 n

Читај бе: Ристо, може да се пофалиш со доста успешна спортска кариера надвор од Битола. Најнапред, да се навратиме неколку години наназад кога ја донесе одлуката животот да го продолжиш надвор од Македонија…што беше пресудно?

Ристо: Најпрво, ви благодарам за одвоеното време и простор и поздрав до вас и вашите читатели. Како што рековте веќе неколку години живеам и работам во Султанатот Оман на Блискиот Исток, а одлуката да се преселам токму таму дојде по добиена понуда за работа. Пресудно беше тоа што во Македонија и тогаш, а и сега, шансите за напредок во кариерата, било да е спортска или тренерска се многу мали, а како личност и како профсионалец сакам да се  надоградувам. Мислам дека баш тоа беше најголемата причина.

323577112 888465595934152 2490722404533697727 n

Читај бе: Колку на почетокот ти беше тешко или лесно да се вклопиш во нивната култура?

Ристо: Па искрено не беше воопшто тешко, затоа што нивната култура е сега веќе микс на арапски и западен стил на живеење, со оглед на тоа дека има огромен број иселеници од целиот свет. Секако дека има одредени верски правила и обврски кои дека мора да се почитуваат, но тоа е нормално кога одиш во туѓа земја, да се почитуваат нивните традиции. На тоа Оманците знаат да возвратат со искрено гостопримство и прават да се чувствуваш како дома.

322664533 1642593166192226 3279856728467911748 n

Читај бе: Може ли да ни откриеш нешто повеќе за она што го работиш таму и колку сето тоа те исполнува?

Ристо: Работам како генерален менаџер и главен тренер во компанија во која сум и партнер. Еден дел од работата е дизајн и опремување на домашни и комерцијални фитнес сали, а другиот дел е сконцентриран на лични тренинзи, каде под концептот „Тренирај секаде и секогаш, без изговори“ нудиме уникатен пристап кон фитнесот, каде клиентот и неговите потреби се на прво место, а јас и мојот тим со нашата „мобилна фитнес сала“ се прилагодуваме на нив. Тоа значи тренинзи на отворено или дома, со целосна опрема за максимални резултати и веќе 2 години сме единствени кои го нудат тој концепт, за кој морам да кажам дека е посебно успешен, со оглед на промените кои ни ги донесе Ковидот, а кои се уште присутни.

322816973 711885643623116 5739531977210045130 n

Читај бе: Како е да си тренер во Оман? Дали односот е поразличен?

Ристо: Односот е многу поразличен и тоа ја прави професијата уште поубава за работа. Јас, како прв тренер за mixed martial arts во Оман воопшто, уште од 2017 па досега, секаде наидувам на почит и поддршка, како од моите ученици и клиенти, така и од сите други со кои сум се сретнал. Оман, како и останатите држави од овој дел на светот вложува многу во спортот, а и луѓето кои живееат тука сакаат да се физички активни, да се во добра форма и се грижат за своето здравје и изглед. Затоа, можам да кажам дека успешните фитнес тренери се навистина почитувани, па дури и своевидни ВИП личности.

322952880 629491885615150 2830956815594951419 n

Читај бе: Минатата година ти беше повеќе од успешна. За 4 месеци истрча 9 трки на различни терени. Може ли да ни откриеш нешто повеќе за овој твој подвиг? Колку време се подготвуваше за ова?

Ристо: Немав некои посебни подготовки, затоа што сум секојдневно активен и тренирам најмалку еднаш во денот, исто како постојано да се припремам за натпревар или трка.

Желба ми беше да направам нешто поразлично, да се предизвикам самиот себеси. Презадоволен сум затоа што успеав во намерата иако не сум ни маратонец, ниту професионален тркач, а и од нив ретко кој има остварено ваков подвиг. Истрчав, како што кажавте, 9 трки на различни терени: планина, песок, кањон, потоа два градски маратони итн. на елевација од 200 – 2800 мнв и секако, секогаш непредвидливите Спартански трки, кои се одржуваат на невообичаени терени и се состојат од најразлични препреки кои дополнително го отежнуваат трчањето, но го прават предизвикот поголем.

Дел од нив беа доста напорни и опасни, но дефинитивно вредеше да се проба и секако да се успее.

Читај бе: Една од трките беше на тежок планински терен и до 2800 метри надморска височина. Каква подготвеност треба за да се истрча и заврши една ваква трка? Дали се појавуваат критични моменти и што е тоагш најважно, психичката или физичката подготвеност?

Ристо: Himam Trail Run, трката од 110 километри, беше еден од најтешките и најголем предизвик за мене досега. При таква трка, освен физичката, секако дека се става на тест и психичката подготвеност на еден човек или спортист. Поаѓајќи од 400 мнв, се стига до највисоката точка на 2800 мнв, каде веќе и воздухот е поинаков и поредок. Трчав 35 часа постојано, и во текот на ноќта и со оглед на тоа што постојано се трча низ кањон или планински предел, предизвик беа и температурните разлики, кои се движеа од 30-тина степени на стартот, па се до 5 степени за време на ноќните часови. Храната е секако сведена на минимум при вакви подвизи, затоа што секој грам опрема кој се носи со себе е важен и како изминува времето, се потежок. Само половина од пријавените успеавме да ги завршиме сите 110 километри,  голем дел од натпреварувачите се откажаа или се повредија. Со овој пример сакам да кажам дека иако физичката подготвеност е многу важна, сепак силната волја и психичката сила е пресудна. Уморот настапува некаде околу 50-тиот километар и кај најподготвените, така што силата на умот е таа што мора да се избори со телото кое сака да се откаже.

322402839 645025010646413 9086613092580352620 n 1 e1673295738277

Читај бе: Ја претставуваше и Македонија на Светското првенство во кураш во ноември…

Ристо: Да, точно и морам да кажам дека за мене е секогаш огромна чест и задоволство кога настапувам и ги бранам нашите бои. Затоа и без размислување прифатив, иако распоредот ми беше веќе исполнет, а патувањето во Индија како се одржуваше светското првенство беше непосредно пред Himam Trail Run трката. За жал, настапот не беше онака како што сакав да се претставам, затоа што уште вториот ден од престојот во Индија добив ужасно труење од храна, кое целосно ме исцрпи. На денот на натпреварот бев дехидриран и со покачена телесна температура и навистина ми е жал што не успеав да остварам подобар резултат, но ете, некогаш се случуваат и такви работи кои не можеме да ги контролираме.

Читај бе: Кои се зацртаните предизвици кои ги имаш за оваа 2023 година?

Ристо: Планот за 2023 е доста сличен на досегашниот, со тоа што би сакал оваа година да успеам да го повторам и да го надминам рекордот од 2022. Во план е да имам и најмалку еден ММА меч, нешто кое секогаш посебно ме исполнува. Во моментов натпреварувачките распореди сеуште не се објавени, па не можам да знам кога и каде се ќе се појавам, но со сигурност ќе ги има многу и секако, мојата мисија, покрај личниот успех е што повеќе луѓе да слушнат за Битола и Македонија преку тие натпреварувања.

324064234 852818942651427 5359349388196866476 n
322318118 2893876324090112 230246014654195150 n

Читај бе: И за крај…што најмногу ти недостига во родниот град? Колку често се враќаш во Битола?

Ристо: Ми недостига она што мислам дека им недостига на сите кои не живеат веќе во Битола: Широк Сокак, Пелистер, дружењето со пријателите и роднините, вкусната храна, битолскиот начин на живот… сепак нели, дома си е дома. Се враќам секогаш кога сум во можност, со исклучок на изминативе две години кога глобалната ситуација тоа не ми го дозволи. Искрено се надевам дека тие денови се веќе зад нас, па дека веќе на пролет ќе се видиме пак!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…