nikola ilijovski naslovna

Поетот, раскажувач и книжевниот критичар, Никола Илијовски е роден во Битола и уште од 2014 година е член на Друштвото на писатели на Македонија. Освен што твори, ги поддржува авторските дела на младите писатели, љубители на пишаниот збор, а од 2017 година работи како адвокат.

Овој разговор одлучивме со Никола да му го посветиме на пишаниот збор и да поразговараме за неговите дела, препораките до младите автори, идеи, деловни искуства и сето она што би можело да ја интересира јавноста, а особено оние чија главна пасија и страст им е времето поминато во игра со зборовите и мислите.

,,Илузија е сé, си помислил врабецот пред да полета” (Премолчено Пладне, Никола Илијовски).

nikola ilijovski 4

Читај бе: Колку долго си посветен на поезијата на македонски јазик и што беше пресудно, за да тргнеш да зачекориш во писателските води, во далечната 2011 година?

Никола: Првата книга ја издадов во 2011-тата година, а со пишување се занимавам од 15 години. Како мал немав намера да пишувам, бидејќи со мака ги подготвував писмените работи по македонски јазик. Но читајќи го романот, Шагринска кожа, од Оноре де Балзак, во мене се пробудија чувства на љубов кон пишаниот збор. Токму овај роман ме промени, ми ги отвори очите, а тоа беше и пресудниот момент да започнам да пишувам. Откако ми надојде инспирацијата, продолжив со читање на некои филозофски книги и веќе конечно почна да се размотува клопчето, а јас да пишувам. Првично бев заинтересиран за поезија и најплоден сум во таа област, затоа што ја користам поетската прецизна мисла, па дури и јапонската поезија. Поезијата ми е прва љубов, секако дека се имам пробано и во проза преку една книга раскази, која излезе од печат во 2018-тата година. Оваа книга беше подржана од Министерство за култура, а се работи за раскази со различни содржини, кои се пишувани подолг временски период и најчесто обработуваат теми од една друга паралелна сегашност, во која се забележуваат трансформации на духот и која ни овозможува исклучување, барем за момент, од оваа нашата сегашност. Не се работи за сон, туку едноставно бегање од моменталната реалност, во друга реалност, односно паралелна сегашност.

nikola ilijovski 3

Читај бе:  Можеш ли да ни наведеш некои твои позначајни дела, кои имале забележително влијание врз читателите?

Никола: Мислам дека одредени песни и одредени раскази оставиле впечаток кај поголемата публика. Можам да кажам дека сум доста задоволен од мојата последна книга за возрасни ,,Градина од забранети овошки”, задоволен сум од поезијата ,,Премолчено пладне”, која што беше наградена и испечатена од Битолски книжевен клуб. Исто така задоволен сум од расказите, за кои што веќе зборувавме претходно, објавени во ,,Една друга сегашност”. Целиот труд треба да го препознае литературната критика, да ги издвои и да ги собере најдобрите поезии. Лично јас сум задоволен од она што досега сум го работел, но не би можел да коментирам за она што јас лично сум го напишал, како што кажав, тоа треба да го направи литературната критика.

nikola ilijovski 2

Читај бе:  Инспирацијата, креацијата и имагинацијата се трите клучни точки од кои една идеја прераснува во дело. Според твоето искуство, што е она, што го држи еден писател мотивиран и кои се бенефитите за писателите во Македонија?

Никола: Нема некој голем бенефит од тоа да бидеш писател во Македонија, затоа можам да кажам дека писателите и немаат многу на што да се радуваат. Но, душата е секогаш нахранета, задоволен си секогаш самиот од себе, затоа што знаеш дека надвор од оние деловни обврски, се занимаваш со виши работи. Кога пишуваш, навлегуваш во некој необичен свет, длабоко си фокусиран на темата која ја обработуваш и се поврзуваш со духовното. Токму затоа, ние љубителите на пишаниот збор, се сметаме за необични и поразлични од останатите. Да размислуваш поетски, односно писателски, значи да ги гледаш работите од секој агол и да ја земеш во предвид секоја страна.

nikola ilijovski

Читај бе:  Што се однесува до мене преку пишаниот збор можам слободно да медитирам. Тоа е единственото нешто кое ме оддалечува од реалноста. Што се однесува до деловните работи, како успеваш да одржуваш баланс помеѓу работата, како адвокат и улогата на писател? Колку е тешко или лесно да се одржуваат, односно да се биде активен и во двете сфери, истовремено?

Никола: И двете сфери ми се поклопуваат. Често адвокатот може да биде писател и писателот, често може да биде адвокат. Писателството ми помага лесно да се изразам и лесно да се снајдам во различни ситуации. Адвокатсвото е вештина која што овозможува брзо и лесно да се дојде до замислената цел, а во самото тоа и тоа каква улога игра самата книжевност, затоа што ние, адвокатите, често пишуваме тужби, жалби, молби и така натаму.

Читај бе:  Преку кои активности им помагаш на младите автори, да го пронајдат својот пат во писателските води, зошто го правиш тоа и со колку млади инспирирани писатели, односно творци располагаме, како град, во моментот?

Никола: Битола, како град, отсекогаш бил плодно место за млади писатели. На ниво на држава, Битола има најмногу членови во Друштвото за писатели, но има и млади кои не се дел од Друштвото за писатели, лично јас, членството не го сметам за репер да се биде квалитетен писател. Во 2018-та година основав свое Здружение за издавачка дејност, чија главна цел е да ги поттикнува и мотивира младите, љубители на пишаниот збор. Издадени се триесеттина книги, со разнолики содржини и тематики, а авторите се од целата Република и на различни возрасти. Сите книги кои што сум ги издал, односно кои што поминале низ мојата уредувачка рака, имаат некој свој квалитет. Секоја книга има што да каже, а некои дури и се навистина врвни книги, кои сега за сега не забележале поголем публицитет, но на книжевноста секогаш и се отворени вратите. Навистина не се знае, кога една книга ќе биде откриена од вистински раце.

nikola ilijovski 6

Читај бе:  Што можеме да очекуваме од тебе во иднина? Ни подготвуваш ли некое ново дело и можеш ли да ни откриеш која е главната идеја, односно тема на истото?

Никола: Моментално работам на нова книга за деца, тоа е поетска книга и ќе го носи насловот ,,Билет за еден смешен свет”. Книгата е составена од три циклуси, со околи педесетина песни. Книгата ќе содржи и речник, за децата да немаат потреба да ги прашуваат родителите за непознатите поими, односно покомплицирани зборови, со кои ќе се среќаваат во книгата. Во книгата, децата ќе имаат можност, да се сретнат и со поетска боенка, односно се обидов преку воведување на боенка, да ги натерам децата да се вљубат во пишаниот збор и да бидат во постојан чекор со книгата.

nikola ilijovski 5

Читај бе:  Кое е главното мото кое треба да го следи секој писател, со цел да остане истраен, да пишува и пред сé да чекори мотивирано напред?

Никола: Да биде свој, да сака предизвици, да сака авантури, да не се плаши од ништо, особено да не се плаши да го изрази своето мислење, да се надоградува и многу да чита. Кога сме кај читањето, им препорачувам на сите идни млади автори да читаат автори кои што се подобри од нив, а не полоши, со цел да напредуваат и да не го губат времето.

,,Не размислувај и продолжи да трчаш, вчера е ништо” – Никола Илијовски

meblo trejd - aparati
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…