насловна

Иван Дургутов е магистер по право, млад европски амбасадор и извршен директор во Европската бизнис асоцијација во Скопје. Со него поразговаравме за претприемачкиот дух на младите во Македонија, за миграцијата, опциите за вработување на младите кои се нудат.

Според него, претприемачкиот дух на младите во Македонија е на солидно ниво. За миграцијата вели дека е основно човеково право во ЕУ, и токму затоа на движењето на младите луѓе од побуди како образование, вработување и слично, не гледа нужно како на негативна појава.

Читај бе: Иван, повеќе од една година сте на функцијата извршен директор во Европската бизнис асоцијација во Скопје. Од Ваша перспектива, дали младите се заинтересирани за претприемништво и создавање на нови бизниси?

Иван: Да, би рекол дека претприемачкиот дух и желбата за отворање на бизнис кај младите е на солидно ниво. Младите денес се во многу поголем број сопственици на бизниси отколку во минатото, во времето на нашите родители и роднини кога сме имале и друг вид на економски систем. Имајќи ги на ум глобализацијата и отвореноста на светот, пристапот до информации за младите, но и за сите останати граѓани сега е олеснет како никогаш претходно. Оттаму, младите брзо ги согледуваат придобивките од имањето на сопствен бизнис, меѓу кои се и флексибилното работно време, можноста за работа за повеќе од плата, реализацијата на своите соништа на професионално поле, развојот на менаџерските и лидерските вештини, можноста да се биде работодавач и други придобивки. Во рамки на Европската бизнис асоцијација, традиционално ја одбележуваме Глобалната недела на претприемништвото која се случува секој ноември, па оттаму и преку конкретни проектни активности се трудиме да допреме до поширок круг на млади луѓе кои би ги информирале или потсетиле кои се предностите на самовработувањето.

3

Читај бе: Како да се поттикне и развие претприемачки дух кај младите луѓе? Кое е Вашето искуство кое би сакале да го споделите?

Иван: Честопати знаеме да бидеме прилично критични кон македонскиот образовен систем и да реагираме дека истиот не е доволно бизнис ориентиран или со други зборови, дека ги поттикнува младите луѓе по завршувањето на своето образование да бараат работно место, наместо самите да го создадат истото. Токму во оваа насока, без да имам потреба да го бранам нашето формално образование на кое со сигурност му треба модернизирање,  би подвлекол дека ни во најразвиените пазарни економии не можеме да кажеме дека сите индивидуи се едуцираат и поддржуваат да работат за себе и да имаат свој бизнис. Прво и основно, тоа не е одржливо за самото општество, а второ, водењето бизнис има и свои отежителни околности на кои како луѓе од страна не секогаш умееме да сведочиме и да ги забележиме. Најголемиот поттик, според мене, претставуваат поголемото споделување на успешните бизнис приказни кои ги има прилично многу во нашата држава. Потребна ни е промена на наративот и поголемо опкружување со позитивни вести. А, исто така и охрабрување на самоедукацијата, на зголемената информираност и на истражување на сите оние мерки кои ги нудат државните институции и невладините организации во поглед на отворањето на нови и поддршката кон постојните бизниси.

5
meblo trejd lajsni

Читај бе: Години наназад забележани се рапидни бројки на иселување на млади од државата. Според вас, кои се причините за „одливот на мозоци” од Македонија? Што ќе донесе тој тренд во државата?

Иван: Миграцијата е основно човеково право и токму во Европската Унија кон која се стремиме без малку од самото наше осамостојување, меѓу другото, функционира преку нејзиниот внатрешен пазар базиран на четирите основни слободи – слободното движење на добра, капитал, услуги и луѓе. Оттаму, на движењето на младите луѓе од побуди како образование, вработување и слично, јас не гледам нужно како на негативна појава и силно верувам дека сме презаситени од дискусиите на теми како да ги задржиме или вратиме младите луѓе во Македонија. Луѓето не се предмети па за да ги држиме некаде, а и не ни треба уште една здравствена пандемија со затворени државни граници. Отвореноста на најразвиените светски земји, но и внатрешната и надворешната миграција која се случува дури и кај нив, несомнено отвора простор за квалитетните луѓе од земјите како нашата кои се уште се во транзиција кон вистинска пазарна економија и функционална демократија. Следствено, токму поширокиот спектар на околности – квалитетот на живот, функцирањето на правосудниот систем, нивото на почитување на човековите права, сето ова влијае на одлуката на младиот човек да проба својата среќа и успех да ги најде преку границите, а не само повисоките месечни примања кои некогаш се сметаа за главна водилка на младиот човек за живот во странство. Истовремено, сакам како држава повеќе да се потрудиме и да го мапираме и ползуваме потенцијалот на нашите млади кои се вон границите на државата. Со други зборови, физичката локација денес не игра толку голема улога како порано, па така сите оние привремено или трајно иселени луѓе од Македонија, може и тоа како да и помогнат на својата држава како нејзини најголеми промотори. За тоа треба да знаеме како да креираме соодветни политики и како да ги негуваме нивните односи со земјата на потекло.

2

Читај бе: Агенцијата за вработување години наназад спроведува оперативен план за вработување. Колку истиот е корисен за млади, и што им се нуди преку овој план?

Иван: Оперативниот план кој Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика го носат секоја година, всушност, претставува сет на мерки преку кои државата се труди да ги активира младите на пазарот на трудот, особено оние подолгорочо невработените лица. Чувствувам дека живееме во доба во кое пазарот на труд е доста разигран, но и погоден од негативните демографски трендови кои погоре ги споменавме. Врз основа на тоа, чувствувам дека веќе не зборуваме за барање на работно место, туку за избор на работно место и тоа самото по себе не е лошо. Токму овој годишен план нуди повеќе можности за неповратни средства за отпочнување на свој бизнис, нуди можност за субвенционирање или кредитирање на веќе постојни бизниси итн. Треба уште повеќе да се работи на негова промоција и доближување до младиот човек. Но, во исто време и сметам дека токму навремената информираност на младиот човек кој успева да стигне до вистинската информација во вистинско време е она кое од него прави лидер и го издвојува од останатите, па затоа и не сметам дека (не)доволната промоција од страна на државата треба да се користи како некаков изговор за наша пасивност.

Читај бе: Иван, Вие сте млад европски амбасадор повеќе од две години. Дали младите од државата веруваат во европските вредности?

Иван: Веруваат и се нивни најголеми застапници. Младиот човек точно знае каков живот има неговиот врсник во земјите од Европската Унија и точно знае каде е најдоброто образование или каде се отселиле неговите пријатели поради подобриот животен стандард. Бројните образовни програми и програми за размена, меѓу кои и најпознатата Еразмус+ програма се само дел од тие европски вредности кои ние секојдневно ги чувствуваме, за кои читаме и често ги ползуваме и кои сакаме да ги имаме дома. Притоа, европските вредности не се догма, туку реални нешта и фактори кои водат кон подобар живот и пофункционална држава. Тие за мене не се дестинација, туку целосно патување и затоа на нив треба континуирано да се работи.

4

Читај бе: Често патувате, па кажете ни која е Вашата омилена дестинација каде што сте биле досега?

Иван: Моите најубави патувања се во старата убавица Европа. Иако сум ги посетил и повеќето други континенти, сепак најодговорно тврдам дека од европскиот континент нема поубаво место за шетање и живеење. Патувам и приватно и професионално, а најмногу ја сакам Италија. Таа држава ми претставува пример за одличен баланс помеѓу работата и животот, помеѓу кариерниот напредок и доброто психичко здравје, помеѓу бизнис светот и убавината на малите, секојдневни нешта кои ги доживуваме вон работното место.

Читај бе: На крај, која е Вашата порака до читателите на Читај Бе?

Иван: Пораката е содржана токму во насловот на Вашиот медиум, а тоа е да не престануваат да читаат. Не сакам да верувам и не можам да се согласам дека како нови генерации треба да се помириме дека треба помалку да читаме и дека сите информации некој треба во три реченици да ни ги сервира. Да читаме повеќе, но и да делуваме. Човекот може да е вечно млад, барем во духот, ако не престанува да биде активен и да твори и создава услови за подобро денес и утре.

meblo trejd - k elementi
jk kipar carter
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…