„Современото македонско општество и воспитно-образовниот систем“ – критички есеи за нашето секојдневие е првата книга на историчарот Васко Гичевски, која неодамна излезе од печат и за скоро време ќе биде промовирана пред широката јавност. Гичевски е познат во медиумскиот простор како гласноговорник, кој умешно ги интерпретира доблестите на маргините. Тој е свесен млад човек, истражувач, учител кој не им се предава на конвенционалните образовни рамки, затоа што имаат тенденција да се распаднат сами од себе. Образованието е еден од најблагородните процеси во човечкиот живот, ако човекот спознае и научи да размислува, тој има можност да го промени светот.
Читај бе: Кој е Васко Гичевски?
Васко: Васко Гичевски е историчар роден во 1997 година, дипломирал на Филозофски факултет-Институт за историја во 2020 година. Прогласен е за првенец на генерација и носител е на наградата „26 јули“ за покажан особен успех во студирањето. Од 2021 година вработен е во ООУ „Славко Лумбарковски“- Новаци. Живее и работи во село Бач. Автор е на дваесетина научни трудови од областа на социјалната историја на Македонија за време на османлиското владеење.
Читај бе: Каде се наоѓа Бач и зошто е поубав од Скопје?
Васко: Бач е китно македонско село, сместено под сенката на Ниџе Планина. За мене кој тука сум го осознал светот, селото Бач е основата на моето постоење. Никогаш не бев се привикнал на урбанизмот и веројатно никогаш и нема, па затоа од чисто субјективни причини моето село мене ми е поубаво од кој било град. Не ми е предизвик да го живеам брзиот, урбан, капиталистички стил на живот, каде човекот е машина за создавање на вишок вредност. Сосема спротивно сакам – мирен, бавен живот, мир спокојство, со еден збор раат. А раатот мене ми е тука. Како личност секогаш сум се водел според правилото дека човек треба да го прави она што го прави среќен, па согласно тоа решив по дипломирањето да се вратам да живеам и да работам во моето село.
Читај бе: Што научивме од петте векови под Османлиска власт?
Васко: Веројатно сосема малку или ништо, бидејќи ние одново и одново се соочуваме со некои проблеми кои не се ниту нови ниту невидени. Колку за илустрација ќе наведам два примери па вие сами донесете заклучок. Британскиот дипломат Чарлс Елиот кој тука престојувал во последните децении на XIX и XX век ни говори дека османлиската власт земала кредити и многу „инвестирала“ во мостови. Арно ама кога ќе сте дошле на местото каде требало да има мост, таму немало ништо, а парите биле веќе потрошени и се запишало дека мостот бил направен. Понатаму еден публицист во почетокот на XX век ќе запише дека омилен збор на турската администрација бил „Ела утре“. Заклучокот можете и сами да го донесете.
Читај бе: Може да се направи паралела меѓу суштината на образованието во текот на тие пет века, па после Младотурската револуција, Балкански војни, Светските војни, југословенскиот 45 годишен прочуен училиштен систем и конечно под капата на Самостојна Македонија?
Васко: Може да се направи. Македонија во текот на тие 5 века, имала сосема малку писмено население. Процентот на писменоста ќе се зголеми во последните децении на XIX век и првата деценија на XX век. Во тој период световните училишта играле улога на места за национално воспитување. Нивната цел не била да описменуваат туку да креираат, добри „Грци, Срби или Бугари“. Бидејќи населението немало доволно финансии, не го разбирало јазикот на кој се работело во училиштата, едноставно не посетувало училишта. Во тој контекст, според првиот попис по втората светска војна во Македонија имало 80% неписмено население. Беа преземени одлучни чекори да се надмине таа состојба и се надмина. Тој образовен систем беше ставен во функција на општата човекова наобразба, издигнување на културното ниво на народот. Едноставно тој образовен систем поставувајќи соодветен урнек за писменост, трудољубивост, култура и воспитание, ги креираше новите генерации. За жал денес, современото образование и воспитание е пред сѐ жртва на немањето еден воспитен и образовен идеал. Сѐ ми се чини дека нашата власт нема воопшто размислено што сака да постигне и како сака тоа да го постигне. Се преземаат неквалитетни реформи и концепти, најчесто заради лукративни интереси на оние кои тука глумат семудрост и ги промовираат. Така нашиот воспитно-образовен систем стана заробеник на алчноста, незнаењето, пропагандата, се претвори во систем кој треба да пропагира вредности кои се истоветни со оние на властелите од сите бои. За перверзијата да е поголема, сѐ е тоа сведено под флоскулата „критичко мислење“ иако реалната критика, онаа која не ги говори истите зборови кои ги говори властелата е непожелна.
Читај бе: Скоро сите истакнати македонски револуционери биле и учители – феноменот на школованата мисла?
Васко: Тоа е пред сѐ последнична поврзаност на знаењето за тоа како треба нешто да изгледа и како тоа истото изгледа во реалноста. Тоа непоклопување го изнедрува бунтот. Бунтовната мисла се јавува само кај оние кои имаат доволно информации, знаење и способност да ја обмислат реалноста и да ја споредат со сознанијата добиени преку образованието. Така се раѓа не само желбата за бунт и борба, туку така и почнуваат сите борби, со една проста решителност за подобра, поправедна реалност, за еден човечки живот како што прилега на човека.
Читај бе: Во денешно време да се има храброст да се критикува, е вистинска храброст, ти го критикуваш образовниот систем, и тоа многу хируршки – има ли нешто што чини, твојата книга за кого е наменета?
Васко: Доколку говориме за системската поставеност на воспитно-образовниот систем, тој одамна нема ниту цел ниту содржина. Едноставно опстојува по инерција и само затоа што мора. Јас сум уверен дека доколку не би било светски срам, прво што би направиле би било затворање на училиштата. За нашата властела, образованието е трошок, место каде се креираа потенцијални мислители, а со тоа и креатори на проблеми. Најголемата среќа во нашиот воспитно-образовен систем е тоа што сѐ уште има вредни и посветени наставници кои себе си се дале на остварување на највисокиот хуманистички чин да создадат писмени личности, личности чиј дух нема да може да се окова во прангите на простотијата и незнаењето. Во тој контекст мојата книга е посветена за секој оној чиј дух не го покориле, за секој оној кој сака да прочита поинакво мислење и гледање на реалноста, за секој оној кој е доволно паметен, па веќе разбрал дека нашиот свет одамна станал само омеѓен дол од пространството на пеколот.
Читај бе: Историјата на Херодот и Историјата денес – во чија служба се општествените науки?
Васко: Историјата настанала како литературен жанр кој имал за цел да поучува, но и да забавува. Со текот на времињата бил изграден методолошки пристап, па со тоа историјата добила статус на наука за минатото на човекот. Во таа смисла историјата има за цел да понуди сознанија за минатото, па преку тие сознанија ние современите луѓе да видиме кои постапки биле лоши односно добри и кон што тие постапки ги одвеле луѓе во минатото. За жал, денес сѐ помалку науката постои заради човекот. Таа е затворена во тесните кабинети, не се прелева во општеството, бидејќи оние кои што треба да ја користат науката, едноставно се однесуваат како таа да не постои. Научните работници се турнати на страна, принудени сѐ повеќе и повеќе да пишуваат иако нивните писанија немаат никаков општествен ефект. Науката постои колку за да ја има, но полезноста од неа ја народот ја нема Власта владее по свое, а тоа нејзиното најчесто е сплет на арамилук и обилна неписменост, костумосана и затегната со скапа вратоврска. За жал поразувачко е сознанието дека, таа костумосана неписменост во определена мера од науката создаде чудовиште кое и служи, а кое се храни со безбројните народни жртви од секој тип.
Читај бе: Кои се постулатите на македонскиот идентитет за во иднина – ако ја има?
Васко: Иднина секако ќе имаме. Каква иднина ќе имаме зависи од нас, ние кои живееме во сегашноста. Зависи од тоа што ние сме спремни да дадеме и сработиме како влог за нашата иднина. Попатно треба и да знаеме каква иднина сакаме. Сакаме ли да бидеме луѓе со човечки живот и свои на своето? Доколку сакаме да живееме како што приличи на еден човек, веднаш треба да се зафатиме со револуционерен рез и отсекување на сѐ скапано во омеѓенава ливада која сака да се нарекува држава. Од друга страна пак, доколку немаме волја и храбост, ние пак ќе имаме иднина, но тоа ќе е мизерија, ропство, обезличување, газење. Надоаѓачко време кое за жал станува се поочигледно.
На овој ЛИНК можете да го погледнете разговорот со историчарот Васко Гичевски, посветен на значењето на писателот Стале Попов во македонската книжевност и историја, минатата година се одбележаа 120 години од раѓањето на Попов.
Апстракт за книгата
Книгата „Современото македонско општество и воспитно образовниот систем“ е збирка на есеи, во кои се обработуваат општествено политички, економски и воспитно образвни теми. Таа нуди еден поцеловит приказ, едно поврзување на сите фактори кои што го креираат општеството. Направен е еден пресек на актуелните состојби, преку кој на сосема очигледен начин се воочуваат и образложуваат проблемите со кои што се соочува македонското население. Лесно може да се забележи дека последните две-три децении, сериозната и стручната критика се исклучително дефицитарни во македонскиот јавен простор. А, најчеста појава е површното и злонамерно критизерство. Затоа, може да се тврди дека книгата со наслов „Современото македонско општество и воспитно образовниот систем“, која, во најголем дел, е оправдана општествена критика со високоинтелектуален стил, е исклучително ретка појава во нашиот јавно-интелектуален простор. Од текстовите меѓу нејзините корици, може да забележиме дека се работи за млад македонски публицист со солидни интелектуални капацитети и висок морален раст. За автор кој не се задоволува само со изнесување и критикување на конкретни аномалии, туку се труди да направи објективни и полезни воопштувања. Оттаму, мора да се укаже дека критичките опсервации на стварноста, онака како што тоа го прави Васко Гичевски, нужно е да продолжат да се појавуваат пред македонската јавност, да предупредуваат и коригираат, а сè со цел македонското општество да стане праведна, социјално и економски, пристојна и плодородна средина за живот.