„Лумус“ е социјалното претпријатие формирано од страна на Црвенито крст Битола како дел од нивната социјално-хуманитарна програма. Во ова претпријатие работи бездомник, односно работи со машината која прави мали пакувања шеќер кои потоа ги купуваат угостителските објекти во Битола кои сакаат да помогнат во хуманитарните дејности на Црвениот крст. Социјалното претприемништво е новитет, како во државата, така и во Општина Битола, преку Црвениот крст Битола.
„Дел е од програмата на социјално хуманитарна дејност, а главна цел на претпријатието е инклузија на загрозените и на маргинализираните личности, односно да се вратат назад во системот, конкретно тука се работи за групата бездомници. Нашето социјално претпријатие се вика „Лумус“ или светлина и негова главна задача е да произведува мали пакувања шеќер кои потоа се доставуваат по угостителските објекти ширум општина Битола. Бездомник работи со машината за пакување шеќер, тој помина низ обука, а сега работи, зема примања и полека почнуваме да го враќаме во општеството да се чувствува како нормална единка. Првите дена кога почна бев околу него, кај него се гледаше дека се чувствува дека може да биде корисен и дека повторно е меѓу луѓе, не е отфрлен, не е сам. Со самото тоа што доаѓаше на работа му се врати чувството дека е како сите други“, вели Кристијан Крстевски, волонтер во Црвен крст Битола.
Претпријатието започна да работи во 2018 година, прво започнаа со аплицирање за грант за проект за да ја добијат машината, а потоа почнаа со работа. Се потпиша меморандум и со угостителските објекти за соработка, прво во помали количини, а потоа за поголеми и така се распространи идејата. Кристијан вели дека имаат одлична соработка со угостителските објекти кои редовно порачуваат и на тој начин го помагаат претпријатието.
Драган Стојановски кој работи во ова социјално претпријатие е роден во Скопје, но 25 години живее во Битола. Станал бездомник затоа што нема постојана адреса на живеење, а заради тоа не може да извади и лична карта која е основа за нормално функционирање во општеството. Драган е благодарен што Црвениот крст му дале шанса, но и што му помагаат во процесот за добивање лична карта.
„Работам овде моментално, оваа работи многу ми донесе. Но имам други проблеми, што не можам лична карта да извадам заради немање постојана адреса на живеење, јас доаѓам како граѓанин од втор ред. Не ми е тешко, не е физичка работа, лесно е, само проблемот е за напред да гледаме не можам како државјанин на Македонија да се претставам. Од Црвен крст имам помош, тие ми излегуваат во пресрет, сакаат да ми помогнат. Секаде отидов, од социјално ми рекоа дека ми следува помош кога ќе извадиш лична карта, но јаса сакам да работам, млад сум“, вели Драган.
Од Црвен крст планираат продолжување на овој проект, односно средствата од продадениот шеќер ќе бидат наменети за толкувач за угостителски објект каде се сопственици лица со попречености.