Детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола има долгогодишна традиција на соработка со амбасадата на Република Чешка а врз основ на еден од постарите во светот детски ликовни конкурси “Лидице” кој во оваа 2025 година го одбележува своето 53 издание.
“Вчера во Детското ликовно студио “Свети Кирил и Методиј” Битола за свој гостин го имавме амбасадорот на Чешка Н.Е. Јарослав Лудва кој на нашите ученици – учеснички на 52 издание на светскиот детски ликовен конкурс “Лидице 2024” Леа Стерјев и Ана Полизовска им ги додели Дипломите за освоени златни медали.
Конкурсот е во ко-организација со Министерството за надворешни работи – Министерството за образование – млади и спорт како и Министерството за култура на Република Чешка во соработка Чешкиот УНЕСКО центар па со тоа во традиција преминала и посетата на амбасадорите на нашето студио што е голема почит кон врвните ликовни достигнувања на нашите членови.
Со ова остануваме на еден од фундаментите на мојот татко дека секое дете кое освоило награда или обична диплома треба да има посебен третман и истата мора да има и формат на церемонијално вреднување затоа што тоа е есенцијално кон негата и развојот за ликовниот талент кај младите ликовни уметници и талентирани ученици” – истакна Елена Хаџи-Антоновска – претседателка на ДЛС “Свети Кирил и Методиј” Битола.
Амбасадорот Лудва при посетата им честита на наградените ученички на кои им подари и ликовни материјали од Чешката амбасада при што ја поздрави активноста на студиото и го потврди своето присуство на чинот на свечено отворање на 44 издание на светската детска ликовна колонија “Мал Битолски Монмартр” кое ќе одржи на 23 мај 2025 година во 20 часот.
“Со амбасадата на Чешка имаме долгогодишна соработка а таа се интензивираше минатите неколку години бидејќи меѓу 20 до 25 поканети школи за учество на едно издание на колонијата е и веќе неколку пати средното уметничко училиште “Терезија Брзкова” од градот Плзен кое оваа година ќе учествува со еден ликовен педагог и 2 учесници – учесници.
Ние како организатор ги согледавме додадените вредности кога на официјални лица од дипломатско – конзуларните претставништва на странските држави им даваме можност на чинот на отворањето на делегациите кои де факто ја претставуваат и својата земја да им ги доделуваат наградите за учество но и златните медали и дипломи по светскиот детски ликовен конкурс со изложба “Битола” кој за 2025 година ќе го има своето 43 издание.
Она што за нив е протоколарен сегмент за учесниците е од голема важност затоа што на овој начин и матичните земји им оддават признание за успехот бидејќи и не е лесно од над 800 школи кои учествувале на конкурсот да се најдете на листата од 20 за 2025 година и да бидете поканети на “Мал Битолски Монмартр” каде се очекуваат помеѓу 150 и 180 гости од цел свет.” – истакна Славчо Неделковски – претседател на УО при ДЛС.