Со суптилна виртуозност, тивка сила и длабока музичка емоција, Марија Вршкова е едно од најзначајните имиња на македонската пијано сцена. Родена во Битола, а денес вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, таа со години го гради својот пат како пијанистка, корепетиторка, камерна музичарка и педагог, оставајќи белег и во Македонија и надвор од неа.
Добитничка на бројни награди, учесничка на престижни фестивали и авторитет во полето на камерната музика, Вршкова е посветена на уметноста, на студентите, на соработките кои ја инспирираат.
Во интервјуто што следи, разговаравме за нејзините најважни музички моменти, за искуствата од сцената, за тоа како изгледа патот на еден уметник денес, и што е она што ѝ дава сила да продолжи да создава, без разлика на предизвиците.
Читај бе: Марија – како изгледаше твојот прв контакт со пијаното? Дали уште тогаш знаеше дека музиката ќе биде твојот животен пат?
Марија: Се трудам да се сетам на првиот контакт, но некако не ми доаѓа сеќавање….
Веројатно тоа се случило во момент кога сум била со мојата мајка на нејзиното работно место. За оние кои не знаат , мајка ми целиот работен век го помина во музичкото училиште во Битола и така сè почна…..
Читај бе: Родена си во Битола – град со голема културна традиција. Какво е чувството кога настапуваш пред битолската публика, во твојот роден град?
Марија: Секогаш, ама баш секогаш велам дека најтешките концерти ми се во Битола.
Зошто?
Затоа што на ваков или онаков начин, едноставно во Битола сè уште постои оној тип на публика кој знае да награди или не со голем аплауз.
Во години кога во класичната музика некако почна СÈ , ама баш СÈ да проаѓа, сакам да верувам дека во Битола остана една критична маса, публика која можеби и не се бави активно со музика, но знае и тоа како да оцени добар и лош концерт.
Читај бе: Имаш богата и респектирана кариера како пијанистка, корепетиторка, камерна музичарка и професорка. Кој настап или музички настан ти оставил најдлабока трага, и зошто?
Марија: Сите отсвирени концерти ми се драги и на секој поединечно многу јасно се сеќавам, па така и сите до еден оставаат длабока трага. Сум имала многу концерти, но да одбереш кој оставил најголема трага е исто како мајка да одбере кое дете најмногу си го сака.
Читај бе: Соработуваше со уметници во многу земји, на реномирани фестивали. Како овие искуства ја обликуваат твојата уметност и визија?
Марија: Би рекла дека со секој концерт еден музичар расте.
Во мојата кариера имам огромна среќа да соработувам со прекрасни музичари преку кои и јас растам, се градам, прифаќам нови концепции, запознавам нови пристапи, култури, едноставно преку секој концерт го билдам своето искуство, растам во сите погледи….
Да се случи еден концерт не е само моментот кога си на сцена. Ретко се зборува за месеците подготовка претходно, каде истражуваш, каде размислуваш за секоја нота зошто и како е напишана, на кој начин ќе ѝ пристапиш…
Читај бе: Што според тебе е најважно за еден млад пијанист што сака да се усоврши и професионално да напредува? Дали постои некоја „тајна“ формула?
Марија: Тајната формула не ја измислив јас ….постои едно правило 40 % талент, 60 % вежбање, јас би рекла – 10 % талент, 90 % вежбање + посекако добар и посветен ментор кој ќе те води низ целиот процес плус можеби и најважното: Никогаш да не се откажеш од сопствениот сон…..
Читај бе: Успехот бара посветеност – од што сè мораше да се откажиш за да го достигнеш нивото на кое си денес?
Марија: Мнооогу нешта! Ама баш многу откажувања, но до ден денес тврдам дека со добра организација и добро менаџирање на секоја минута од денот се стига СÈ!
Читај бе: Каква е твојата улога како корепетитор и камерна музичарка? Како се гради тоа музичко партнерство и доверба со други уметници на сцената?
Марија: Љубовта кон камерното музицирање кај мене потекнува уште од раните школски денови во Битола. Сенсот за камерно музицирање беше детектиран од моите тогашни професори и од најрани години почнав да свирам со моите соученици.
Еден од нив е и мојот најстар музички партнер Владимир Костов , со кој свириме буквално цел живот. Музичкото партнерство се гради од најрани години , попатно се создаваат и нови партнерства и ќе кажам….
Камерното музицирање е исто како и една љубовна врска, на неа се работи секојдневно, доколку сакате да трае и да функционира. На овие простори, корепетирањето од секогаш се сметално за маргинална работа. Ако за нешто сум посебно горда е фактот што на многумина им покажав дека без добар корепетитор, едноставно не е возможен професионален концерт и дека да се биде одличен корепетитор пред сè треба да се биде одличен пијанист. Од друга страна пак не секој одличен пијанист може да биде добар корепетитор или камерен музичар.
Читај бе: Како изгледа твојата работа со студентите на Факултетот за музичка уметност? Што е она што најмногу се обидуваш да им го пренесеш – не само технички, туку и човечки?
Марија: Како изгледа мојата работа ?
Можеби баш студентите треба да го одговорат ова прашање J
Јас би рекла дека врската студент – професор е пред сè партнерство….На секое поле.
Секој студент буквално е како мое дете, со мене така се однесувале, јас само ја продолжувам традицијата.
Знам дека сум многу импулсивен човек, дека во одредени моменти знам да бидам многу лоша ( принципиелна) но секогаш ќе се трудам да извлечам се најдобро што може да се извлече од секој од нив. Пред сè сакам да ги направам да бидат чесни кон себе, а со тоа да бидат чесни и кон другите, да знаат како да се справат со секој предизвик, да знаат дека патот е трнлив и исто така и според мене најважно , секојдневно да се соочуваат со фактот колку вредат и да бидат самокритични.
Лажни перспективи и ветувања само водат кон лажни и нечесни музичари!
Читај бе: Кои настапи, концерти или проекти ги планираш во текот на оваа година? Има ли нешто што особено го очекуваш?
Марија: Оваа година покрај гостувањата со мојата најголема љубов „30 Прсти”, во Македонија, Бугарија и Хрватска, најмногу се радувам на моето прво гостување во Португалија каде во јули ќе отсвирам светска премиера на композиција за пијано и оркестар кое ќе биде изведено на огромен летен фестивал во Албуфеира/ Фаро.
Читај бе: Како го гледаш статусот на уметниците, особено музичарите, во Македонија денес? Со какви предизвици се соочуваат?
Марија: Ситуацијата во моментот, т.е со години наназад е очајна, почнувајќи од вреднување на труд, однос, пласман, третман….Веќе подолго време секој од музичарите кои поактивно свират се соочуваат со технички проблеми од типот на ненаштиман клавир, слабо загреана сала, лош ПР, отсуство на материјал како програмче …плакат….
Отсуството на сериозна и професионална критика после секој отсвирен концерт си го зеде својот данок.
Живееме во време каде пијанист слободно може да се напише на плакат дека е пејач, секојдневно гледаме објави на концерти каде инструменталисти без срам наеднаш стануваат диригенти, диригенти – пијанисти, класичното се меша со популарното и на крајот од денот сè ама баш сè поминува.
Мислам дека најголемиот проблем и тоа како лежи во ресорното министерство, кое и покрај обемната документација која ја бара и сите пропратни документи при аплицирање на одреден проект, едноставно останува слепо за некои работи кои едноставно ја руинираат и онака тенката линија на вистинското и измисленото.
Читај бе: Што мислиш дека државата, институциите, Министерството за култура – треба да направи за подобрување на условите и статусот на класичните музичари?
Марија: Контрола ! Некорумпираност ! Тотална деполитизација , ако вреди , вреди ….ако не проектот не проаѓа , исти аршини за сите до еден и според мене најдобрата солуција, да се врати категоризацијата на уметниците, кое постоеше во едно не толку минато време!
Читај бе: И за крај, што би им порачала на младите музичари кои сонуваат за кариера на пијанисти – и во Македонија, и надвор од неа?
Марија: Никогаш да не се откажуваат од својот сон, колку и во одреден момент да мислат дека е неостварлив.
Со чесна, ревносна и посветена работа, се постигнува се !