Климатските промени претставуваат еден од најголемите глобални предизвици на денешницата, но какви се заблудите и дезинформациите што ги среќаваме во јавниот дискурс? Еден таков конкретен пример е начинот на известување во однос на загадениот воздух и климатските промени. Во Скопје и други македонски градови, воздухот редовно достигнува опасни нивоа на загаденост, особено во зима, кога чадот од домаќинствата, автомобилите и индустријата создава невидлив, но смртоносен облак. И покрај тоа што експертите постојано предупредуваат за здравствените ризици, во јавноста сѐ почесто се шират дезинформации – дека загадувањето е „измислено“, дека „апликациите претеруваат“ или дека се работи за „теории за климатски промени кои немаат врска со нас“. Ваквите тврдења, често поттикнати од политички или економски интереси, ја замаглуваат вистината и ја намалуваат подготвеноста на граѓаните да преземат мерки. А вистината е јасна: загадениот воздух не е теорија, туку реална закана која убива илјадници луѓе годишно, и иако не е исто со климатските промени – и двата феномени имаат заеднички корен: тие се под еднакво штетни за сите нас.
Дезинформациите: Постојат ли навистина?
Во време на глобални кризи, како што се климатските промени, пандемиите или енергетските предизвици, јавниот дискурс сѐ повеќе се затрупува со дезинформации. Медиумскиот простор, особено на социјалните мрежи, е преплавен со лажни вести, теории на заговор и полуинформации кои се шират со брзина поголема од вистината. Од негирање на климатските промени, до тврдења дека загадениот воздух е „измислица“, дезинформациите создаваат недоверба, ја збунуваат јавноста и го отежнуваат носењето на информирани одлуки. Во таква атмосфера, граѓаните често се наоѓаат пред дилема – кому да веруваат, и како да ја разликуваат вистината од манипулацијата. „Не можам да кажам дека дезинформациите за климатските промени се некаков сериозен проблем“, вели Филип Стојановски, експерт од Центар за климатски промени.
„Кога направив истражување, наидов на многу малку написи за климатските промени, и тие беа од релевантни извори, со проверени податоци. Дезинформациите речиси и да не постојат, или барем јас не сум наишол на такви.“ Стојановски додаде дека, всушност, медиумите во Македонија не се многу чести во известувањето за климатските промени, но кога се работи за научни податоци и влијанијата врз животната средина, новинарите се потпираат на доверливи извори.
Како дезинформациите влијаат на политиките?
„Скептицизмот е присутен без разлика на темата – и покрај бројните научни истражувања, вселенски мисии и сателити што секојдневно ја следат Земјата, сѐ уште има луѓе кои веруваат дека планетата е рамна,“ изјави Филип Стојановски. Тој додаде дека климатските промени не се исклучок, и дека многумина сметаат дека тоа се само природни циклуси и дека Земјата сама ќе се врати во рамнотежа. Но, во однос на политичките процеси, клучно е како државата го гледа овој проблем – дали го признава како реална закана и дали го поврзува со последици по луѓето и добрата. „Ако државата и политичките елити не го препознаваат влијанието на климатските промени, тогаш не можеме да очекуваме ефективни политики – ниту за намалување на стакленичките гасови, кои најмногу се емитуваат преку согорување фосилни горива, ниту за прилагодување на последиците како суши, топлотни бранови, екстремни врнежи и поплави,“ додаде Стојановски.
Како медиумите се справуваат со дезинформациите?
Перо Момировски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги истакнува предизвиците со кои се соочуваат новинарите при извештавањето за климатските промени. „Нашите медиуми во Македонија не секогаш се најпотковани кога станува збор за климатските промени“, вели Момировски. „Тие делуваат кампањски и неконстантно, но, среќа, има и добри примери на сериозно и професионално известување.“
Момировски додава дека има потреба од постојано усовршување на новинарите. „Самостојниот синдикат редовно организира обуки за новинарите, каде се покануваат врвни експерти да ги обучуваат на темата климатски промени. Ова е важен чекор во борбата против дезинформациите.“
Социјалните мрежи: Платформи на дезинформации?
Социјалните мрежи, кои првично беа замислени како платформи за поврзување, информирање и размена на мислења, денес сѐ почесто стануваат алатка за ширење дезинформации. Брзината со која се споделуваат објави, недостатокот на проверка на фактите и алгоритмите што поттикнуваат сензационализам, создадоа идеални услови за ширење на лажни вести и манипулативни наративи. Од кликање на „сподели“ до создавање на целосно лажни профили – социјалните мрежи се преплавени со содржини кои ги искривуваат фактите, шират недоверба и ја поткопуваат јавната свест. Особено загрижувачки е влијанието на ваквите дезинформации кога станува збор за важни општествени теми, како климатските промени, јавното здравје или политичките процеси. Момировски истакнува: „Социјалните мрежи, иако ги распространуваат информациите, често се проблематични бидејќи не се секогаш сигурни извори. Иако се многу влијателни, информациите што се објавуваат понекогаш се неточни и може да создадат конфузија.“
Свесноста за климатските промени: Каде сме ние?
Студентката Драгана Лазарова го поставува прашањето: Дали ние, како поединци, доволно се грижиме за животната средина? „На некој начин, сите ние сме виновни. Секојдневно користење на автомобили, фрлање отпад и согорување на нискоквалитетно гориво придонесуваат за климатската криза. Да, можеби не треба да се убедуваат луѓето дека климатските промени се сериозен глобален проблем, туку треба да се променат нашите навики,“ вели Лазарова.
Таа истакнува дека климатските промени не се само научен феномен. „Тие се во секојдневните услови што ги живееме – загадувањето на воздухот, топлотните бранови, екстремните временски услови. Тие веќе влијаат на нашето здравје, и ако ги промениме некои од нашите навики, ќе помогнеме да се намали негативниот ефект на климатските промени.“
Образованието и проверката на фактите: Клучот за вистината
Како можеме да бидеме сигурни дека климатските вести што ги објавуваме се точни и проверени? Момуровски додава дека ова не е лесен процес: „Во Македонија, тоа е речиси невозможно, но основните принципи на новинарството ни кажуваат дека секоја информација треба да биде поткрепена со повеќе извори, особено кога станува збор за така сериозна тема. Проблемот е во тоа што некои вести се објавуваат без доволна проверка, што доведува до лажни информации
Сите ние треба да дејствуваме
Дезинформациите за климатските промени остануваат сериозен проблем, кој го влошува јавното разбирање на ситуацијата. Но, со континуирано едуцирање на новинарите и сите луѓе, проверка на фактите, и промената на нашите секојдневни навики, може да направиме големи чекори кон намалување на влијанието на климатските промени.
„Не е доволно да се убедуваме дека климатските промени се сериозен проблем. Треба да ги промениме нашите навики, бидејќи тие имаат директен ефект на животната средина и здравјето на луѓето“, заклучува Лазарова.
Со тоа што секој од нас ќе направи, ќе помогнеме да се создаде подобра иднина, каде што климатските промени ќе се третираат како приоритет, а дезинформациите ќе станат минато.