35 godini makedonija

Пишува: Сара Танаскоска

Триесет и пет години се повеќе од доволни за еден човек да порасне. Од нас, како единки, до тие години се очекува веќе да сме излегле од нашите детски соби, да имаме изградено кариера, семејство и, по некој успех, нели. Да знаеме кои сме, што сакаме и каде сакаме да одиме.

Ако за човекот 35 години значат зрелост, тогаш што значат тие за една држава?

Доволно долго за да стане возрасна. Доволно долго за да престане да се правда со детството, со транзицијата, со околностите, со соседите, со историјата и со сите оние причини поради кои „сè уште не можеме“.

Триесет и пет години се доволно долг период за да престанеме да зборуваме само за тоа што сме наследиле и конечно да почнеме да зборуваме за тоа што сме изградиле.

А Македонија денес има 35 години.

И можеби токму затоа оваа годишнина треба да ја искористиме не само за да се потсетиме на денот кога станавме независни, туку и да се запрашаме: колку навистина пораснавме?

На 8 септември 1991 година, граѓаните на Македонија гласаа за независна и суверена држава. Тој ден остана запишан како еден од најважните датуми во нашата современа историја. Ден кога одлучивме да бидеме свои.

Но, што значи да бидеш свој по 35 години?Дали независноста е само способноста сами да носиме одлуки како држава?

Дали е знамето, химната, границите и местото во меѓународната заедница? Или независноста треба да ја почувствува и оној човек кој секое утро станува за да оди на работа, оној млад човек кој размислува дали да остане, пензионерот кој пресметува дали ќе му стигне пензијата до крајот на месецот, или студентот кој сè уште верува дека дипломата може да му биде доволна за да изгради живот овде?

Затоа што државата не е независна само тогаш кога има свои институции. Независна е тогаш кога тие институции работат. А тука некаде почнуваат и нашите проблеми.

По 35 години, сè уште зборуваме за реформи кои требало да се случат одамна. Сè уште зборуваме за владеење на правото како за некоја далечна цел, а не како за основа на нормално општество. Сè уште се прашуваме дали системот функционира еднакво за сите.

И можеби најголемиот проблем е што научивме да живееме со тоа. Научивме да не очекуваме премногу. Да не се чудиме кога нешто не функционира. Да кажеме „така е кај нас“ и да продолжиме понатаму.

А кога една држава ќе почне да ги убедува своите граѓани дека ненормалното е нормално, тогаш проблемот веќе не е само во институциите. Проблемот е и во нашите очекувања.

Особено кај младите.

Генерацијата која порасна во независна Македонија денес е генерација која најчесто слуша дека треба да остане тука, да ја гради државата, да има трпение и да верува дека еден ден ќе биде подобро. Но колку долго можеш да бараш од некого да верува во иднината ако не му покажуваш како таа изгледа?

Младите не заминуваат само затоа што некоја друга држава има повисоки плати.

Заминуваат затоа што сакаат систем во кој знаат што можат да очекуваат. Сакаат работа за која ќе бидат избрани затоа што се добри во неа, а не затоа што познаваат некого. Сакаат институции во кои нема да мора да бараат „врска“. Сакаат да знаат дека ако работат, учат и се трудат, тоа ќе има некаква вредност. И можеби тука лежи еден од најголемите парадокси на нашата независност.

Сакаат јавен превоз што ќе дојде кога треба. Улица на која нема да се прашуваат дали ќе ја скршат колата во дупка. Училиште во кое нивното дете ќе добие добро образование. Суд во кој нема да им биде важно кој го познава спротивната страна.Тоа се мали нешта. Но токму од тие мали нешта се состои големата држава. И можеби тука лежи еден од најголемите парадокси на нашата независност.

Имаме генерации кои се слободни да останат, но не се сигурни дека сакаат. Слободни се да заминат, но државата полека станува држава во која остануваат оние кои не можат или не сакаат да заминат. А тоа не е само економско прашање. Тоа е прашање на доверба.

Доверба дека овде има смисла да се планира иднината. Доверба дека институциите ќе те заштитат. Доверба дека законот ќе важи и кога немаш моќ. Доверба дека твојот глас нешто значи и кога не си дел од мнозинството.

Затоа, можеби по 35 години треба да престанеме независноста да ја браниме само со зборови. Да ја браниме со институции. Со образование. Со критичко мислење. Со слободни медиуми. Со одговорност. Со можност млад човек да успее без да мора прво да стане дел од нечија политичка или бизнис мрежа. И, пред сè, со правото да кажеме дека нешто не е добро без веднаш да бидеме прогласени за непатриоти.

Зашто критиката кон државата не е негација на државата. Понекогаш е токму спротивното.Кога ќе кажеме дека некоја институција не функционира, можеби не ја напаѓаме Македонија. Можеби само бараме да функционира подобро.

Кога ќе кажеме дека младите си заминуваат, не ја мразиме државата. Напротив, можеби само ни е жал што не успеавме да им дадеме доволно причини да останат.

Кога ќе кажеме дека има неправда, не ја рушиме државата. Само бараме правдата да биде она што државата треба да го гарантира.

Триесет и пет години се доволно за една држава да престане да биде дете. Но зрелоста не се мери со бројот на години. Се мери со способноста да преземеш одговорност за сопствените постапки. И затоа, на оваа 35-годишнина, можеби најважното прашање не е дали Македонија успеала да стане независна. Туку дали успеала да стане држава во која нејзините граѓани се чувствуваат слободни, сигурни и еднакви.

Затоа што независноста не треба да биде само право на една држава да постои. Таа треба да биде можност човекот во неа да живее достоинствено. По 35 години, можеби е време да престанеме да бараме изговори зошто сè уште не можеме. Да престанеме да се однесуваме како држава која допрва треба да порасне.

Зашто 35 години се многу. И ако сè уште не сме пораснале, можеби проблемот не е во годините. Можеби е во тоа што премногу долго одбиваме да станеме возрасни.

Можеби затоа, по 35 години, најважното прашање е: каде да фатиме врска за да излеземе од овој ќор-сокак?Не „човек“ во институција. Не партиска книшка. Не роднина, пријател или некој што „познава некого“.

Туку вистинска врска меѓу државата и нејзините граѓани.

Врска во која млад човек ќе знае дека неговата диплома нешто вреди. Во која родителот ќе знае дека детето ќе му се образува во систем кој се грижи за него. Во која пациентот нема да се прашува кого треба да познава за да добие здравствена услуга. Во која граѓанинот ќе знае дека кога ќе влезе во институција, таму го чека услуга, а не нова пречка.

Можеби ни треба врска меѓу трудот и успехот.

Меѓу гласот и промената.

Меѓу законот и правдата.

Меѓу младите и иднината.

Затоа што ако по 35 години сè уште бараме „врска“ за најобичните работи, тогаш очигледно сме ја промашиле суштината на независноста.

Не ни треба некој да ни ја среди државата. Ни треба држава во која нема што да се „средува“ преку врски.

Најлош е лицемерниот човек – како да се справите со него?
Да се ​​обидеш да смениш лицемерен човек е исто како бришењето прашина …
Во свет полн со луѓе, најтешко е кога никој не те разбира
Најтешката осаменост не доаѓа од тоа да си сам, туку од тоа …
You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува: Биљана Котевска Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…