Со уметнички интервенции на битолските ѕидови, започна 22-то издание на меѓународниот арт фестивал Битола отворен град во организација на Младинскиот културен центар Битола. Ѕидовите на неколку локации ќе бидат претворени во нови графити и цртежи.
„Битола ја трансформираме во урбана уметничка сцена оживувајќи различни урбани простори. Млади луѓе, менторирани од уметници ги претворија ѕидивите во уметничко платно. Настанот е инспириран од говорот на омраза на битолските ѕидови и претставува Уметнички крик против говорот на омраза преку графити и цртежи.“– изјави Маја Ангеловска, програмска менаџерка во МКЦ – Битола.
„Покрај планираните бројни концерт и изложби на младиталентирани луѓе, волонтерството е алката по која сме препознати. Волонтерите се во центар на сите активности, на овој начин правиме поврзување помеѓу новите генерации и стилови. Битола Отворен Град ја одразува посветеноста на фестивалот за поттикнување на позитивна и инклузивна средина за сите, продолжувајќи ја мисијата да обединува локални и меѓународни таленти, поттикнувајќи меѓукултурна размена и промовирајќи го културниот дух на Битола“ – изјави Сашо Додовски, директор на МКЦ Битола.
Предвидена е и програма со електронска музика со домашни и странски ДЏ-и која започнува од зајдисонце, а завршува пред еден од историските објекти во Градскиот парк Битола – Соколана, кој досега не се користел за вакви настани, за да заврши со големиот музички хепенинг во сабота вечер во Градскиот парк во Битола на кој ќе настапи белградското етаблирано трио Репетитор, бендот Арумбо од Барселона и Лусент од Битола.
Фестивалот е платформа за храбра и независна мисла и упорен застапник за промена на културните обрасци во градот, земјата и регионот. „Големиот музички хепенинг е заштитен знак на фестивалот. Имаме одлична комбинација на 3 бендови од Барселона, Белград и Битола за потполно целовечерно уживање во урбаниот модерен звук. Концертот ќе биде во Градскиот парк во Битола во сабота 24 јуни, со почеток во 20.30 часот. Сите настани на фестивалот се на отворени и алтернативни простори, без наплаќање на влезници и достапни за сите љубители на урбаната култура. Битола е отворен град за сите“ – изјави Златко Талевски, извршен директор на МКЦ-Битола.