На денешен ден, во 2007 година, веста за загинувањето на Тоше Проески го зави целиот Балкан во црно.
На 16 октомври, пред 17 години загина на автопатот кај Нова Градишка. Имаше 26 години и кариера која му ветуваше дека ќе се издигне во височините. Никогаш непрежален, миленик на целиот регион, во солзи остави илјадници обожаватели низ цела поранешна Југославија.
Колку беше обожуван говори и фактот што до ден денес неговите песни постојано се вртат по радио станиците, а неговите обожаватели при секој звук од неговите песни тагуваат.
Средното музичко училиште го заврши во Битола, во класата на професорот Пеце Митревски, продолжи на Музичката академија во Скопје. На 15 години настапи на Макфест, а година подоцна започнува сорабботка со Копров. Во 2003 година ја доби наградата Мајка Тереза за своите бројни хуманитарни настапи. Како амбасадор на УНИЦЕФ, им помагаше на децата во секоја прилика.
Со својот глас остави трага на балканската музичка сцена. Имаше големи хитови заедно со голем број балкански музички ѕвезди. Нижеше успеси, но остана скромен. Уште поголема слава стекна после настапот на Евровизија во 2004 година.
Неколку месеци пред смртта Тоше го сними својот најголем хит – Игри без граници. Авторот на песната призна дека оваа песна не била наменета за Тоше. Сакал сам да ја сними, но го слушнал Тоше и се воодушевил од неговиот глас. Иако многумина сметаа дека е премногу млад да ја испее, тој совршено ја испеа од прва, рече авторот Мирослав Дрљача Рус.
Тоше последен пат настапи на 5 октомври 2007 година на стадионот во Скопје, на хуманитарен концерт. Пред повеќе од. 10.000 луѓе пееше за обнова на основните училишта во Македонија. Тогаш од публиката го побара и „ѕвезведното небо“ од мобилни телефони и ги замоли да не дозволат тоа да се угасне.
11 дена подоцна, Тоше замина во легендите.
Тоше живееше за публиката и за концертите на кои ја разменуваше енергијата со своите бројни фанови.
Многумина ќе речат, неговата смрт се случи прерано. Но добрите дела, никогаш нема да умрат, а со тоа ни нивните создавачи. Нема да умре ни неговата музика, неговите песни, кои засекогаш ќе останат во срцата на сите да пеат за еден човек со ангелско срце и глас.