За прв пат откако постои танцот и танцовите спортски натпревари во организација на Светската Танцова спортска федерација, на 11 и 12 ноември ќе се одржи Светско првенство во Шпанија, Палма Де Мајорка во неколку дисциплини меѓу кои и соло латино.
Радост, возбуда, среќа, задоволство се атрибутите кои го опишуваат она што се случува во ТСК СТЕП АП Битола деновиве.
Две натпреварувачки од вкупно три од државните прваци се од ТСК СТЕП АП Битола кои оваа година обезбедија пласман на светското првенство.
Зорица Симјановска (18) во категоријата постари младинци (Youth) и Маја Крстевска (15) во категоријата младинци (Junior2) ќе ја претставуваат Македонија, ќе ја претставуваат Битола, клубот СТЕП АП Битола и Танцовата Спортска Федерација на Македонија во дисциплината Латино Соло.
Започнаа со танц кога имаа по 5-6 години, редовно, напорно и континуирано тренираа и постигнуваа успеси на домашните и меѓународните натпревари.
Нивниот сон беше еден ден да се пласираат на Светско првенство каде на подиум ќе можат да ги покажат своите стекнати вештини и способности рамо до рамо со светската танцова елита. Денес тој сон се остварува! Во придружба на нашиот лиценциран долгогодишен тренер Јагода Димовска, а нивен учител од мали нозе патуваат во Шпанија.
Заедно со Зорица и Маја патува и уште една девојка, Сашка Колевска од ТСК Ритам Плус Скопје која се натпреварува во категоријата возрасни (Adult) во дисциплината Соло Латино и која исто така обезбеди пласман за учество на Светскиот шампионат. Во нејзина придружба е нејзиниот тренер Иван Ангелковски.
„На девојките им посакуваме многу среќа, успех и висок пласман. Не заборавајте, вие веќе сте на првата страница од книгата „Најдобрите соло латино спортисти во Светот“. Блеснете на подиумот, покажете ја љубовта што ја негувате кон танцот, борете се од срце и со сета душа, почитувајте ги противниците од целиот свет и силно чекорете напред за Македонија. Среќен да ви е патот!!! Сите сме со вас! Среќно и успешно!!!“, им посакаа среќа од ТСК СТЕП АП Битола.
ТСК СТЕП АП изразува огромна благодарност до оние кои го поддржаа учеството на овие девојки на овој најголем светски натпреварувачки настан.