Како дел од проектот „Потпри се на младите“ финансиран од ЕУ и спроведен од Македонската развојна фондација за претпријатија, Здружението за развој на рурален туризам Битолска коњаница Галоп Битола организира обуки за јавање за 100 млади од осум потпелистерски села и средните училишта од Битола. Денешната обука се одвиваше на игралиштето на Земјоделското училиште „Кузман Шапкарев“, а присуствуваа и учениците и професорите од истото училиште.
Младите учеа што е потребно за да се јава еден коњ, од што се состои опремата и како треба да се јава. Членовите на Галоп внимателно им објаснуваа на младите, кои веднаш потоа почнаа да јаваат со придружба.
Освен обуките за јавање, како дел од проектот Галоп ќе мапира и 4 јавачки патеки.
„Им благодариме на МРФП за тоа што ни дадоа можност да оствариме и ние една добра работа за младите, да ги едуцираме да јаваат и да се вклучат во општата одговорност.
Како дел од овој проект, ние одлучивме да има обуки за јавање, патеки за јавање, односно правиме 4 потенцијални патеки, 4 места кои ќе ги мапираме и ќе направиме дигитална мапа за секој еден од нас да ако не знае местото да го најде на Гугл.
Се работи за популарни места: од село Маловиште до Света Ана, од село Цапари до Света Петка, потоа Ротино – Ротинско езеро и една нова и атрактивна која ќе биде нова патека, од Стрежево ски патеката до Големо езеро.
Јас сум фасциниран како децата се ангажираат за да научат. Ме радува тоа што кога бевме на обуката во Ниже Поле, ниту еднаш не го употребија телефонот освен за сликање“, изјави Ѓорѓи Сточејвски од Галоп за Читај бе.
Ангелина Клекоска од Македонската развојна фондација за претпријатија вели дека овој проект е наменет за младите од руралните средини и се надева дека на овој начин токму младите ќе придонесат за развој на средините во кои живеат.
„Го спроведуваме проектот „Потпри се на младите“, нашата организација заедно со уште 3 партнерски организации. Проектот е финансиран од ЕУ, а започна со спроведување во февруари минатата година. Во текот на годината беа спроведени низа активности, а проектот е наменет за 4 плански регони, североисточен, југозападен, полошки и пелагонски плански регион.
Беше спроведена и анализа за потребите на младите и врз основа на таа анализа беа спроведени 15 обуки од страна на МРФП и партнерските организации. Има и грантова шема со која 8 гранта беа доделени на 8 рганизации меѓу кои Галоп,“, истакна Клекоска.