На Државното првенство за кадети и јуниори, одржано на 15.11.2025 година (сабота) во ОУ „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто, карате клубот „Заншин До“ – Битола оствари огромен успех, освојувајќи златен и сребрен медал во ката тим.

Златниот медал во машка ката екипа го освоија Александар Божиновски, Михаил Марковски и Давид Стојчевски, со што тие обезбедија пласман на Европското првенство – историски успех за Битола, бидејќи за прв пат битолчани се државни шампиони во машка ката кај кадети и јуниори.

Сребрениот медал во женска ката екипа го освоија Леона Алиловска, Елена Јончевска, Емилија Илковска и Надалина Талевска, кои исто така покажаа високо ниво на подготовка и тимска работа.
„Горда сум како тренер, бидејќи катите бараат долгогодишна работа и посветеност. Сите овие такмичари тренираат 10–12 години секојдневно и резултатите полека, но сигурно доаѓаат. Тука не застануваме – продолжуваме со подготовки за нови предизвици,“ истакна тренерот Стевка Јанковска Петковска.








