Младинките на ЖФК Атлетико од Битола станаа шампионки на Македонија со победата над ЖФК Билјанини извори во 21 коло од Младинската лига. Нивниот тренер, Никола Гелевски Бел вели дека ова е трета титула за оваа генерација фудбалерки, а следната сезона повторно ќе атакуваат на шампионската титула. Женскиот фудбал е во подем не само во Битола, туку во цела Македонија.
Никола, кој воедно е сопственик на клубот, вели дека наредната недела во 17 часот ќе прават голема прослава заедно со пехарот која ќе се одржи на стадионот „Петар Милошевски“. Покрај него, во клубот има и 4 тренери, а тренираат околу 140 момчиња и 80 девојчиња.
Читај бе: Најнапред кажете ни за вашиот последен подвиг на младинките на ЖФК Атлетико, станаа шампиони на Македонија. Кажете ни повеќе за овој голем успех.
Никола: Да, официјално сме Шампионки во категоријата Младинки девојки кои се родени 2006-2007-2008 година. Имаме извонредна сезона од 22 кола изиграни, победивме на 20 натпревари, а на 2 натпревари изигравме нерешено, без ниеден пораз. Гол разлика 125 голови дадени и само 6 голови примени, една одлична статистика на секој натпревар дадени по најмалку 5 голови за девојки кои имаат по само 14-15 години. Инаку оваа генерација на девојки две години во 2019-2020 год. и во 2020-2021 година беа Шампионки во Кадетки, а сега и трета титула по ред во 2021-2022 година станаа Шампионки во Младинки. Следната сезона исто така атакуваме на шампионска титула пак во Младинки и со генерациите 2007-2008-2009 година родени каде што имаме исто така одлична екипа.
Читај бе: Кажете ни нешто повеќе за клубот. Колку категории има, девојчиња на која возраст тренираат…имате и репрезентативка во вашите редови…
Никола: Нашата фудбалска школа Атлетико е основана во јули 2015 година како школа за талентирани момчиња, а година подоцна во рамките на школата се оформува и женски сениорски клуб. Со почетокот на сезоната 2016/2017 женскиот фудбалски клуб ЖФК Атлетико започнува со натпреварување во првата женска македонска лига – ПЖМЛ. Во овој момент женскиот клуб е поделен во четири категории и тоа:
- Пионерки ( родени во периодот помеѓу 2013 – 2016 година )
- Kадетки (родени во периодот помеѓу 2009-2012 година)
- Младинки (родени во периодот помеѓу 2006-2008 година) и
- Сениорки (родени од 2005 и постари)
Сите девојчиња кои се членови на нашиот клуб, во зависност од генерацијата, се натпреваруваат во лигите на фудбалската федерација на Македонија. Во досегашното постоење на клубот, над 40 членки од ЖФК Атлетико го облекле репрезентативниот дрес со државниот грб во генерациите У – 13, У -15, У-17, У-19 и женската А селекција. Пред 2 месеца нашата Павловска Јована иако има само 15 години беше повикана за најсилната наша селекција на Македонија каде што имаше можност да игра и тренира со нашата најдобра фудбалерка Андонова Наташа. Првпат се случува на 15 години некој играч да биде повикан за А репрезнтација каде што сите девојки се постари и поискусни, поради тоа ние сите од клубот сме горди за тој факт.
Читај бе: Колкав е интересот за женскиот фудбал во Битола? Се чини дека последните години е во подем…особено во Битола…
Никола: Па доста е голем интересот, моментално имаме над 80 девојки поделени во 4 категории. Во голем подем е и во Битола и во цела држава за кратко време да се надеваме дека многу фудбалерки ќе ги гледаме во големи европски клубови.
Читај бе: Која е предноста што може да ја имаат девојчињата кога се работи за фудбалот?
Никола: Многу повеќе слушаат, многу повеќе се дисциплинирани и многу повеќе се емотивни.
Некогаш солзите после загубениот натпревар ви кажуваат колку била нивната желба за победа, за подобар резултат, за подобра игра. Радоста на нивните лица после победата, и тагата по поразот се работи кои мора да ги видите, за да знаете за што зборувам.