Познато е дека периодот до седмата година е период на најголем раст и развој кај децата, како физички, така и интелектуален.
Кога станува збор за интелигенцијата, најзначаен животен период е оној меѓу третата и седмата година, затоа што тогаш се развиваат повеќе од половина врски меѓи неуроните кои ќе ги користиме до крајот на животот.
За интелигенцијата, пресуден е генетскиот фактор, но тоа што ни подариле нашите родители значаен интелектуален капацитет, не значи дека ние не треба да работиме на него.
Интелигенцијата кај децата е нешто кое може да се развива и да се зголемува, постепено од ден во ден.
Во овој период , развојот на интелигенцијата зависи пред сѐ од играта.
Низ играта, децата учат за односите кои владеат во светот, низ нив сознаваат, експериментираат и ги проверуваат своите знаења.
Исто така, низ игра, децата учат и ја развиваат фантазијата, креативноста и интелигенцијата.
Во играчките децата наоѓаат можност за решавање бројни прашања, ја развиваат фантазијата и во нив децата наоѓаат сигурност и мир.
До која мера тоа им го овозможуваат играчките тоа зависи од нивните бројни карактеристики. На прво место е безбедноста. Освен она што гледаме: нивните форми, односно начинот и деловите од кои е составена, безбедноста по здравјето на детето, важни се и материјалите од кои се направени.
Едукативни играчки се оние кои не даваат одговори, туку поставуваат прашања.
Како вакви играчките имаат повеќе функции: го стимулираат психомоторниот развој, координација на движењето, логичко расудување, запомнување, развиваат креативност, фантазијата и смислата за естетика.
Затоа, мудро изберете, играјте со децата и стимулирајте ја нивната мозочна активност.
- Игри за меморија – за да играте мемориски игри, доволно е да имате шпил карти. За децата кои не ги знаат броевите, одлични се картите со сликички. На страна издвојте два младича, крала, две дами и два кеца. Измешајте ги картите и наредете ги во два реда. Детето нека ги врти картите и нека се обидува да го запомни нивниот распоред, во играта ќе победи оној кој ќе погоди повеќе парови на карти.
- Погоди што е – под непровидна ткаенина скријте некој предмет. Детето нека го допира и нека поставува прашања на кои се одговара со да или не, сѐ додека не открие кој предмет го држи в раце. Оваа игра може да се игра истовремено со повеќе деца.
- Друштвени игри (Не лути се човече, домино, карти) – околу третата година, децата се подготвени да играат игри според утврдени правила, како што се разните друштвени игри. Меѓу наједноставните игри е „Не лути се човече“ или Домино со ликови од животни. Една од игрите која е фантастична за развој на интелигенцијата и логиката е икс – нула.
- Сложувалки – сите видови сложувалки, ситни или крупни, дрвени или картонски, со облици, по боја – совршени се за вашето дете да научи нешто ново и да ги вежба своите вијуги. Воедно, може да биде забава за целото семејство. Само, внимавајте, не му помагајте на детето, целта е само да ги забележува деталите.
- Пеење – за да пее детето заедно со вас, најпрво мора да ги има усвоено зборовите од некоја песничка. На тој начин детето несвесно учи напамет, а тоа му помага за развојот на меморијата и го зголемува детскиот речник.
- Прераскажување – после секое читање на бајка, приказна, роман, играјте си прераскажување. Поставувајте му на детето едноставни прашања и терајте го да ја повторува прочитаната содржина. Ако детето сака нешто да додаде во приказната – дозволете му. На овој начин, тоа самото почнува да учествува во создавање на мало книжевно дело.
- Цртање, колаж – во овие активности децата уживаат, ја развиваат својата графомоторика, совладуваат нови вештини. Оваа забава може да трае со часови и несомнено позитивно влијае на детскиот интелект.
- Театарска претстава – не морате детето да го носите во театар, ниту да правите дома голема сцена. Доволно е да знаете некоја рецитација и да имате волја да ѝ се препуштите на фантазијата. Драматизирајте ги приказните кои ги читате.
- Коцки – едни од првите едукативни играчки. На детето му помагаат да ги научи законите на физиката, да развијат креативност, да создаваат одново и незаменливи се во текот на раното детство.