Младиот битолски актер, Кристијан Танчевски веќе долг период работи на театарската сцена, но и на развивањето на своите квалитети. Тој синоќа ја имаше својата премиера на театарската битолска сцена, премиера на едно од најпознатите уметнички дела на Драгослав Михаиловиќ, ,,Кога цветаат тиквите”, а денеска, 20 јуни е неговата прва реприза. За театарските настапи, животот на сцена, инспирацијата, мотивацијата имавме можност да позборуваме со Танчевски, а од неговите одговори за Читај бе можеме да ја доловиме идејата, темата и целта на театарскиот избор на Кристијан.
Читај бе: Кристијан, најнапред многу успех од нас, се надеваме дека претставата ќе наиде на голема подршка од битолчани. Би сакала да те прашам кога за прв пат се роди во тебе инспирацијата за избор на ваква тематика и зошто? Што го поврзува делото на Михаиловиќ со сегашноста, односно реалноста во која живееме?
Кристијан: Ви благодарам. Многу ми е драго што сум дел од овој разговор со вас. За време на пандемијата изминатите неколку години ни се затворија многу врати, но и многу се отворија. Во делото на Драгослав Михаиловиќ многу јасно се гледаат бројни вкрстени и сложени трагедии на еден човек, на едно семејство, на едно време и на едно поднебје. Некако сакав да направам паралела помеѓу проблемите на тогашното време и проблемите во времето во кое што живееме. Мислам дека во романот најдов некои суштински односи помеѓу луѓето што се актуелни и ден денес.
Читај бе: Колку време работиш на себе и на сопствените квалитети за успех на театарската сцена? Со кои се чувства и емоции се соочуваш кога ќе застанеш пред публиката и колку ти значи бројката на присутната публика?
Кристијан: Го сакам театарот, сакам да истражувам, да гледам претстави, да читам и да присуствувам на работилници. Порано имав само желба да работам, сега веќе ми стана потреба. Во оваа професија интересно е тоа што секоја претстава треба да ја создаваш наново. Нема готова претстава. Претставата се создава сега и овде. Секако пред нашата публика секогаш имам трема, до моментот кога ќе се исклучат светлата, а потоа ја напуштам оваа реалност на неколку часа. Убаво е кога салата е полна, но претставата треба да се случи и ако има само еден човек во публика.
Читај бе: Опиши ни на кратко како го доживуваш делото на Драгослав Михаиловиќ ,,Кога цветаат тиквите” и колку беше тешко или лесно креирањето на монодрамата која ќе ја доживее својата премиера вечерва?
Кристијан: Кога прв пат го прочитав романот, се заљубив во искреноста и едноставноста што ја носи. Бидејќи е во прво лице и има монолошка исповед, додека го читав ми се создаваше слика за претстава – монодрама. Така и почнав. Пред точно една година го најдов романот и почнав со адаптација кон истиот. Работев неколку месеци на текстот, а последниве 3 месеци работев на сцена, а во меѓувреме се создаваше претставата. Мислам дека успеавме да направиме претстава што ќе е актуелна и денес, без разлика што текстот е напишан во 1968 година.
Читај бе: Каде се гледаш себе си во иднина? Што се си подготвен да и пренесеш на публиката?
Кристијан: Во иднина се гледам во театар. Тоа е единственото што можам сега да го кажам, но сепак како што рекле, не знам каде ветрот ќе ме однесе за неколку години. Театарот е местото кое секогаш ќе и отвора нови емоции и нови светови на публиката.