Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола има долгогодишна традиција на соработка со Амбасадата на Република Чешка, врз основа на учеството на еден од најстарите детски ликовни конкурси во светот – „Лидице“, кој во 2026 година го одбележува своето 54. издание.
Вчера, Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола имаше чест да го пречека Н.Е. Квјетослав Сулек, раководител на Одделението за конзуларни работи и економска дипломатија, кој во име на амбасадорката на Чешка, Н.Е. Ирена Гецова, им ги додели дипломите на нашите ученички – учеснички на 54. издание на светскиот детски ликовен конкурс „Лидице 2026“, Ана Полизовска и Миа Мицевска, за освоените високи награди.

Конкурсот е во организација на Меморијалниот комплекс „Лидице“, зад кој стојат Министерството за надворешни работи, Министерството за образование, млади и спорт, како и Министерството за култура на Република Чешка, во соработка со Чешкиот центар за УНЕСКО. Токму поради тоа, посетата на амбасадорите или нивните претставници на нашето студио веќе прерасна во традиција, што претставува голема почит кон врвните ликовни достигнувања на нашите членови.
„Со ова остануваме доследни на еден од фундаменталните принципи на мојот татко – секое дете кое освоило награда или добило диплома треба да има посебен третман, а неговиот успех да биде одбележан со соодветна церемонија. Тоа е суштински дел од негата и развојот на ликовниот талент кај младите ликовни уметници и талентираните ученици“, истакна Елена Хаџи-Антоновска, претседателка на ДЛС „Свети Кирил и Методиј“ – Битола.


Господинот Сулек, при посетата, најпрво од страна на претседателот на Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски, беше детално запознаен со мисијата на студиото и неговото 60-годишно постоење, како и со двете најголеми светски манифестации: 45. издание на Ликовниот конкурс „Битола“ во 2027 година и 46. издание на Светската детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“, исто така во 2027 година.
По презентацијата, на официјална церемонија, господинот Сулек им честиташе на Ана Полизовска и Миа Мицевска за освоените награди и им ги додели дипломите. Притоа, им подари и ликовни и промотивни материјали од Чешката амбасада, на кои беа испишани лични честитки на македонски јазик од амбасадорката на Чешка, со желби за уште покреативни идни уметнички достигнувања.
На крајот од посетата, тој ја поздрави досегашната работа и активностите на студиото, изразувајќи поддршка за неговото натамошно дејствување и развој.








