Вечерва со почеток од 19:30 часот ќе се одржи 23.издание на Фестивалот на детска музика ТРА ЛА ЛА во големата сала при Центарот за култура во Битола. Претходно ќе бидат организирани претстави за основните учиишта и градинки од: 9:30, 11:30 и 13:30 часот.
ТРА ЛА ЛА ЖУРКА ГОЛЕМА, ЗА СИТЕ ДЕЦА И ОД БОГА БЛАГОСЛОВЕНА, ТРА ЛА ЛА ПЕЈТЕ БЕСКРАЈНО, СО ПЕСНА ЌЕ ВИ БИДЕ ПОЛЕСНО
Ви ги претставуваме 14-те учесници на годинешното издание на фестивалот.
Алексеј Ѓорчевски ГОДИШНИ ВРЕМИЊА
Алексеј Ѓорчевски има 6 години и учи во прво одделение во О.У. Стив Наумов во Битола. Слободното време го поминува во игра, забава и дружење, музиката ја сака од многу мал, посетува и часови по танц, а учествува и на многу меѓународни и државни натпревари. Бината за него е место, каде сака да биде често.
Ева Димитрова ВЕСЕЛО, ВЕСЕЛО
Ева Димитрова има шест години, учи во основното училиште Елпида Караманди и е прво одделение. Сака да учи, посетува курс по германски јазик, а омилен предмет и е ликовно. Со нејзината дружељубивост, искреност и ведрина го разубавува денот на сите околу неа. Во слободно време обожава да црта, танцува и да се шминка.
Евгенија Ристевска СИЛИКОНСКА ДОЛИНА
Евгенија Ристевска е во второ одделение во О.У. Гоце Делчев во Битола. Евгенија оди на обука за програмирање, како и на обуки за англиски и грчки јазик. Омилени предмети и се математика и ликовно образование. Многу сака да се дружи, да учи и да открива нови работи.
Ирина Терзиевска МОЕ МАЧЕНЦЕ
Ирина Терзиевска има 5 години и оди во градинката Пролет 1. Ја сака музиката, цртањето и атлетиката. Ирина има учествувано на неколку организирани трки, но нејзината најсилна страна е љубовта кон животните. Кога ќе порасне ќе биде докторка.
Калина Стефановска СИТЕ ДА СМЕ ЕДНО
Калина Стефановска е ученичка во трето во О.У. Кирил и Методиј и трето одделение во нижо музичко училиште во Битола. Обожува да пее, да свири на клавир и да црта. Секогаш е ведра, насмеана, позитивна и друштвена. Најмногу од се на светот го сака својот помал брат.
Лора Николовска НА ПЕЛИСТЕР
Лора Николовска е ученик во второ одделение во О.У. Трифун Пановски. Омилени предмети и се математика и ликовно. Исто така е ученик и во музичко училиште каде свири виолина. Ова и е втор настап на детскиот фестивал Тралала, а сцената ја засака од првиот момент. Нејзината желба е дека еден ден ќе стане славна во музиката.
Лука Ристановски СРЕЌА НАБЕРИ
Лука Ристановски е роден во 2011 во Скопје. Учи во О.У. Климент Охридски и е ученик во шесто одделение. Омилен предмет му е музичко, а негово хоби се пеењето, каратето и прошетките во природа. Лука е прекрасно дете со волшебна и чиста душа.
Марија Марковска НЕ Е ХРАБРОСТ
Марија Марковска има девет години ,учи во О.О.У. Браќа Миладиновци во Скопје. Марија веќе има две соло песни кои се емитуваат и во склоп на детската емисија Тинтири Минтири . Посетува курс по англиски јазик и е дел од фолклорно студио. Најмногу ги сака животните. Друштвена е и дружељубива.
Марија Петковска МАМА, МАМИЧКА
Марија Петковска има пет години и оди во градинката Пролет. Посетува курс по англиски, а следен на листата и е германскиот јазик. Многу сака да црта, пее и да танцува. Посетува часови по модерни танци. Ведра и насмеана е и многу сака да се дружи со другарчињата.
Мила Калески НАШЕТО ДЕТСТВО
Мила Калески е ученичка во О.У. Гоце Делчев. Има осум години и е трето одделение. Мила во себе носи посебна љубов кон светот околу неа. Музиката, математиката, другарувањето и уметноста се нејзините наjдраги сфери. Оди на часови по англиски јазик, танци и математика, а сама научи aнглиски, руски и српски јазик.
Ника Лубура МОДНА ПИСТА
Ника Лубура има осум години и е ученичка во трето одделение во основното училиште Тодор Ангелевски. Таа е со топла насмевка, поглед што милува, глас што разнежнува и стас што не се скротува. Додека пее и игра ќе заблеска со сиот сјај за да те направи благороден патник и ќе те носи со звуците на нотите се до “ода на радоста”.
Николај Секлевски ЈАС СУМ ФРАЕР
Николај Секлевски учи во О.У. Стив Наумов во Битола, во трето одделение. Сака спорт, музика и изучува јазици. Многу е позитивен, насмеан, разигран и распеан, едноставно, Николај секогаш е весело дете.
Сара Христовска ПРУЖИ РАЦЕ
Сара Христовска има девет години и учи во О.У. Стив Наумов. Нејзиниот свет е игра и забава. Весело, позитивно и насмеано девојче кое обожава да се дружи. Зборува англиски јазик и тренира кик – бокс. Љубител е на животни, а најмногу го сака својот папагал.
Виктор Павловски ПЕСНА ЉУБОВНА
Виктор Павловски е ученик е во О.У. Стив Наумов, во петто одделение. Виктор сака се`, но најмногу сака да танцува и пее. Ги сака животните, па затоа дома чува папагалче и рипки. Посетува школо за модерни танци и изучува англиски и кинески јазик. Желба му е кога ќе порасне да биде ветеринар или полицаец.