Третата мобилност од проектот „I-School Finding Identity in times of Social Media“ се реализираше во Неус-Германија. Сите шест партнери од проектот зедоа учество во тематските активности за Cyberbullying и имаа можност да разменуваат искуства и идеи за спречување и справување со врсничко насилство.
Во оваа мобилност тимот од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ го претставуваа наставничките Анета Христова и Наташа Алабаковска Апчевска со учениците Анастасија Мицеска, Божица Тодоровска, Мелиса Исова, Стефан Ристевски и Серџо Бајрамов.
Тие го раскажаа нивното патување и активостите кои ги имаа како дел од проектот.
04.12.2022 (недела) -Патување за Германија
Патувањето на тимот на нашето училиште започна ден пред планираните активности, со оглед на тоа што летот Скопје- Келн- како наша дестинација, беше во недела во вечерните сати. Иако пристигнавме доцна вечерта, на самиот аеродром бевме дочекани лично од нашите домаќини, семејствата во кои беа сместени нашите ученици, како и наставниците од училиштето домаќин- Gesamtschule NorfFeuerbachweg од Неус. Тие беа задолжени за сместувањето на нашиот тим. Учениците патуваа со домаќините во Неус, а наставниците во Диселдорф, каде што беа сместени со останатите тимови од земјите партнери.
05.12.2022 (понеделник)-Активности во училиштето во Неус
Ден предвиден за дочек на останатите тимови. Со оглед на тоа што нашите ученици пристигнаа ден пред останатите тимови, имаа планирани посети на часови, секој со својот ученик-домаќин. Наставата се одвиваше до доцна попладне. Ова беше одлична можност да се запознаат со нивниот образовен систем, начинот на работа и лично да ја доживеат атмосферата од присуството на целодневна настава. После завршување на часовите секој имаше слободни активности во режија на семејствата каде што беа сместени, за која мора да нагласиме дека беше беспрекорна, на огромно задоволство на учениците.
06.12.2022 (вторник)-Официјален дел од мобилноста во Неус и посета на зимски спортски центар
Одличен почеток на активностите од мобилноста, почнувајќи од поздравниот говор на директорот на училиштето-домаќин-Gesamtschule NorfFeuerbachweg, координаторот на проектот, изјавите за печатот и заедничките фотографии на сите учесници. Следеа кооперативни игри за подобро запознавање на учесниците едни со други, електронски анкетен прашалник со прашања на тема Cyberbullying и анализа на добиените резултатите, презентација за Cyberbullying од страна на Mediascouts со рефлексија и лични искуства за истата. Битен момент е учеството во активностите исклучиво во мешани тимови од сите партнери.
Деновите на оваа мобилност се поклопија со традицијата за одбележување на Св. Никола, па домаќините подготвија презентација за овој празник и во духот на празникот следеше доделување на торбички со пригодни подароци за сите учесници на мобилноста.
После училишната прошетка во која имавме можност да се запознаеме со сите простории во училиштето, изградени по најнови стандарди, следуваше заеднички ручек во училишната менза. На взаемно задоволство имавме запознавање и со целокупниот училишен персонал, а децата имаа време за слободни активности во училиштето (фудбал, билијард….). Попладнето беше организирана заедничка посета во затворен спортски центар за зимски спортови. Ова беше вистинско доживување за сите поради амбиентот и можноста за едно ново искуство.
Вечерта учениците беа преземени од семејствата-домаќини, а наставниците од сите земји партнери од проектот имаа заедничка вечера, на која покрај другото се разговараше и за проектните активности во наредните денови.
07.12.2022 (среда)-Активности во Келн и посета на Божикен пазар
Уште еден ден со многу изненадувања од домаќините. Сите активности на тема Cyberbullying беа планирани да се изведат во Келн. За таа цел наставниците тргнаа со воз од Дизелдорф, ги зедоа учениците од Неус и продолжија за Келн. После заедничката фотографија пред катедралата во Келн, беа формирани мешани тимови кои добија упатства за следната задача. Најнапред се реализира кино проекција за Келн во минатото, која заврши со виртуелна тура со VR-очила низ Келн во дваесеттите, за потоа да се направи рефлексија на истата. Следеше барање на познати историски точки во центарот на Келн, обележани на мапа што им беше водич на учениците. На секоја пронајдена точка добиваа информации за Cyberbullying и снимаа видеа со пораки за негово спречување.
Извонредно искуство за сите учесници кое заврши со заеднички ручек и посета на Божикниот пазар, каде учениците имаа време за дружење и прошетка низ градот.
Во договорено време, се вративме во Неус и Диселдорф. Учениците кај своите семејства-домаќини, кои повторно имаа подготвено изненадувања за нив со активности низ градот, а наставниците на заедничка вечера и споделување искуства од нашата работа.
08.12.2022 (четврток)-Активности во училиштето во Неус, посета на Дизелдорф и заминување за Македонија
Последниот ден од мобилноста беше најнапорен за нашиот тим, со оглед на тоа што тој ден во доцните вечерни часови имавме лет за Македонија. За среќа имавме добра организација околу напуштањето на сместувањата со комплетен багаж. Домаќините повторно се покажаа на ниво на задачата за гостопримство, па така можевме слободно да патуваме до Неус, каде во претпладневните часови учениците имаа театарска работилница на тема Cyberbullying, играа зададени улоги, креираа дадени ситуации, рефлексии и правила за дигиталниот свет.
После паузата се доделуваа сертификатите за учество на сите учесници на мобилноста. Сите задно тргнаа за Диселдорф. Се направи прошетка низ центарот на Диселдорф со посета на Божикниот пазар. После тоа сите се упатија кон Спортскиот центар во кој имаа доволно време за одмор и рекреација, вклучувајќи одбојка и фудбал на песок, планинарење и мала закуска. Не изостанаа и тематските Еразмус фотографии со Божикни мотиви. Додека учениците се рекреираа, наставниците разговараа за слсдната мобилност во Италија.
За жал нашиот тим мораше порано да го напушти Спортскиот центар. Разделбата беше многу емотивна. За толку кратко време се склопија многу пријателства, кои ќе продолжат со следните мобилности.
Во попладневните часови го напуштивме Дизелдорф и се упативме кон аеродромот во Келн. Во доцните вечерни сати полетавме за Скопје, каде пристигнавме околу полноќ. Во раните утрински сати пристигнавме во Битола, со организиран превоз, кој го донесе секој учесник од тимот до неговиот дом.
Мобилност каква што само може да се посака. Беспрекорна организација, точност и прецизност. Сите аспекти во организацијата запазени: образовниот систем, гостопримливоста, природните убавини и архитектурата на земјата, разновидност на кујната, одлична комуникација, се беше на ниво на задачата. Навистина прекрасно Еразмус искуство.
Error: Contact form not found.