Со концерт на Каролина Гочева во античкиот театар Хераклеја, започна 14-то издание на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ 2022. Свечено беше отворен од страна на градоначалникот Тони Коњановски, а после тоа следуваше и неколкуминутен спектакуларен огномет.
„Битола и вечерва потврдува дека е град кој живее со културата, град во кој различните историски периоди се создавале, надградувале и промовирале, карактеристични културни обележја кои денеска се наше богатство, должност и гордост. Токму затоа и културните настани кои се случуваат во Битола секогаш треба да бидат одраз на спецификите со кои се гордееме преку нив да ја промовираме македонската култура и традиција, притоа водејќи грижа за градењето силни меѓународни врски кои ќе овозможат силен напредок во сите области. Годинава воведовме нов концепт кој се надеваме ќе го задржи вниманието на публиката. Настаните нека бидат потврда на нашите напори да реализираме културно лето како и што доликува на Битола, а притоа да направиме културата да живее во текот на целата година“, се обрати градоначалникот Коњановски до присутната публика.
За Каролина секогаш е посебно кога пее во својот роден град, а на битолчани им рече дека и е чест што баш таа го отвора БИТ ФЕСТ.
„Одамна не се имаме дружено на нашата најомилена сцена овде во Хераклеја, од 2018 година, кога ги изведував песните од Македонско девојче. Овој пат имам нешто поинакво. Изминатиот период се навраќам на сите песни кои ја одбележале мојата кариера, има песни од пред 20-тина години, се надевам дека ги паметите, одамна ги немаме пеено. Чест ми е што баш јас го отворам БИТ ФЕСТ, ова е прекрасна јунска ноќ, ќе имаме ноќ за паметење“, рече Каролина пред почетокот на концертот.