Ивана Атанасовска е активен младински работник и претседател на Локалниот младински совет на општина Битола. Неодамна, како дел од Еразмус програмата беше на младинска размена во Франција, но и далечниот остров Гвадалупе на Карибите кој е прекуморски регион на Франција. Темата на младинската размена беше интересна – подкастот. Учеа од Италијанци кои им објаснија како функционира и за што може да се искористи подкастот, кој кај нас не е многу популарен. Но, она што беше уште поинтересно е искуството кое го имаа на островот Гвадалупе. Разменија искуство со вработени во тамошното радио, но и директно можеа да видат и да искусат како е да се живее на остров. На островот е најбитно им е да ја чуваат природата, затоа што таа е дел од нивниот живот.
Читај бе: Ивана, само што се врати од младинската размена како дел од Еразмус програмата. Може ли да ни кажеш како младински работник, што е она што како искуство го стекна за време на оваа размена?
Ивана: Во Франција бев релативно кратко, таму успеав да добијам впечаток генерално за секојдневието на Французите и да посетам одредени значајни знаменитости во Париз, а со оглед на тоа што Гвадалупе (Кариби) e прекуморски регион на Франција имав можност најголемиот дел од искуството да го стекнам токму на Карибите, тргнувајќи од темата која ја изучувавме, начинот на кој што имавме можност да живееме на островот, културата, традицијата како и разговорите со локалното население кои беа навистина интересни и во голем дел поучни.
Читај бе: Темата на оваа младинска размена беше подкастот, нешто што во светот е актуелно, но гледаме дека срамежливо почнува и кај нас. Колку на овој начин може да се пренесат пораките до младите, дали е полесен овој начин?
Ивана: Да, подкастот беше во фокусот на целата размена. Имавме можност да работиме со учесници од Италија кои навистина несебично и со задоволство ги пренесуваа своите знаења. Тоа беше група на луѓе кои работат во радио во Италија и имаат прилично големо искуство со подкаст.
Сметам дека во иднина и кај нас ќе има популаризација на оваа тема. Самиот подкаст е еден интересен начин на пренесување и споделување на различни информации, дефинитивно полесен начин за да се допре до младите затоа што може да се сними на било која локација и да се добијат информации со кои се располага во моментот, а истите да останат и за во иднина. Лесен начин затоа што денес сé повеќе се соочуваме со дигитализација, а тоа значи и полесен пристап на информации.
Како група снимивме неколку подкасти, кои беа професионално обработени, имавме можност заеднички да ги обработуваме со претставниците од Италија и на тој начин практично да применуваме сé она што претходно сме се договориле.
Читај бе: Какви се искуствата кои ги споделивте токму на оваа тема со останатите учесници? Колку и за што се користи подкастот во светот, а за што кај нас?
Ивана: Во принцип поголемиот дел од групата немаше искуство со подкаст, но тоа беше добро затоа што во текот на целата размена истражувавме и проучувавме за на крај тоа искуство кое што го имавме, иако мало, го споделивме со вработени во радио на Гвадалупе. Во светот, подкастот се користи за шоу, различни емисии… но од она што генерално го забележавме за кај нас е дека не е популарен, а како крајна активност секоја држава-учесник ќе треба да сними свој подкаст за што со групата со која што бев веќе договараме што би било интересно за снимање.
Читај бе: Ивана, сега малку и за другата страна на твојот престој. Бевте дури и на Карибите…што ти остави најголем впечаток од сите места кои ги посетивте?
Ивана: Покрај Париз, претстојот беше обезбеден во Гвадалупе, каде што посетивме неколку различни места. Според мене, покрај уживањето во совршената природа, другиот дел е типично преживување на остров како што читаме или гледаме.
Многу интересно искуство, невообичаено, незамисливо за нас тргнувајќи од фактот што имаат ограничени ресурси како што се вода и електрична енергија. Локалното население има начин на живот кој секако за нив е секојдневие. Најголем впечаток уште од првиот ден ми остави природата и начинот на кој што населението се грижи за истата.
Природата претставува дел од нивниот начин на живот. Плажите се нешто посебно во комбинација со совршената чистина на песокта и водата. Тропски температури на кои вредеше да се прилагоди човек во замена за сé она што можеше да се доживее и види.
Наутро, покрај доручекот често јадевме манго, кое заедно со два вида на кокос го имаше во изобилие во местото каде што бевме сместени. Во принцип, храната е многу зачинета, а за ручек често јадевме полесна храна со оглед на жешкото време.
Читај бе: Од колкаво значење е младите да бидат активни и да се повеќе заинтересирани да се вклучуваат во младински размени? Како искуството кое ќе го стекнат ќе влијае врз нив?
Ивана: Секој млад човек треба да стекнува искуство кое подоцна ќе го пренесува на генерациите што доаѓаат. Младинските размени се секогаш посебно и невообичаено доживување затоа што покрај новите познанства кои ги стекнуваме, осознаваме и различен начин на живот кој не е секојдневие за нас. Би ја искористила можноста да ги повикам сите млади луѓе да бидат вклучени во спроведување на локални активности. Искуствата кои се стекнуваат секогаш ни даваат широк поглед кон работите со кои се соочуваме како и тоа како ќе реагираме во конкретни ситуации.
Секогаш кога можеме да бидеме дел од младински волонтеризам и активизам значи непроценлива можност која не смееме да ја пропуштиме.