Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари срдечна посета на Детското ликовно студио Свети Кирил и Методиј во Битола, каде се сретна и со талентирани млади уметници – членови на студиото од група 1 – деца на возраст од 4 до 7 години кои во тој момент имаа час.

Посетата се реализираше во рамки од одбележувањето на реномираните манифестации кои веќе со децении го позиционираат градот како светски центар на детската уметност, како и во знак на поддршка на шестдеценискиот јубилеј од основањето и континуираната работа на ова студио.
За време на престојот во студиото, претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека се чувствува длабоко привилегирана што има можност директно да ги запознае младите уметници кои создаваат ликовни дела со неизмерна љубов и креативност.

Според нејзините зборови, во самото срце на Битола, овие млади таленти успешно ги полнат улиците со бои, оригинални идеи и чиста енергија, претворајќи ја секоја слика во уникатна приказна за нивните соништа. Таа изрази гордост што државата негува традиции кои ги поттикнуваат најмладите слободно да ја изразат својата имагинација, докажувајќи дека уметноста нема возрасни граници и живее во срцата на сите генерации.

Посебен акцент за време на посетата беше ставен на значењето на двете глобално етаблирани манифестации во организација на студиото. Претседателката ја разгледа импресивната поставка во рамки на 44-та светска детска ликовна изложба по конкурсот “Битола”, проект кој секоја година обединува над 8О.ООО креативни творби пристигнати од сите мердијани во светот.

Истовремено, беше поздравена и работата на најстарата светска детска ликовна колонија “Мал битолски Монмартр” која оваа година одбележа 45 години од своето непрекинато постоење а каде што 14О до 18О млади ликовни креативци од 2О до 25 земји секоја година преку традиционалното отворено творење на битолските улици ја промовираат културната дипломатија и ја преточуваат традиционалната архитектура во трајни уметнички вредности.
Претседателката на студиото, Елена Хаџи Антоновска, изрази огромна благодарност за посетата и нагласи дека ваквата институционална поддршка од највисоко државно ниво претставува огромен поттик за понатамошниот развој на младинското ликовно творештво, како и за достојната афирмација на македонската култура и традиција на меѓународна сцена.








