Филип Димкоски

Филип Димкоски е роден 1995 година, во Прилеп. Тој е исклучителен и енергичен млад човек, кој напоредно со пишувањето, ја остварува и својата љубов кон природата како дипломиран земјоделски инжинер, така што ревносно обработува парче земја. Па ако го прашате дали во градината има љубов – тој ќе ви се насмевне, а можеби и ќе ви оговири дека ако не беше градината, љубовта ќе немаше со што да се спореди, а вака градината ѝ дава лик, вкус, мирис на љубовта.

viber image 2023 10 12 10 37 27 758

На 23 Пелагонски културно научни средби, за првпат се воведува наградата во чест и сеќавање на поетот Панде Манојлов кое го носи неговото име „Панде Манојлов“.  Првиот добитник на оваа награда е токму поетот Филип Димкоски.

Во продолжение три песни од неговиот богат поетски опус.

Доаѓа песната

Како вода на извор,

што притиска камен,

како што се издига огнен пламен,

доаѓа песната.

Како моќна река низ клисури,

песната низ мене протекува и јури

брза, брза песната без да прекине,

сите мрежи на тајната да ги искине.

Никогаш и никаде таа не скита,

Низ патишта знајни ита.

Протекува, тече.

Таа е лековита.

Нека е вековита.

Доаѓа, доаѓа песната.

Може ли?

Може ли ти да си немирно море,

А јас океан што мирува, стои,

Може ли еден разулавен бран

Морето и океанот да ги спои?

Ќе умее ли морето со бранови немирни

мирниот океан да го вознемири,

ќе се спојат ли двете води во една вода,

за заедно да пеат љубовна ода.

Можат ли океанот и морето,

со мечта љубов да станат,

да не постои време,

да нема немири,

да постоиме само јас и ти.

Божјиот глас

Лисјето од ветер поддувнати – шумолат,

гранките се виткаат – крцкаат,

дождот удира врз лисјето – тие плускаат,

штурците се огласуваат – свират,

секоја тревка знае кога да шушне

секоја птица знае кога да пее,

а кога другата птица да ја слушне.

Звуците слеани

во олимписка симфонија

печат се семоќен

на космичката хармонија.

И сите тие милиони звуци,

и сите тие творци на звукот,

знаат во кој миг да здивнат,

сосема да се угасат, да стивнат,

да ја остават во немост дивината,

да ја слушнат најмоќната – тишината.

Се знае:

Кога тишина, кога звук.

Потоа тие се испреплетуваат

и двата сојузника

создаваат музика.

Научувам:

колку треба да молчам

пред уста да отворам,

колку треба да слушам,

пред да пејам и проговорам.

Ќе научам:

да фатам ритам со природата,

да сум созвучје со акордите на одата,

да знам кога сум глсче,

кога – глас, кога – гласиште

во праизворната полифонија,

јас само да ја надополнам

божествената мелодија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

Биљана Т. Димко: Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – нема име

Пишува: Биљана Т. Димко Двата столба на македонскиот идентитет од искона до…

Колку сме толку сме токму сме – 94 години од раѓањето на Гане Тодоровски

Гане Тодоровски  (1929 -2010)  од современ, денешен книжевен аспект може да се…