Битолчанката Елена Стојчевска и тоа како го заслужува епитетот креативна мајка. Веќе неколку години таа преку Инстаграм ги споделува своите креативни, но и забавни идеи за детски игри и уникатни активности. Вели дека нејзината инспирација се потребите и желбите на нејзините деца, а инстаграм профилот е создаден за инспирација и поттик на родителите кои сакаат да работат и да се дружат со своите деца. Со она што го прави таа докажа и покажа дека Инстаграм е место каде што може постојано да се црпи позитивна енергија.

Таа од неодамна е жител на Амстердам и оттаму продолжи со своите активности на Инстаграм инспирирајќи ги останатите родители, но и сите 14 илјади следачи на нејзиниот профил. Но, исто така, овој период од годината, веќе четврти пат е резервиран за големиот хуманитарен проект „Да бидеме хумани 4“ оваа година со помош на Вера, Росана и Јана. Целта на овој хуманитарен проект е да ги израдува децата од социјален ризик, но и децата од руралните и планинските средини за новогодишните празници.

1667987886562 1

Читај бе: Како започна твојата креативна приказна? Што беше првото нешто кое го изработи? Како се одлучи сето тоа да го пренесеш на Инстаграм?

Елена: Го сакам Инстаграм зашто на него може да се гледаат убави работи па гледајќи дека взаемно се инспирираме решив почесто да ги споделувам забавните работи кои ги изработуваме по дома. Сите активности се изработени во друштво на син ми, сопругот го вклучуваме најчесто кога имаме технички проблеми. Мојата инспирација се потребите и желбите на мојот син секако сега веќе го вклучуваме и најмалиот член. Не сум стручна на тоа поле, многу често знам да направам грешки во возраста и несоодветни активности меѓутоа и тоа како искуство е споделено во постовите. Правиме најчесто активности од еко материјали и реупотребуваме секаква празна амбалажа, активности по сликовници, учествуваме во предизвици, работилници кои ги има на други профили на Инстаграм. Се обидувам да создавам уникатни активности по лична идеја, но и ги прифаќам и веќе постоечките активности што ми се гледаат соодветни.

Профилот е создаден за инспирација и поттик на родителите кои сакаат да работат и да се дружат со своите деца.

Со проектот Врти од А до Ш, со ХУМАНИТАРНИТЕ ПРОЕКТИ во кои сум активна веќе четири години и на крај со 2020 година кога се смени целосно нашето секојдневие и успеав преку мојот профил да соединам околу 50 родители со кои сме целосна подршка и инспирација за активности, едукативни материјали, литература за деца и сл. Сфатив дека Инстаграм е место каде што може постојано да се црпи позитивна енергија. Единствена цел на мојот профил е да се обидам да создадам што повеќе детски насмевки.

Читај бе: На твоите деца никогаш не им е досадно со креативна мајка како тебе. Како го прифатија твоите деца тоа што сама им изработуваше занимливи игри, играчки и слично? Каква беше реакцијата од околината?

Елена: Имам неколку одговори на ова прашање, пред се започнав со креирање на активности и игри за моите деца за да ги заштитам од технологијата барем во период кога детето е помало. Во денешната ера на технологија, да се воспитува дете заштитено од влијанието на истата, е навистина предизвик, пред сé за нас како родители, поради тоа што не за технологија за деца значи и не за технологија за родители во присуство на детето. Можам да се пофалам дека сé уште јас и мојот сопруг успеваме да го одржиме тој континуитет на ограничено гледање само едукативни содржини или цртани филмови за децата да бидат во тек со трендот што го имаат нивните врсници. Додека за надвор од домот сме секогаш опремени со ранец игри и активности и никогаш не се појавила ни желба ни потреба од технологија.

Исто така за создавањето на активности и игри за децата  е „виновна” мојата желба за рециклирање и реупотреба и потребата тоа да го пренесам на другите дека од ништо можат да создадат прекрасни уметности, игри и активности.

Децата се радуваат на секакви играчки, меѓутоа верувајте вистинско уживање за децата е кога играчката ќе ја создадете сами. Баш онака како што вие сакате, до последното делче. Жарот во очите на детето и желбата сите да дознаат дека од „ѓубрето” сте создале цел еден свет, доволно зборува.

Читај бе: Ти си битолчанка која живееше во Скопје, а неодамна со семејството се преселивте во Амстердам. Како се навикнавте на тамошниот живот? Беше ли тешко да се донесе одлуката да се напушти родниот град?

Елена: Родниот град го заменив со живеалиште во главниот град уште пред 15 години, но многу често се враќав во Битола. Одлуката за напуштање на татковината верувам на никому не му е лесна па така и нам.  Ние сме тука само 6 месеци и даваме сé од себе да станеме дел од системот. Кога човек ќе ја напушти земјата во која е роден, неблагодарно е да ги кажува негативностите за неа и да ги потенцира убавините од новото место на живеење. Затоа тоа го нема на мојот профил, чисто можам да споделам некој позитивен совет, како искуство.

После нашата преселба, мојот профил доби и едно советодавно катче и секојдневно добивам пораки за tip and tricks за полесен процес на селење со деца и од срце се обидувам на сите да им одговорам и помогнам во дадените ситуации.

Читај бе: И во Холандија продолжи твојата креативност… Колку лесно таму наоѓаш материјали, има ли повеќе избор? Има ли повеќе инспирација?

Елена: Иако изборот на материјали е доста поголем, сметам дека ќе продолжам со реупотребата на материјали што секојдневно ги имам дома, најчесто тоа се амбалажите од продукти. За мене Холандија е сама по себе инспиративна, таа е како една голема цветна градина и затоа на периоди на мојот профил многу повеќе може да се видат постови со цвеќиња и природа од активности.

Читај бе: Ти си автор на играта „ВРТИ од А до Ш“. Може ли да очекуваме уште нешто ново како резултат на твојата креативност секако покрај сето она што го објавуваш на Инстаграм профилот?

Елена: Врти од А до Ш е проект кој за мене претставува потврда на мојата креативност во процесот на едукација на моето дете. На 3 – годишна возраст на син ми забележав потешкотија во соединување на буква со збор па истражував материјали кои би биле најсоодветни за изучување на македонската кирилица низ игра и со што повеќе термини.

За жал во тој период немаше готов производ кој одговараше на нашите потреби па морав да го создадам. После овој проект продолжувам со работа како соработник во детското списание „Супер Смешка” веќе четврта година. Дали за скоро ќе има нешто ново не знам, но инспирирацијата од моите деца  се надевам дека ќе успеам да  ја преточам во уште едно авторско дело кое ќе радува и едуцира и други дечиња.

1667987937639 1

Читај бе: Четврта година по ред го реализирате хуманитарниот поект ДА БИДЕМЕ ХУМАНИ чија цел е да ги израдувате децата од најранливите категории.

Елена: Четврта година по ред, продолжува мојата мисија за хуманост. Преку „Да бидеме хумани“ се подаруваат искрени насмевки и радост за новогодишните празници. Како активист на социјалните мрежи минатите години потикнав многу граѓани заедно да донираат за децата од социјално загрозените семејства да ја почувствуваат новогодишната магија, во соработка со здружението „Љубезност” и здружението „Линк“.

Пресреќна сум што пред четири години на социјалните мрежи промовираме како родителите дома заедно со децата активно да поминат квалитетно време, да се забавуваат а воедно да ги оттргнат децата од модерните технологии. Преку нашата неформална соработка и акција, дојдовме до идеја годината да ја завршиме со насмевка на децата од социјално загрозени семејства, со добро дело на секој од нас преку социјалните медиуми да донираме и „ДА БИДЕМЕ ХУМАНИ”. Благодарни сме што минатата година се донираа над 1000 новогодишни пакетчиња. Оваа година имаме креативна работилница на тема „Нова година – топол дом“, во која секој кој учествува донира 100 денари и се наменети за пакетчињата.

Целта на проектот е да соберат што повеќе донации, а се промовира преку социјалната мрежа Instagram, на која работат со повеќе групи. Оваа година ќе промовираат и поддржат над 100 локални бизниси кои се пријавија како хумани пријатели на овој проект.

Јас и мојот тим ќе бидеме многу среќни доколку за празниците на сите деца од загрозените семејства би им подариле пакетчиња. Секој кој сака да биде дел од оваа приказна може да донира директно преку телефоните и жиро сметката на здружението Љубезност и исто така може да креирате пакетче и да го доставите  до здружението Линк.

1668940605055

Читај бе: Која е твојата порака до родителите?

Елена: За среќа по социјалните мрежи денес постојат профили на родители кои на најразлични начини ги активираат своите деца, кои можат да ни послужат на сите како пример и инспирација. Мојата единствена порака до родителите е дека со децата треба да работиме колку што можеме подалеку од технологијата, дали надвор на отворено или да твориме дома. Децата се инспирација која треба да ја искористиме за нив да ги поттикнеме да  се развиваат и да растат среќно.

И за крај ќе додадам еден од моите омилени наслови на моите постови:

ДЕТСКАТА СРЕЌА СЕ СОЗДАВА САМО ОД ЛИСТ ХАРТИЈА.

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот
Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да ти плачи. Колкупати ги …
Шејмус Мекгарви: Моќта која ја носи кинематограферот на сет, може да ги направи нештата спектакуларни
Кинематограферот Шеjмус Мекгарви, добитникот на наградата „Златна камера 300" за особен придонес …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…