На овој ден се празнува преносот на моштите на свети Георгиј од Никомидија во градот Лида, во Палестина, каде што пострадал во времето на царот Диоклецијан.
Страдањето на овој прекрасен светител е опишано под датумот 23 април (6 мај).
Пред смртта, свети Георгиј го замолил својот слуга да го земе неговото тело и да го пренесе во Палестина, од каде што потекнувала неговата мајка и каде што тој имал голем имот, кој го раздал на сиромасите.
Слугата ја исполнил неговата последна желба. Во времето на царот Константин, побожните христијани во Лида му изградиле прекрасен храм на свети Георгиј. При осветувањето на храмот, во него биле пренесени моштите на светителот, кои таму биле положени.
Од чудотворните мошти на светиот великомаченик Георгиј се случиле многубројни големи чуда.








