Пишува: Сара Танаскоска
Постојат луѓе кои тивко заминуваат, без да кажат збор. Нема изговорен официјален „крај“, не објаснуваат, не оставаат затворање. Само еден ден – исчезнуваат од твојот живот како никогаш да не постоеле. И најчудното е што светот очекува да продолжиш како ништо да не се случило.
На почетокот бараш објаснување. Ги враќаш разговорите во глава, ги анализираш тишините, бараш знаци што си ги пропуштил. Мислиш дека некаде си згрешил, дека нешто си кажал или не си кажал. И полека, вината почнува да се врзува за тебе, иако не знаеш точно зошто. Најтешкото не е нивното заминување. Туку тишината што ја оставаат зад себе. Тишина што нема крај, нема објаснување, нема затворање. Само празен простор што треба сам да го разбереш.
И така учиш нешто болно: дека не сите односи завршуваат со разговор. Некои завршуваат со исчезнување.
Со тек на време престануваш да бараш одговори. Не затоа што ги имаш, туку затоа што се уморуваш од прашањата. И почнуваш да се навикнуваш на луѓе што доаѓаат и си одат без објаснување, како тоа да е нормален дел од односите. Но не е.
Тоа остава трага. Не видлива, но длабока. Те учи да не веруваш целосно. Да не се врзуваш лесно. Да очекуваш крај што нема да биде кажан. И така, полека, почнуваш и ти да стануваш некој што заминува тивко. Не затоа што сакаш, туку затоа што си научил дека така помалку боли.равил нешто погрешно. Туку затоа што тие не знаат како да останат.
Со секое такво заминување во нас се поместува уште една граница. Почнуваме одредени реченици да го чуваме за себе, затоа што преку ноќ сме научиле дека и најблискиот човек може еден ден да стане странец. Стануваме повнимателни со зборовите, со довербата, со очекувањата. Не затоа што сме станале помудри, туку затоа што сме станале исплашени.
А можеби најголемата штета не е тоа што некој си заминал тивко, туку тоа што неговото заминување не натерало да се сомневаме во сите што ќе дојдат после него.
Почнуваме да бараме крај и таму каде што сè уште постои почеток. Да се прашуваме кога ќе си замине човекот, наместо да уживаме во тоа што е тука. Да се браниме од болка пред воопшто да ни се случи. И така, обидувајќи се да не бидеме повредени, понекогаш не си дозволуваме ниту да бидеме сакани.
Денес, можеби премногу лесно ги оставаме луѓето зад себе. Еден непрочитан разговор, едно „seen“, една тишина подолга од вообичаено и веќе си дозволуваме да поверуваме дека односот завршил. Станавме генерација која знае да блокира, да избрише, да престане да следи, но заборави дека зад секој профил стои човек кој можеби заслужува барем еден последен искрен разговор.
Не велам дека секој човек мора да остане. Некои луѓе навистина треба да си заминат. Некои врати треба да се затворат, а некои односи едноставно повеќе немаат што да дадат. Но постои разлика меѓу заминувањето и исчезнувањето. Меѓу тоа да кажеш „не можам повеќе“и едноставно да престанеш да постоиш за некого.
Можеби затоа треба да научиме дека затворањето не е секогаш должност на оној што останува. Понекогаш мораме сами да ставиме точка таму каде што другиот оставил три точки. Не затоа што сме добиле одговор, туку затоа што сме сфатиле дека не можеме цел живот да чекаме некој да ни го даде.
Можеби тоа е најтажниот дел, што луѓето што не кажале „збогум“, нè учат и ние да не кажуваме. Но и покрај сè, во некој дел од нас останува надежта дека ќе постојат луѓе што ќе знаат да останат до крај. И да си заминат со збор. Со објаснување. Со човечност.
Затоа што збогумот не е слабост. Тој е почит.







