combined 1608x870

Пишува: Дејан Нашоку

Ако сакаш да го видиш вистинското лице на „религиозниот“ човек, оди во црква за време на празниците.

За Божиќ, Велигден, пости, слави и „свети денови“, одеднаш сите стануваат експерти за морал, грев и спас. Луѓе што цела година не можат да издржат пет минути без пцуење, лажење, навредување и ситни подлости, за време на празници добиваат духовен PR-тим. Свеќа, икона, две реченици научени од баба и дедо, и готово, душата е покриена.

Религијата кај нас одамна не живее. Таа стана само формалност. Како нешто што „се прави“ за да не се поставуваат прашања. Никој не те прашува зошто постиш. Туку прашуваат само дали постиш. Никој не те прашува што значи Христовото учење. Само дали си запалил свеќа, „како што треба“.

И тука почнува лицемерието. Постиме, а на маса има викање, навреди, политички расправии како да сме на телевизиско студио, не на фамилијарен собир. Луѓе што со сила седат заедно, со погледи што кажуваат „Само да заврши ова“. Пцуење со посна сарма. Омраза со икона во аголот. Ако ова е вера, тогаш верата е мртва.

Но ајде да одиме подлабоко, бидејќи проблемот не е само во однесувањето, туку и во незнаењето што за жал се носи како значка на чест.

Повеќето „религиозни“ луѓе немаат поим во што веруваат. И не, тоа не е навреда. Тоа е факт.

Тие не ја знаат историјата на својата религија. Не ги знаат корените на празниците што ги слават. Не знаат зошто нешто се прави, само знаат дека „така правеле старите“. Дека тоа е традиција.

Традицијата се менува, се приспособува, се меша со локални обичаи и времето во кое што се живее. Да се практикува нешто без знаење не е почит кон претците, ниту пак вера, туку само мрзеливост на умот и оправдување за нашето однесување и неукост.

На пример, Коледе. Палење огнови. Пеење. Ритуали. Тука нема ништо христијанско по својата суштина. Тоа е пагански обред поврзан со зимската краткоденица, прочистување и враќање на светлината. Но бидејќи со векови ни е сервирано како „традиција“, никој не прашува ништо. Не дека паганското е проблем, проблемот е слепото прифаќање.

Истото важи и за Божиќ. Исус не е роден на 25 декември. Ниту на 7 јануари. Историски гледано, најверојатно е роден некаде меѓу 4 и 6 година пред нашата ера, и тоа во период што не се совпаѓа со зимските соларни празници. Датумот е избран подоцна, политички и симболички, за полесно прифаќање на новата религија. Ова не е теорија. Ова е историја.

Исто така, во раното христијанство идолопоклонството било строго осудувано. Иконите биле дозволени подоцна како педагошки симболи, не како предмети со „моќ“.

Во 8–9 век има иконоборство – цели генерации христијани сметале дека иконите се злоупотреба на верата. Денес? Луѓето им зборуваат на икони повеќе отколку на сопствената совест.

Јајцето за Велигден е антички пагански симбол за плодност, живот и пролет. Црквата го прифатила подоцна. Ништо лошо – освен ако мислиш дека тоа е „од апостолите“ или библијата.

Многу од работите што луѓето ги бранат како „вера“ се национализам, патријархална навика, страв од различно, авторитет без прашање, итн. Ако ги читаш евангелијата сериозно, Исус Христос бил анти-авторитарен, против лицемерие, против религиозни елити, против празна традиција. Што е жива иронија.

Полесно е да се расправа дали некој јадел мрсно во пост, отколку да се отвори книга. Полесно е да се вика „Бог ќе суди“, отколку да се однесуваш човечки.

Дали воопшто се имате запрашано како е создадена Библијата? Да, за чудо, не паднала од небото. Библијата е компилација од текстови пишувани во период од околу 1.200 години, од различни автори, во различни историски контексти.

Септуагинта е првиот голем превод направен од седумдесет или седумдесет и двајца еврејски ученици. Преводот е направен помеѓу III и II век пр. н. е. во Александрија, главен центар на еврејскиот живот и наука во Египет. И тоа не е маргинален детал, туку дел од основата на христијанството.

Зошто воопшто бил потребен превод? Бидејќи мнозинството Евреи надвор од Јудеја веќе не зборувале на еврејски јазик. Старогрчкиот бил јазикот на образованието, трговијата и администрацијата, така што без превод, текстовите станувале нечитливи. Исто така, постојат и апокрифни текстови кои биле скриени и чувани во тајност во манастирите и биле достапни за свештениците или на луѓето упатени во религиозните тајни. Апокрифите се однесувале на личности, настани во Библијата за кои се давало оскудни податоци. Кратките библиски текстови ги развиле во опширни содржини, прераскажувани на интересен начин со цел да се придобие влијанието на читателската публика.

Друг факт е дека светците се само луѓе, а не натприродни суштества. Во теологијата тие се пример за начин на живот и посветеност кон нивната вера и религија, а не посредници со „моќ“. Но народната практика и приказни ги претвори во специјализирани божества „за здравје“, „за пари“, „за работа“. Ова се народни приказни, не христијанство.

И тука доаѓаме до суштината дека луѓето не ја бранат верата. Тие ја бранат навиката да не учат и не мислат. Религијата им служи како алиби за нивните карактерни слабости, за нивната агресија, за мрзеливоста на нивниот ум.

И дали знаевте дека најострите зборови на Исус се упатени кон фарисеите, религиозните авторитети, лицемерие и формализам, а не кон „грешниците“.

Иронијата? Денешните „верници“ најчесто се на страната што Исус ја критикувал.

Вистинската вера, ако постои, не се покажува на празник. Таа се гледа во вторник навечер, кога никој не гледа. Во начинот на кој зборуваш со блиските. Во тоа дали си чесен кога можеш да излажеш. Во тоа дали си тивок кога егото сака да вика.

Сè друго, свеќи, икони, трпези, обичаи, огнови, е фолклор.

Убав, шарен, шармантен, понекогаш дури и страшен. Но без знаење и без суштина, тоа не е вера. Тоа е само традиционално лицемерие со празничен распоред.

И уште нешто… Национализмот не е еднакво на христијанството. Христијанството е универзално, над-етничко, над-национално. Но кај нас верата се користи како национален маркер, културна ограда на „ние против нив“. Тоа е политика, не теологија.

Орхан Памук: Мудрости што остануваат запишани во времето
Овие цитати на Орхан Памук одекнуваат низ времето. Овој турски писател и …
Пчелите се најважните суштества на планетата без кои нема живот
Меѓународниот институт Earthwatch ги прогласи пчелите за најважни суштества на планетата Земја. …

Претплатете се за новости

You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…