Излезе од печат поетската книга насловена како „Процвет” на поетесата Цветанка Невчева во издание на Дата песнопој од Битола.
Делото е дел од Современата македонска книжевност – едиција: КНИЖЕВНИ МЕРИДИЈАНИ и е носител на наградата насловена како – ДУШАТА НА ЧАРШИЈАТА на конкурсот распишан од издавачката куќа Дата песнопој од Битола.
Песните во стихозбирката ПРОЦВЕТ поетесата ги врамила во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, кој доаѓа од лабораторијата на поетесата, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот. Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ претставува дел од РЕЦЕНЗИЈАТА напишана од Илија Мерковски, главен и одговорен уредник на издавачката куќа Дата песнопој од Битола.
Дизајнот на корицата е направен од страна на нашиот голем хуманист и сликар, Живко Поповски-Цветин.
Низ страниците од книгата се проткаени уметнички дела, слики-масла на платно, насликани од вештите раце на познатиот хирург, д-р Јордан Невчев – СЛАВА МУ!
Јордан Невчев-слики-масла на платно
Нераскинливиот спој на поетската и ликовната уметност преточени во стихозбирка која ќе остави трајни вредности и ќе ги освои срцата на читателите е основната цел на ПРОЦВЕТ!
Рецензија за книгата ПРОЦВЕТ од поетесата Цветанка Невчева
Миговен спој на мислите и чувствата донесува вистинска побуда за збиднувањето. Тоа и наметнува поинакво толкување на светот и настаните врзани за она што вирее како перцепција и она што во тој момент се чувствува. На преслапот е желбата за љубов, најсилна и вечна во потрагата на поетесата. Цветот не е само убавината, кој доаѓа од лабораторијата на поетесата, во него е естетската порака за димензијата на животот, чистотата на зборот, па и моќта за проследување на боите на животот.
Цветанка Невчева застанува на линијата на искушението да го прифати моментот или да му наметне блиско или далечно случување. Тоа е гравир, слика која плови и го пронаоѓа моментот да се живее со или без меѓи, подигајќи ги секојдневните текови како насмевка или болка, упорност за давање смисла на потрагата на вистинската љубов. Умисла на вербата за убавото отаде линијата, доброто во окото на стравот и почитта, како и нагласување на слободата на зборот со кој се станува поблизок и возбудено пољубен од животот.
Песните во стихозбирката ПРОЦВЕТ поетесата ги врамила во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Таа нема време да опишува, присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот.
Приказот излегува со нагласена издашност од пазувите на изворот за силната моќ на зборот, на допирот, на емотивноста и припадноста на просторот полн со љубов, мајчински трепет, духовен излив на сознанието, дефинирање на возможното преку подигањето и прифаќање на случувањата во мигот на сопственото сознание. Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ. Илија Мерковски
Кратка биографија За авторката
Цветанка Невчева е родена 1989 година во Кавадарци.
Таа е специјализирана медицинска сестра по семејна и патронажна грижа. Магистрант на спортски менаџмент. Активист и волонтер во повеќе невладини организации. Автор и коавтор на повеќе научно истражувачки трудови.
Вљубеник во убавата мисла преточена во убав збор запишан во книги исполнети со поучни и мудри страници.
Ја сака недопрената природа, ужива во слушањето музика што е допадлива за нејзиното уво и во разговорите со луѓето кои имаат што да кажат, кои имаат животни лекции за прераскажување.
Нејзиното мото гласи: Ништо не ни припаѓа нас, само надежта која што е сон на будните!
Пишува поезија и кратки раскази.
Нејзините поетски творби и раскази се објавени во антологии, книжевни списанија и интернет портали.
Поетската книга насловена како Процвет, е нејзина дебитанска книга, која се закити со наградата Душата на чаршијата, на конкурсот организиран од страна на издавачката куќа Дата Песнопој од Битола.