Сме го гледале во различни улоги на сцената на битолскиот театар, со маестрални улоги за паметење, сме го слушале неговиот смирувачки глас додека чита поезија, бил и водител на рзни манифестации како пример за елегантност и елоквентност…Петар Горко, актерот кој го прослави јубилејот од 35 години актерска кариера, и тоа токму со улогата на Вујко Вања.
Овој негов јубилеј беше поводот за нашето интервју со него, да поразговараме за последната премиера „Вујко Вања“, за неговите почетоци, најомилените улоги, љубовта кон поезијата и театарот сега и некогаш…
Читај бе: Пред сè ви честитам за јубилејот 35 години актерска кариера. Какво е чувството да сте првенец на битолскиот театар?
Петар Горко: Тоа е огромна сатисфакција и верификација на еден огромен труд вложен во театарот, но и во себе.
Читај бе: Неодамна имавте премиера на претставата „Вујко Вања“ во кој што го толкувавте главниот лик. Каков предизвик е да се работи со таква екипа?
Петар Горко: Благодарение на режисерката Софија Ристевска Петрушева, го добив овој лик, со одлична екипа на актери, кои минавме низ еден прекрасен процес, доволно долг за да можеме да ја сработиме претставата со сите нишани – што се вели. Еве можност јавно да се заблагодарам на целата екипа и на мојот матичен театар Народен театар Битола кој ни ги овозможи сите услови да направиме претстава која одекна со огромен интерес и преку овации и долги аплаузи на досега четирите одиграни претстави нè награди. Се надевам дека овој начин без проблеми во екипа, со огромно разбирање, идеи, размени на искуства, секојдневно говорење за театарот и самата претстава е единствениот начин да се добие голем резултат.
Читај бе: Имаат ли Петар Горко и Вујко Вања некакви сличности?
Петар Горко: Без копање во себе за да се пронајдат допирните точки, без огромна работа на себе да се стигне до усвојување на текстот и поттекстот на Чехов нема успех. Кога тоа се случи на долгите читачки проби, многу лесно одевме на сцената да го освојуваме просторот и да создаваме. Сè е испреплетено, вака јас го доживувам Вујко Вања во 21 век. Тоа сум јас, сакал да признаам или не, заглавен во мојот град кој е последна железничка станица, град од кој се иселуваат многу сограѓани, град кој е далеку од аеродроми, град во кој единствено културата и спортот раздвижуваат.
Читај бе: Како течеше процесот на подготовка на „Вујко Вања”, ќе ни раскажете ли некоја анегдота?
Петар Горко: Имавме многу случки, весели секако, најмногу со текстот. Кога со 100 проценти енергија се работи, додека не е совладан текстот знаеме да истресеме глупост. Суфлерката ги запишуваше за да се смееме. Еднаш ваков лапсус направив, ( Да изневериш туѓ маж тоа е неморално,) требаше стар наместо туѓ, но тоа доби друга конотација и така си се смееме зад сцената.
Читај бе: Се сеќавате ли на вашата прва професионална претстава?
Петар Горко: Секако, тоа не се заборава. Летото 1989 година, после завршување на втора година на ФДУ, нашиот професор Владимир Милчин, нè зеде во МНТ Скопје и ни даде улоги на тројца колеги од класата. Владо Јовановски, Трајче Георгиев и мене, во претставата „Мизантроп“, од Молиер. Едно фантастично искуство со големите актери од таа претстава.
Читај бе: Која е улогата на која сте најмногу горд?
Петар Горко: Ова е тешко прашање, на кое ќе одговорам дека во огромниот број одиграни улоги, на одредени периоди толку многу ми значеа некои ликови, што и јас самиот го менував мојот личен имиџ, што значи дека созревањето на ликот носеше некои квалитети и во мене, така животното искуство се збогатуваше. Тоа се случи и со Вујко Вања.
Читај бе: Кој беше вашиот идол?
Петар Горко: Никогаш сум немал идоли, се восхитувам и сакам голем број на актери наши и светски, но репер за начин на глума, тоа не.
Читај бе: Дали имате информација со кој/а актер/ка ја имате најмногу пати делено сцената?
Петар Горко: Три актерки се Соња Михајлова, Валентина Грамосли и Габриела Петрушевска. Ги има многу, но со помалку ги имам многу, а благодарност направив со тоа што сите нив ги ставив во мојот спот на песната од П.М.Андреевски –Умилкување.
Читај бе: Што си посакувате на професионалното поле?
Петар Горко: Најпрво да сум здрав и жив, пред сè за семејството, за да можам да играм уште долго на сцената, да создавам, да учам, да уживам во размената на енергијата со парнерите на сцена, но најмногу со публиката.
Читај бе: Какво значење има сега театарот од времето кога започнавте?
Петар Горко: Има голема разлика, но суштината е иста. До пристапот се работи. Малку забега воопшто театарот, со политика, со фрагментарни драматургии, кои очигледно не понудија ништо. Во времево во кое живееме полно со стресови, неубави нешта на ниво на држава, разнебитени, подмукли, корумпирани, продадени – нашиот јазик , идентитет…сето тоа е многу болно. Дозволивме и во театар да ни се случуваат тие нешта и јас сум против тоа. Не се разликуваме од вестите, напротив како да ги поддржуваме. Тоа не е задача на театарот. Можеби била некогаш, но денес со интернетот сè е достапно, нам ни останува да ги пренесуваме пораките преку личните доживувања на сцената, исполнети со приказна полна со карактери. Тоа е она што ни треба. Така публиката ќе ја натераме на размислување, децата на два часа гледајќи претстава ќе се тргнат од мобилните. Тоа е магијата на театарот.
Читај бе: Вие сте голем вљубеник во поезијата, од каде желбата за читање на истата?
Петар Горко: Секогаш сум ја сакал поезијата, веројатно поради многуте емоции срочени во неколку стихови. Возбудлива е за читање, а кога почнав да ја говорам гласно пред публика, конекцијата стана прекрасна и препознатлива за мене како актер и човек.
Читај бе: Дали безболно се разделувате од улогата или ви треба долго време да излезете од неа?
Петар Горко: Нема безболно разделување, исцедени сте како во блендер. Треба малку време додека си отидам дома, да поседам со колегите во бифе и да се вратам во нормала.
Читај бе: Каква е соработката помеѓу возрасните и младите актери во театар, дали им помагате или ги подучувате или оставате само на нив, бидејќи станува збор за колективна работа..
Петар Горко: Секогаш се трудам пред се да сум другар со нив. Укажувам на се што може да помогне, не критикувам само да дадам критика, одма давам совет и нудам решенија. Некои прифаќаат, некои не, важно е што никогаш немам лоша мисла кога тоа го правам. Зашто тие се дел од нашиот театар и за театарот се работи, да се изградат во квалитетни личности и актери кои ќе ја продолжат традицијата да се занимаваат со добар театар, она што ни е наследство од постарите колеги, па така да имаат можност и тие да бидат репер за следните генерации.
Читај бе: Омилен автор, книга, песна, жанр на музика, филм и серија...
Петар Горко: Ги сакам руските автори како книги, Достоевски, Чехов, Јесењин, го сакам Шекспир неизмерно многу, ги сакам авторите како Ричард Бах – Галебот, Халил Џибран, Рабиндранат Тагоре и многу други, а од македонските Петре М. Андреевски најмногу.Песни исто имам многу, слушам добра музика, не слушам турбо фолк од тоа се суши мозокот, а филмови и серии уф,… Беше еднаш во Америка – ми е број еден на листата, но ги има многууу затоа што не запирам со деноноќно гледање на серии и филмови.
Читај бе: Колку од денешна перспектива глумецот вложува да одигра одлично и притоа тоа да биде на македонски сценски говор?
Петар Горко: Јас сум голем борец на македонскиот јазик, страшно сум револтиран на извитоперувањето по медиумите и на сцената, максимално се трудам, дури им сум досаден на колегите со исправките. Зашто што ако ние, на кои ни е основно средство јазикот, не го почитуваме, како сакаме другите да ни го почитуваат.