Стручно жири од 20 члена на BEAM – Best Event Awards Macedonia и нивните организатори, на фестивалот Илинденски денови во организација на НУ Центар за култура Битола му додели ,,Награда за најдобар настан на државна институција за 2022 година”, објави директорката на Центар за култура Битола, Маја Андоновска Илијевски.
,,Од срце им благодарам за наградата, чест беше да се биде дел од фестивал кој ги вреднува,поддржува и оценува најважните настани во државата. Само за потсетување 52 издание на фестивалот кој го слави фолклорот и традицијата понуди 13 фестивалски денови , во кои Битола стана една светска крстосница на култури, народи, бои, ритми, јазици, а секое ќоше на Широк сокак, Старата битолска чаршија, Хераклеа, градскиот парк, нудеја различни доживувања.
Ако во 1971 година идејата беше револуционерна за фестивалот, оттогаш до денес фестивалот има еволутивен тек и зад него стојат генерации на луѓе кои вградиле многу. Овој фестивал не е само фестивал во традиционална смисла на зборот, каде што некои мислат дека ќе дојдат, ќе заиграат и ќе заминат, овој е фестивал кој чува и поттикнува на истражување, инспирира, креира, едуцира и создава нови вредности. Заради сето тоа денешната слика на фестивалот е прекрасен мозаик од традиција, која потекнува од корените и од цветовите кои што ги сочинуваат креативноста и луѓето од овој фестивал.
Ова е фестивал кој привлекува публика не само од Битола и регионот, туку по него носталгично копнеат и нашите иселеници, за кои оваа година специјално ја пренесувавме во живо на интернет атмосферата од Дефилето по широк сокак, свеченото отворање и затворање на фестивалот. Ова е фестивал кој потсетува дека културата е најголемиот амбасадор, и ги надминува сите граници, јазични и религиски бариери, ова е фестивал со кој израснале генерации и генерации битолчани, фестивал кој ги надмина сите предизвици, вклучително и Корона предизвикот кога светот застана, но ние не дозволивме фестивалот да застане… се случувал и ќе се случува, затоа што кога се помислува на лето во Битола, во асоцијацијата нераскинливо се врзува и фестивалот Илинденски денови.
На крај би констатирале дека 52 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри ,,Илинденски денови” отвори нови хоризонти за развој и афирмација, како и успешна презентација и заштита на меѓународното и домашното нематеријано културно наследство.
Фестивалот е дел од годишната програма од национален интерес на Министерство за култура, своја поддршка добива и од општина Битола, а се организира во соработка со ЦИОФФ, СОФАМ, Катедра за етнокореологија на музичката академија при УГД Штип, претставници од институтот за фолклор Марко Цепенков Скопје, Ансамблот Танец, како и голем број на асоцијации и поединци.И за крај ова е фестивал кој ја носи Битола во срцето”, напиша Андоновска Илијевски.