Пишува: Кристина Димчевска,
специјалист за дигитален маркетинг
Во последните 10 години на македонскиот пазар за труд се појавија многу нови работни позиции во областа на дигиталниот маркетинг, онлајн продажбата и воопшто e-commerce. Интересно за овие нови работни позиции и новоотворените маркетинг агенции беше дека скоро сите работеа или сé уште работат на странски пазар. Голем дел од агенциите вршат outsourcing за странски агенции за маркетинг или имаат договори со американски или европски фирми на кои им ги продаваат своите услуги.
На македонскиот пазар во изминатото десетлетие имаше неколку ретки случаи на бизниси кои тргнаа по стапките на врвните брендови од ЕУ, ги направија своите први чекори во дигиталниот свет и почнаа да продаваат дигитални и физички производи и услуги на домашениот пазар. Многу од нив се разочараа од неуспесите и се повлекоа, а некои го прославија својот бренд.
Табела 1: Топ 5 online најпродавани производи во ЕУ и Македонија
Европска Унија | Македонија |
Спортска опрема | Облека и обувки |
Електроника | Аксесоари |
Облека | Производи за дома и декорации |
Кујнски мебел | Школска опрема |
Апарати за домаќинство и апарати | Електроника |
Извор: https://www.usabusiness.co.in/best-selling-products-europe/
Најпродаваните производи во ЕУ и во Македонија (Табела 1) не водат до заклучок дека воглавно се продаваат исти производи, со исклучок на кујнски мебел и апарати за домаќинство, за кои македонските потрошувачи преферираат да ги купуваат во живо. Додека пак, меѓу најголемите брендови во областа на e-commerce во Македонија се вбројуваат online продавници како[1]: Телеком, Нептун, Сетек, Фокус, Групер и др. Од друга страна на европскиот пазар се издвојуваат[2]: Otto Group (Германија), Zalando (Германија), Veepee (Франција), Carrefour (Франција) и др.
Факт е дека Европа има 51 земја и повеќето од нив имаат свој јазик и култура, но и секоја земја има свои ресурси и различно темпо на развој. Дури 80% од европските B2B купувачи го прават своето истражување онлајн и тоа е главната причина зошто дигиталниот маркетинг стана важен во развиените земји во Европа. Европската унија е клучен пазар за балканските земји со речиси 450 милиони потрошувачи во 27 земји. Тоа е само 6% од глобалното население, но тие генерираат 25% од глобалниот номинален БДП. Овие статистики го прават пазарот на ЕС и важноста на дигиталниот маркетинг заедно со e–commerce едно од клучните нешта на кои треба да се посвети внимание.
Табела 2: Реклами пуштени преку Facebook Ads Manager во 2020 год
Држава | Број на реклами | Потрошени средства (евра) | Средна цена на една реклама | Буџет за реклами реклами по глава на жител |
С.С | 30,827 | 429,694 | 13,93 | 0.21 |
Србија | 46,749 | 1,408,516 | 30,13 | 0.21 |
Албанија | 19,484 | 449,824 | 23,08 | 0.16 |
Бугарија | 85,475 | 3,752,397 | 43,9 | 0.54 |
Германија | 882,976 | 90,864,489 | 102,9 | 1.09 |
Романија | 320,906 | 13,521,599 | 42,14 | 0.71 |
Франција | 415,407 | 41,716,570 | 100,42 | 0.62 |
Извор: Fb Ads Library URL: https://www.facebook.com/ads/library/?active_status=all&ad_type=political_and_issue_ads&country=MK&media_type=all
Доколку ги споредиме буџетите потрошени на реклами (Табела 2) на една од најпознатите платформи за реклами, Meta (Facebook и Instagram) ќе дојдеме до заклучок дека Балканските земји користат исти средства и цената на рекламите се движи во исти граници во секоја од земјите. Од друга страна во Европа рекламите се многу поскапи, што освен што покажува за развојот на овие земји, зборува и за фактот дека оваа цена им отежнува на македонските производители да се пробиваат во дигиталниот свет во ЕУ.
Интересно е да се спомене дека додека на македонскиот пазар многу странски продавачи и производители уживаат во довербата која доаѓа од страна на клиентите, истото не може да се каже за македонските продавачи на европскиот пазар. Спротивно на тоа ако до периодот на корона вирусот на македонските потрошувачи им беше помалку веродостојно да нарачуваат преку интернет, сега оваа навика станува секојдневие и македонските продавачи и производители се повеќе и повеќе ги добиваат своите приходи од online нарачки.
Секторот на e-commerce и дигитален маркетинг е уште во почетна фаза на развој, но во последните неколку години овој развој е забрзан. За ова сведочат не само горенаведените факти, туку и растот на продажбата на социјалните мрежи, огромниот број на новокреирани вебсајтови со македонски домејни и др. Во споредба со ЕУ може да се каже дека развојот на овој сектор е многу поголем и истиот служи како многу добар пример за македонските бизниси.
[1] https://www.aftership.com/store-list/top-100-mk-ecommerces-stores
[2] https://www.retail-index.com/E-commerceretail.aspx
За повеќе совети и информации од областа на дигиталниот маркетинг следете го Инстаграм профилот на Кристина Димчевска: