Пишува: Сара Танаскоска

Додека да трепнеш светот е веќе неколку чекори пред нас. Понекогаш се прашувам дали времето кај нас тече исто како и кај остатокот од светот. Додека на други места за неколку години никнуваат нови болници, училишта, патишта, кај нас изгледа дека времето се развлекува како гума. Еден клинички центар го најавуваме со децении, со макети, прес-конференции, ветувања, а се’ уште немаме ниту темелна јама што ќе ни каже: „Еве, конечно почнавме“.
Во Македонија, процесите не се бавни туку безвременски. Прочитав дека една филмска куќа за потребите за снимање на серија изградила цела населба за кратко време, се фрапирав од фактот дека ние одамна сме го пропуштиле последниот воз. Автопатот Кичево-Охрид се гради и ќе се гради, додека да се заврши целосно делови од него ќе мора да се реконструираат. Вакви примери има безброј и за жал ние веќе не сме изненадени од тоа. Можеби најтажното во целава приказна за Македонија е што ние веќе не реагираме, сето тоа поминува со два статуси на социјални мрежи. Ова општество не е веќе ниту луто, ниту тажно туку изморено од кругот кој го вртиме веќе три децении. Ние сме навикнати на дното кое има подрум.
Ние сме тие кои сме научени да живееме со недвршени патишта, со половични резултати и еден стар часовник што одамна го покажува истото време. Клучното прашање е: до кога? Кога тој часовник ќе проработи? Додека светот оди напред со брзина на светлината ние уште стоиме во пред истата крстосница, a во раце ги носиме истите камења од минатото.
На крајот, останува само надежта дека некој, некогаш, ќе се осмели да ја прекине оваа хронична пауза и да почне да гради не само цигли, туку доверба. А дотогаш, ќе си живееме во земја каде времето не тече… туку стои.








