„Биди Своја“ денеска се искачи највисоко на пиедесталот на трката во Прилеп, „Че Трчаме“, го освоија првото место како тим на 5 километри во женска конкуренција. Трката ја истрчаа 9 жени кои беа дел од тимот на „Биди Своја“.
Нив ги предводеше Маја Атанасовска, организаторот на првата женска трка во Битола „Биди Своја“, чија цел е да ги мотивира жените и од нив да го извлече максимумот, да ги охрабри и мотивира дека за нивното здравје е најважна физичката активност.
„Среќна сум за победата и освоеното прво место на трката! Овие жени се доказ за тоа дека кога работиме заедно како тим, можеме да постигнеме секаква цел која ќе си ја поставиме. Не заборавајте дека и најголемите успеси се постигнуваат со силна волја, посветеност и доверба во себе. Им посакувам на тимот од „Биди Своја“ оваа победа да ги мотивира да продолжат да бидат СВОИ и да се стремат кон нови ВИСИНИ. Секој член од тимот има своја улога и важност и само со заеднички напори можеме да го преземиме светот“, изјави Маја за Читај бе.
Инаку Маја често учествува на трките во Македонија, но и во регионот. Постојано може да ја видиме како трча во градскиот парк во Битола подготвувајќи се за секоја наредна трка. Таа ја поздравува идејата да се одржуваат трки во градовите низ Македонија затоа што на тој начин се подигнува свеста кај јавноста за спортување. Наредната трка на која ќе учествува ќе биде во Кичево, а потоа во Гевгелија.
Нејзината порака до сите жени е:
Ако имаш цел, имаш и борба. АКО ИМАШ БОРБА, имаш и успех. Во оној момент кога ќе помислиш дека не можеш да успееш, тогаш си најсилна. Никогаш не се откажувај, особено не во најтешките моменти.