Со порака дека децата заслужуваат квалитетна литература, во Битола беше промовирана првата книга за деца на новинарката Маја Богоевска – „Низ детските очи“. Промоцијата се одржа на 23 април, Светскиот ден на книгата, во киното „Манаки“, во присуство на љубители на пишаниот збор и детската литература.



Книгата содржи 26 раскази наменети за деца од 5 до 8 години, во кои преку топол и разбирлив јазик се раскажува за детското секојдневие, љубопитноста, природата, годишните времиња, здравите навики, животните и другарството. Дел од приказните се инспирирани од детството на нејзината ќерка Доротеа, па ликовите Дори и Теа имаат посебно место во оваа збирка.
„Како еден новинар може да пишува за деца? Многу тешко. Кога работев новинарство, светот го гледав онаков каков што е, брутален, реален, со сивило, политики и темнина. А, кога пишувам за деца, го гледам онаков каков што треба да биде, весел, шарен, радосен“, истакна Богоевска, објаснувајќи ја својата желба повеќе да се посвети на пишувањето за најмладите.
На свечената промоција зборуваа промоторите Биљана Котевска-Димко, професорка по македонски јазик и писателка и д-р Аница Златевска, психолог и автор на литература за деца.

Во рамки на настанот настапија и ученици од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола, како и младиот 11-годишен саксофонист Филип Нешковски.

За значењето на книгата и нејзината улога во детскиот развој говореше промоторката д-р Аница Златевска, психолог и авторка на книги за деца. Таа ја нагласи важноста од читањето уште од најрана возраст, кога децата го усвојуваат мајчиниот јазик, го збогатуваат речникот и почнуваат да го запознаваат светот околу себе.

Според Златевска, детската литература има важна улога и во развивањето емпатија, толеранција, пријателство и социо-емоционални вештини, кои им помагаат на децата да ги разбираат сопствените чувства и да ги надминуваат конфликтите со врсниците.



Посебна вредност на „Низ детските очи“ е начинот на кој секојдневните детски доживувања се претвораат во приказни што поттикнуваат љубопитност, фантазија и размислување. Преку блиски теми и препознатливи ситуации, книгата им нуди на најмладите можност да учат, да откриваат и да ги препознаваат вредностите што се градат уште во детството.




Рецензентката м-р Ана Кондоклоцис во својата оценка го истакнува поврзувањето на детето со природата, љубовта кон растенијата и плодовите, радоста во различните годишни времиња и другарството – вредности што остануваат важни и кога детството ќе стане спомен.



Книгата „Низ детските очи“ е добитник на наградата „Пелистерски ракувања“, доделена на конкурс на издавачката куќа „Дата Песнопој“.

Со ова дело, Маја Богоевска го прави својот прв книжевен чекор во литературата за деца, нудејќи им на најмладите читатели приказни што ги поттикнуваат да го истражуваат светот, а на возрасните – потсетник дека понекогаш треба да застанат и да погледнат на животот низ детските очи.




















