Пишува: Сара Танаскоска
Живееме во време кога гласноста се наградува, а тишината се толкува како слабост. Во свет каде што секој има што да каже, најмалку се слуша оној што навистина има што да почувствува. Понекогаш не ми е јасно што е поентата да бидеш гласен кога твојот збор нема соодветна тежина.
Тивкиот човек постоел и во минатото, постои и денеска ама во друга форма. Тој е невидлив. Не затоа што нема став, туку затоа што не се натпреварува кој ќе биде погласен. Не затоа што нема мислење, туку затоа што внимателно избира кога и кому ќе го каже.
Во овој прегласен и темен свет, нечија вредност често се мери со присуство односно колку си видлив, колку си активен, колку си „тука“. А еден тивок човек ретко се вклопува во таа математика. Истиот не зборува за се’, не реагира на секоја појава, не чувствува потреба да биде дел од секоја приказна. И токму затоа, најчесто е погрешно разбран.
Го нарекуваат повлечен, незаинтересиран, па дури и студен. Малкумина сфаќаат дека зад таа тишина не стои празнина, туку длабочина. Дека не секоја мисла бара глас, и не секое чувство бара публика. Проблемот не е во тивкиот човек. Проблемот е во светот што не знае да слуша. Свет што се плаши од пауза, од тишина, од простор во кој човек може навистина да се соочи со себе.
Затоа постојано се зборува. Затоа постојано се објавува. Затоа постојано се реагира. Не затоа што има што да се каже, туку затоа што има страв да не се остане во тишина. А тишината не е празна. Таа е место каде што мислите се расчистуваат, каде што чувствата добиваат форма, каде што човек се среќава со себе без филтри. Тивкиот човек го знае тоа. Затоа не брза. Затоа не вика. Затоа не се обидува да биде нешто што не е.
Можеби во свет што постојано бара гласност, најголема храброст е да останеш тивок. Не затоа што немаш што да кажеш, туку затоа што знаеш дека вредноста не е во тоа колку гласно ќе зборуваш, туку колку вистинито ќе молчиш.







