Таксират фестивал го најавува вториот ден од главната програма на овогодинешното издание како најмоќната техно епизода досега – со нешто сосема ново во фестивалското искуство: првата 12-часовна техно журка што ќе започне во 13:00 часот и ќе трае до 01:00 по полноќ.
На 7 декември во Арена „Борис Трајковски“, ќе настапи еден од хедлајнерите на годинашниот Таксират – SVEN VӒTH, живата легенда што ги постави темелите на техно-звукот на глобалната сцена. Музички пионер, визионер и култен уметник, Свен Ват и денес го диктира пулсот на водечките светски подиуми.
Во истиот ден кога на главната бина ќе настапи легендарниот Sven Väth, македонската техно сцена ќе биде претставена со внимателно одбрана листа на домашни диџеи кои ќе обезбедат непрекинат бран на беспрекорен електронски звук:
Mongo b2b Omaru, Wish.ko, Maci, Christian HSS, Petko.ov, Avramoski, Dodevski, Lesya b2b Diah и Pass-N-G-R.
Со оваа програма, Таксират воведува нов формат што ја поврзува дневната и ноќната фестивалска атмосфера, овозможувајќи континуирано доживување од 12 часа. Новиот концепт е значаен чекор напред во развојот на домашната електронска сцена и создава простор каде што локалните диџеи настапуваат рамо до рамо со највлијателните артисти од светската историја на електронската музика и клабинг културата.
За организацискиот тим на Таксират, оваа програма претставува и начин да се прослави локалната електронска сцена и да ѝ се даде заслужено место на главната фестивалска бина. Таксират отсекогаш бил простор за поврзување и откривање нови концепти, а оваа година фестивалот тоа го прави токму со вториот ден од главната програма, посветен исклучиво на електронската музика.
Ова воедно го заокружува главниот дел од програмата, која ќе започне ден претходно со настапи на Onyx, Lacuna Coil, Ezhel, Дубиоза Колектив, ЛД Пистолеро и многу други.
Покрај главната програма што ќе се одржи на 6 и 7 декември во Арена „Борис Трајковски“, во рамките на Таксират 2025 веќе се најавени и следните настани:
- Концерт во чест на Влада Дивљан – на 17 ноември во Филхармонија ќе настапи неговата група „Невладина Организација“, заедно со Кирил Џајковски и Констракта како специјални гости.
- Музичката конференција ПИН – со бесплатен влез за посетителите, ќе се одржи од 27 до 29 ноември во МКЦ, а на 15 декември таму ќе се одржи и првиот самостоен концерт на Буч Кесиди.
Влезниците и сите детали за Таксират се достапни на официјалната веб-страница taksirat.mk.
Со два дена и 25 изведувачи во главната програма, како и повеќе од 70 концерти во дополнителната, Таксират уште еднаш го потврдува својот статус како еден од водечките музички фестивали во регионот – фестивал кој не само што носи светски имиња, туку го гради и поддржува домашниот музички и фестивалски идентитет.

Таксират, Д Фестивал и ПИН номинирани за најдобри европски фестивали
Влијателноста на Таксират оваа година повторно добива меѓународно признание со номинацијата за престижните Европски фестивалски награди.
Во трката за фестивалските оскари, Таксират, Д Фестивал и ПИН конференцијата се номинирани во категоријата „Најдобар мал фестивал“, која ги опфаќа фестивалите со капацитет до 10.000 посетители дневно, според европските стандарди за организација.
За победниците ќе одлучува публиката преку јавно гласање, отворено и за македонската публика, кое трае до 20 ноември на следниот линк:
👉 https://www.europeanfestivalawards.org/public-voting/
Победниците ќе бидат прогласени на 14 јануари 2026 година во Гронинген, Холандија.








